Уставниот суд ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распишување на референдум, донесена од Собранието на Република Македонија на 30 јули 2018 година.
За отфрлање на иницијативата гласаа седум уставни судии, а за беа двајца – Елена Гошева и Јосиф Јосифовски.
Судијата известител Елена Гошева претходно предложи да се поведе постапка за одлуката за распишување референдум и да се изрече времена мерка и запирање на сите активности на извесен период.
Според неа, одлуката содржи повеќе правни недостатоци. Прашањето за референдумот, како што рече, е манипулативно, видот на рефередумот не е јасен, а не е наведен и целосниот назив на договорот од Преспа. Гошева смета дека одлуката за референдумот не содржи четири од седум елементи за референдум. Според неа, прашањето треба да е поделено на три прашања.
Со поинаков став се судиите Дарко Костадиновски и Осман Кадриу, кои беа предложени за уставни судии од претседателот Ѓорге Иванов. Тие сметаат дека одлуката ги содржи сите потребни елементи и дека барањата за нејзино оспорување се неосновани. Судијата Костадиновски рече дека има правни недостатоци, но оти тие не се суштински и не се причина за поведување постапка.
За судијата Осман Кадриу, одлуката за распишување референдум е уставна затоа што е донесена со мнозинство гласови во Собранието. И судиите Насер Ајдини, Вангелија Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојановски, како и претседателот на Уставниот суд Никола Ивановски рекоа дека не гледаат прекршување на уставните одредби.
Само судијата Јосиф Јосифовски и даде поддршка на Гошева. Тој смета дека одлуката за референдум не е во согласност со Уставот и дека прашањето е нејасно и непрецизно.
По изјаснувањето на сите судии се прејде на гласање при што иницијативата за поведување постапка беше отфрлена.
Подносители на иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на одлуката за распишување на референдум, се политичката партија Левица и Светскиот македонски конгрес.