Премиерот Зоран Заев, заедно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, денеска во Собранието се сретнаа со претседателите на опозициските албански политички партии, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши, како и со пратеничката Илире Даути од Алијанса за Албанците.
Целта на состанокот беше доусогласување на предложените решенија и ставовите во однос на донесувањето на законските одредби за стекнување државјанство утврдени на претходната средба.
Во изјавата по средбата премиерот Заев истакна дека е усогласен договор за законските решенија и нагласи дека деталите ќе бидат соопштени откако ќе бидат ставени на хартија правните формулации на договорените решенија.
– Веднаш ќе се работи на законското решение и верувам дека најбрзо што е можно кога ќе го имаме на хартија за да го видиме, да го потврдиме, а потоа и да ги споделиме со јавноста сите детали. Исклучително и само од аспект на внимателност. Се договоривме да соопштиме дека има договор – рече премиерот Заев.
Тој додаде дека откако решенијата ќе бидат ставени во правна законска рамка ќе бидат информирани и другите претставниците на коалицијата на мнозинството и на опозицијата во Парламентот.
– Мислам дека се сега само денови во прашање – додаде Заев.