Официјалното име на усвоениот документ е Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции. Овој документ, изгласан вчера (29 јули) во македонското собрание, ја обврзува Владата во преговорите со Бугарија за надминување на блокадата за почеток на пристапните преговори со ЕУ да го почитува континуитетот на македонскиот јазик и неговите дијалекти, како и да се почитува автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, сето тоа базирано на сознанија на науката и утврдените факти, теории и истражувања и почитување на меѓународното право
Македонското собрание со 95 гласа за, еден – воздржан и ниту еден против, ја усвои резолуцијата со која се одредуваат македонските црвени линии во преговорите со Бугарија, односно во контекст на целиот процес на евроинтеграциите. Официјалното име на усвоениот документ е Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции. Овој документ, изгласан вчера (29 јули) во македонското собрание, ја обврзува Владата во преговорите со Бугарија за надминување на блокадата за почеток на пристапните преговори со ЕУ да ги почитува: континуитетот на македонскиот јазик и неговите дијалекти, како и да се почитува автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, сето тоа базирано на сознанија на науката и утврдените факти, теории и истражувања и почитување на меѓународното право.
Предлогот беше доставен до Собранието од пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но и покрај одредени забелешки, беше поддржан од сите политички чинители во Македонија, уште во иницијалната фаза. Пред гласањето за резолуцијата, пратениците од мнозинството изгласаа амандман, со кој се вметнува уставното име во текстот на резолуцијата.
Ваквата собраниска резолуција се наметна како потреба за политичко дефинирање на позициите на македонската држава, по сите блокади и условувања што ги добива земјата во процесот на евроинтеграциите, а особено по Декларацијата на бугарското собрание за преговорите на ЕУ со Македонија од 2019 година. Декларацијата на бугарското собрание е своевидна листа на услови и уцени за Македонија.
Резолуцијата е донесена пред почетокот на летниот распуст на пратениците, кој почнува веќе од викендов. Токму за неопходноста за донесување на резолуцијата во повеќе наврати пишуваше и „Нова Македонија“, а најновиот текст насловен „Резолуција, клучни закони, па потоа летен одмор“ беше објавен непосредно пред изгласувањето на резолуцијата во Собранието. Националниот и државниот интерес секогаш треба да бидат водечката идеја, како во политичкото така и во медиумското дејствување, и аргумент со кој не смее да се калкулира поради какви било други интереси или придобивки. Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции го има значењето на симбол на националниот интегритет во однос на атрибутот на македонското постоење: континуитетот на македонскиот јазик и неговите дијалекти, како и да се почитуваат автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет. Истовремено претставува мапирање на појдовната (но и крајна) точка од македонска страна во целиот евроинтеграциски процес што ни претстои, од која не смее да се отстапи пред непринципиелни условувања, кои се обидуваат да се наметнат како „европски вредности“.