На кој начин Македонија може да ја искористи меѓународната полициска соработка за надминување на прашањата што го мачат домашниот безбедносен апарат објаснува за „Нова Македонија“ универзитетскиот професор д-р Томе Батковски од Факултетот за безбедност во Скопје
Постои ли меѓународен механизам што може да го искористи нашата држава за поуспешно да ги пронајде и донесе до судовите бараните лица по потерници од Македонија?
– Секако дека постои меѓународен механизам. Имено, станува збор за Интерпол, меѓународна организација на криминалистичката полиција што е основана во 1956 година во Виена, а чии корени датираат многу порано, од 1923 година, кога во истиот град било формирано меѓународно полициско здружение на Меѓународниот конгрес на полицијата. Овој датум, всушност, се смета како темелен во создавањето на Интерпол. Патем, ваквото меѓународно полициско здружение престанало со работа по анексијата на Австрија од страна на нацистичка Германија во 1938 година.Значи, полициската соработка на меѓународен план е со долга традиција. Конкретно, Интерпол има државни централни бироа во секоја држава-членка, па, во таа смисла, такво национално биро за соработка со Интерпол постои и работи и во нашава земја. Во рамките на Интерпол работи посебно одделение, од кое се координира работата на националните криминалистички полиции на планот на борбата против криминалот, а преку него се вршат и обработки и распишувања на меѓународни потерници. Но националните бироа на Интерпол имаат поширока функција, како собирање релевантни податоци и документи за меѓународната полициска соработка, комуницирање и пренос на барањата за добивање информации и воспоставување на соработката, обезбедување на реализирањето на барањата за операции што ги упатиле националните бироа на другите држави.
Каква е нашата соработка со меѓународните полициски организации Европол и Интерпол и дали таа може да добие на динамика во актуелните процеси?
– Сметам дека националното биро на Интерпол во Македонија редовно и активно ја реализира соработката во рамките на Интерпол, па, во таа смисла, и на планот на барањата за распишување меѓународни потерници и постапувањето по веќе распишани меѓународни потерници. Во природата на работата на криминалистичките полиции се начелата на оперативност, брзина и ефикасност, објективност, навременост, координираност и целесообразност во дејствувањето. Со други зборови, динамиката во работата на криминалистичките полиции (и во безбедноста – пошироко) е нешто што се подразбира. Станува збор за систем во работата што е составен од следните меѓусебно поврзани елементи: оперативно-истражувачка работа; оперативно-тактичка работа и оперативно-техничка работа. Од квалитетот на овие составни елементи ќе зависи и успехот на целокупното криминалистичко поставување и дејствување. Значи, самата соработка со Интерпол, во целина, не треба да се гледа само од формална страна, туку, пред сѐ, од исполнувањето на основните постулати во тековното криминалистичко работење. Со други зборови, од квалитетот на работата на криминалистичката служба во државата ќе зависи и успешноста на соработката на националното биро во рамките на Интерпол.
Имате ваша идеја за формирање регионален центар за подобрување на овие состојби. Како го замислувате, кои се неговите цели, придобивки и полза за нашите институции?
– Согледувајќи ги акутните безбедносни проблеми во регионот Западен Балкан, уште пред шест години (2015) подготвив и презентирав научен труд на меѓународната конференција во Охрид, која се одржа во организација на мојот матичен факултет – Факултетот за безбедност – Скопје, под наслов „За безбедносните закани и потребата од формирање регионален безбедносен центар во регионот Западен Балкан“.
Во трудот тргнувам од тежината на безбедносните прашања што ги притискаат државите од овој регион, вклучувајќи ја и Македонија, и феноменологијата на планот на тероризмот и организираниот криминал што се карактеризира со многу заеднички елементи, од каде што и произлегува потребата за формирање ваков безбедносен центар. Во трудот ги обработувам суштинските обележја на тероризмот и организираниот криминал и, посебно, нивните допирни линии. Наедно, ја презентирам структурата на регионалниот безбедносен центар, што треба да содржи раководно-координативно тело, оперативен дел и истражувачко-информативен (аналитички) сегмент. Овој центар, треба да овозможи многу тесна и ефикасна соработка на безбедносно-контраразузнавачките, разузнавачките и полициските служби во државите од регионот. Меѓу другото, ваквиот безбедносен центар би овозможил брзо откривање, следење, документирање и спречување на дејствувањето на илегалните терористички мрежи и нивните носители, криминалните групи и организации, сложените форми на корупција и „перењето“ пари, што, во крајна линија, ќе ја зацврсти безбедноста на државите и нивната финансиска стабилност. Доколку во 2015 година, според моето мислење, постоеше голема потреба од формирање ваков безбедносен центар на Западен Балкан, сега таа потреба е ургентна.