Како што се развива кампањата поврзана со референдумот, кој треба да се одржи на 30 септември, така со свои ставови пред јавноста излегуваат сѐ повеќе личности што се определуваат за едниот или за другиот табор. Така, во прилог на таборот „за“, кој ја поддржува евроатлантската перспектива на земјата заедно со спогодбата со Грција од Мала Преспа, свое мислење искажа и универзитетскиот професор и поранешен претседател на Економскиот совет на СДСМ, Ванчо Узунов.
– Референдумот за нас е да фрлиме дупла шестка во играта. Вака само можеме да седиме однадвор и да гледаме како другите играат и да ни биде криво и да стануваме сѐ посиромашни. Тоа е целата прикаска. Тука не станува збор за никакви идентитети, за никакви имиња. Човек си е тоа што си е, тој што си е Македонец си е Македонец. Дај да видиме како тој да живее малку подобро -изјави Узунов во телевизиска дебата.
Претходно македонскиот бизнисмен Орце Камчев изјави дека се согласува со спогодбата од Мала Преспа.
– Да нема дилема, јас лично би потпишал ист договор со Грција – изјави Камчев.
Во овој контекст за забележување е и изјавата на македонскиот репрезентативен ракометар, Наумче Мојсовски, кој вели дека се залага за држава што сака европски можности за македонските спортисти.
Македонска театарска, филмска и телевизиска актерка Сања Арсовска вели: „Јас ја сакам Македонија, сакам во неа да гледам владеење на правото и нови културни вредности. Сакам да ја видам во Европската Унија“.
Интересно, но и високи црковни великодостојници се вклучија во кампањата.
Во свое видеообраќање Отец Пимен ја поддржа содржината на спогодбата со Грција велејќи дека треба да се обединиме во идејата за европска иднина на нашата земја.
Поетот и пејач Сашо Гигов-Гиш го поддржува референдумот и вели: „Како секој нормален човек, иднината на Македонија ја гледам во Европа. Нема никаква политичка заднина, туку во прашање е здравиот разум. Тоа е мојот личен избор и перцепција“.
Инаку, во проектот за поддршка за референдумот, освен Гиш, учествуваат и Тијана Дапчевиќ, Тамара Тодевска, Бени Шаќири, Виолета Томовска, Ѓоко Танески, Драган Спасов-Дац, Златко Ориѓански, Дани, Викторија Лоба, Бубо Каров, Дарио, Кристина Арнаудова, Александар Митевски и многу други.
Во една од јавните трибини низ државата за поддршка на референдумот пејачката Кристина Арнаудова запрашува дали може нашите деца да живеат поубав живот од нас.
– Јас сонувам за една таква Македонија – Македонија во која сите живеат убаво. Единствениот пат за тоа е 30 септември – изјави Арнаудова
Нејзината колешка, пејачката Викторија Лоба, пак, во свое излагање на оваа тема изјави дека ова е најголемата шанса за Македонија да стане силна и сериозна држава.
Естрадниот уметник и шоумен Бубо Каров, кој е советник во Владата на Македонија, пак, смета дека патриотизам е да сакаш државата да напредува и да се развива.