Во денешниов текст ќе се задржам повеќе на Преспанската спогодба, иако аргументите што ќе ги изнесам тука, еднакво важат и за другите договори/документи што ќе ги набележам во продолжение на текстот. Цитирајќи делови од книгата „Комунистичка интима“ (2021) од Јасна Котеска, метафорички ќе предложам одговори на три прашања поврзани со Преспанската спогодба. На самиот почеток би сакал да подвлечам дека доколку се земат предвид (1) поведените/прифатените иницијативи од Владата, (2) изјавите на тековните властодршци, провладините медиуми и нивните поддржувачи, (3) изјавите на најголем дел од политичарите од некои соседни држави и (4) пораките на нашите стратегиски сојузници, може јасно да се заклучи дека Спогодбата допира во темелите на македонскиот идентитет и поради тоа воопшто не изненадува големата загриженост меѓу интелектуалците, професорите и обичниот народ за иднината на Македонија.
Ќе се обидам да му доловам на читателот што точно ѝ се случува на Македонија цитирајќи го следното: „Има една чудна сцена, клучна за разбирањето на екстремните услови на добрината, од романот ‘Дон Кихот’ (1605) на Сервантес. Витезот на доброто среќава група трговци на свила пред кои застанува воинствено и бара тие еднодушно да признаат дека на светот нема поубава девојка од неговата Дулсинеа, во спротивно ќе ги смета за непријатели и ќе мора да војува со нив. Трговците застануваат збунети пред ова тотално апсурдно барање, и во прв миг рационално му одговараат дека безрезервно би ја признале супериорната убавина на девојката доколку Дон Кихот им понуди некаков доказ, портрет или што било друго. Дон Кихот одговара: ‘Кога би ви ја покажал, каква цена ќе има вашето признание на толку јасната вистина? Важноста е во тоа без да ја имате видено да поверувате, да признаете, да потврдите и да ја поддржите’“ (Котеска, страна 359).
Така, оваа поучна приказна, веќе со години се повторува во Македонија. Македонските политичари претпоставуваат дека тие безусловно ја имаат нашата безрезервна поддршка за прашања поврзани со македонскиот идентитет и нивното однесување го базираат на таа апсурдна претпоставка. Поради тоа, од нас се бараше и сѐ уште се бара, договорите/спогодбите, со кои се актуализира и/или проблематизира, па дури и се негира, македонскиот идентитет, да ги признаеме, да ги прифатиме, да ги потврдиме и поддржиме, без воопшто внимателно и детално да ги прочитаме и анализираме. Во тој контекст, политичарите ја играат улогата на „доброчинители“, но, за жал, тие го правеа тоа со многу оскудно или без геополитичко знаење и умеење. Тоа се покажа погубно за Македонија. За да биде апсурдот уште поголем, ние добивме „закани“, повторно од некои „доброчинители“, дури и тогаш кога изразивме сомнеж во исправноста, соодветноста, легитимноста и корисноста на договорите/спогодбите и поведувавме иницијативи (трибини, колумни, размисли) за нивна научна анализа.
Прво прашање: Кои се причините, во еден ден, на 17 јуни 2018 г., со еден потпис да се избрише фактот дека во периодот до пред тој ден, односно до 16 јуни 2018 г., за речиси 80 проценти од жителите на планетата Земја ние бевме Македонци?
„Малите злосторства се прават од користољубие или од навика. Големите од верба и убедување. Само големите идеалисти прават големи злосторства без каење, идеалите ги ослободуваат од гризењето на совеста“ (Котеска, страна 95). Дали Преспанската спогодба е злосторство? Ако одговорот е да, дали е таа мало или големо злосторство? Одговорите на овие две потпрашања всушност го детерминираат одговорот на моето прво прашање, но конкретни одговори за нив оставам да изнајдат читателите (упатувајќи ги, за повеќе информации во врска со тоа, на некои мои колумни во „Нова Македонија“), а бидејќи немам намера да сугерирам одговори, а уште помалку да осудувам, ќе набележам, накусо, неколку факти во продолжение. Прво, Министерството за образование и наука предложи нова концепција на основното образование, што, за жал, беше направено со една единствена цел, да се заборават местото и улогата на предметот Историја во воспитно-образовниот процес на младите генерации и важноста на историската свест на современите генерации за историското минато и за политичката и културната историја на Македонија. Понатаму, во предлог-законот за култура зборот национален се замени со терминот јавен. Примери/факти има многу, што сведочат за разнебитувањето, откажувањето, негирањето, од страна на повеќе македонски државни институции, на сѐ што е поврзано со македонскиот идентитет, дури и на придавката македонски. Така, Преспанската спогодба ја забрани употребата на синтагмата „македонска Македонија“.
Второ прашање: Како можеше да се случи Преспанската спогодба и сѐ што следуваше потоа?
„Трите најголеми идеологии на 20 век: New deal капитализмот, фашизмот и комунизмот оперирале со слични механизми“ (Котеска, страна 80). И денес во демократска Македонија механизмите се исти, притоа два механизми се клучни: информациите што доаѓаат до нас, многу често, се манипулирани (или, по зборовите на Орвел, нашата цивилизација е заробена) и/или се непотребни (или, по зборовите на Хаксли, нашата цивилизација е тривијална). Првиот механизам создаде погрешно информирани граѓани, додека вториот механизам создаде апатични граѓани. Веќе подолго време, медиумите и социјалните мрежи ја зголемуваат поларизацијата меѓу граѓаните – тоа е познатиот ефект „ехо комори“ (на англиски echo chambers). Што значи тоа? Кажано со едноставни зборови, веќе изманипулираните информации од медиумите и социјалните мрежи се оптимизираат и филтрираат на таков начин што се спречува корисниците да бидат изложени на оние информации што се разликуваат од нивните социјални, културни и политички преференции (на пример, вести од левичарските медиуми се филтрирани кај десничарските гласачи и обратно). Тоа доведе до сѐ поголема поларизација (и омраза) меѓу луѓето. Поларизацијата на патриоти и издајници, леви и десни, демократи и автократи, заедно со алчноста и сервилноста на нашите политичари, прво, направи раздор во македонското етничко ткиво, а Македонија дојде до својот егзистенцијален крај, и, второ, овозможи непречено владеење на властодршците.
Трето прашање: Дали Преспанската спогодба го стабилизира/дестабилизира регионот?
За многу експерти самата Преспанска спогодба, но и непосредните случувања по спогодбата (референдумот и со уцени остварената ратификација на спогодбата во Собранието, како и промените на Уставот) се нелегални документи/активности/постапки. Ќе наведам само еден пример за тоа. Прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и во НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“ (за кое пишувале и други) е непрецизно, двосмислено, неразбирливо, конфузно, измамничко, малициозно, наведувачко, нефер, нечесно и неморално. Уште повеќе, постојат трудови што нудат не само „научно објаснување на каприциозноста и двосмисленоста на самото поставено референдумско прашање“ туку зборуваат и за „формално-правните и материјално-правните недостатоци во структурата и содржината на оваа мошне спорна собраниска одлука“. Во Македонија, одзивот на референдумот во 2018 г. од 37 проценти покажа дека гласачите се двоумеа за исправноста на одговорот „да“. Секоја држава што својата иднина ја гради врз нелегални и неуставни документи е осудена на пропаст, и тоа, несомнено, води до дестабилизација на регионот. Владеењето на правото е императив во Македонија, но тоа не може да се постигне со воведување црни листи, туку со имплементирање легални документи. Македонија е, за жал, осудена на пропаст, тоа е нејзината карма, ако продолжи да опстојува врз основа на нелегални и неуставни документи.
Што понатаму? Веќе пишував, единствен излез од кризата е консензус по овие три прашања: (1) македонскиот идентитет и македонскиот јазик имаат словенски, не бугарски карактер; (2) промена на изборниот модел (една изборна единица) и промена на моделот на формирање на извршната власт (консензуален или пропорционален модел) и (3) приспособување и имплементирање на европските вредности, но без инсистирање, по секоја цена, на полноправно членство во ЕУ. За тоа што властодршците досега го направија, делумно и ги разбирам, доколку имаа цел европска Македонија, но, тие не умееја, беа алчни, сервилни, беа сѐ што не треба да бидат. Но она што тие не го разбираат, веќе со години, најдобро се искажува со зборовите на Хамлет: „Ваквите слуги најдобро му служат на еден крал. Тој ги држи како што мајмунот држи орев во аголот на својата вилица; тој најнапред го зема во уста за да го чува, но најпосле го проголтува“ (Котеска, страна 304).
На крајот би завршил со мислата дека е потребна вистинска умешност во морето на манипулирани и/или бескорисни информации да се пронајде достоинствениот пат што води до просперитетна иднина. Патот ќе биде трнлив, особено доколку на крајот од него има нешто толку големо и свето, па затоа се прашувам: „Дали би гладувал, би плачел, би се тепал? / Дали би се кинел себеси, дали би пиел оцет? / Би јадел крокодили? Гледаш, јас би… (Шекспир)“ (Котеска, страна 73). За Македонија, …., јас би, а вие?