Според најновите студии, ако коронавирусот не се промени суштински во структурата и во состојбата како резултат на мутации, дополнително вакцинирање
можеби ќе им треба само на луѓето со слаб имунолошки систем, како што се постари лица или пациенти што го ослабуваат својот имунолошки систем со земање
одредени лекови
НОВИ НАУЧНИ СОЗНАНИЈА ВО ОДНОС НА ВАКЦИНАЦИЈАТА ПРОТИВ КОВИД-19
Каков е ефектот од процесот на вакцинација, дали резултатите даваат надеж за сузбивање на пандемијата, ќе биде ли потребна и трета доза вакцина? Сите овие дилеми се предизвик и за македонското здравство, особено што некои од европските и светските држави веќе донесоа план за трета доза.
Досега воопшто не е кажано дека сите вакцинирани со „Бионтек/Фајзер“ всушност имаат потреба од дополнителна засилувачка вакцина.
Според американските студии, ако коронавирусот не се промени суштински во структурата и во состојбата како резултат на мутации, дополнително вакцинирање можеби ќе им треба само на луѓето со слаб имунолошки систем, како што се постари лица или пациенти што го ослабуваат својот имунолошки систем со земање одредени лекови.
Епидемиологот Драган Даниловски на социјалните мрежи посочува дека не само вакцинираните со кинески вакцини туку и со која било друга вакцина, порано или подоцна, ќе треба да примат и трета доза – во пресрет на делта-сојот.
– Ова особено важи за граѓаните постари од 70 години, особено ако истовремено имаат некоја хронична болест. За да бидете начисто, направете тест за антитела. Ако се под референтната вредност, препорачливо е да добиете трета доза од истата вакцина или, што е подобро, „Фајзер“. Колку што знам, Министерството за здравство веќе работи на тој план – посочува тој.
Венко Филипче, министерот за здравство, вели дека во зависност од состојбата, можно е да се даде и препорака за трета доза од вакцините, но во овој момент не може да претпостави дали вакцината против ковид-19 ќе биде сезонска, или ќе се дава и трета доза.
– Процесот на вакцинација продолжува и доколку се задржи сегашното темпо, до крајот на август треба да бидат вакцинирани 40 отсто од населението – вели Филипче.
Според него, трендот на појава на нови соеви на коронавирусот нема да запре. Има зголемување на бројот на новодијагностицирани пациенти, но во овој момент, според него, нема притисок ниту во болниците ниту во амбулантите. Будно ја следиме состојбата. Можно е овој тренд на пораст да продолжи и понатаму, а ние интензивно ги следиме и анализираме препораките во однос на вакцинацијата – вели Филипче.
Според последните податоци на Министерството за здравство, заклучно со 1 август годинава, со една доза вакцина против ковид-19 се вакцинирани 31 отсто од населението над 18-годишна возраст.
– Кај лицата над 50-годишна возраст, опфатот со една доза изнесува 50,6 отсто, кај лицата над 60-годишна возраст опфатот со една доза изнесува 61,2 отсто, додека кај лицата над 70 години изнесува 64,9 отсто – соопштуваат од ресорното министерство.
Граѓаните може да се вакцинираат без да закажат термин. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територијата на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место и населба.
Здравствените власти постојано апелираат на што поголема заинтересираност за вакцинација во периодот што следува.
– Вакцинацијата е единствен начин да го победиме вирусот и да спречиме негово понатамошно ширење во есенските денови, односно во деновите во кои во светски рамки е прогнозиран иден нов бран на делта-сојот – посочуваат здравствените власти.
Националниот комитет за имунизација во Србија препорача примена на трета доза вакцина против коронавирусот, за што треба да се изјасни Кризниот штаб.
Третата доза треба да се даде најмалку шест месеци по втората, се предлага тоа да бидат РНК-вакцините, односно вакцините произведени од „Фајзер“ или „Модерна“, иако „Модерна“ во моментов не е достапна во Србија, но не се исклучува можноста и за други вакцини.
Како што објасни државниот секретар на Министерството за здравство, Мирсад Ѓерлек, со воведувањето трета доза, дополнително се штитат ранливите категории население, чиј имунолошки систем дава послаб одговор на вакцинацијата, здравствените работници, кои се во постојан контакт со пациенти, како и сите што сакаат да ја примат.
– Третата доза го зајакнува имунитетот и е наменета пред сè за хроничните пациенти, кои боледуваат од потешки болести, како што се малигните заболувања, лицата со трансплантација на коскена срцевина, лицата постари од 70 години, постарите од 60 години што се во домовите за стари лица. Ќе биде наменета и за здравствените работници и работниците вработени во социјалната заштита и социјалните институции – рече тој.
Препораката е донесена врз основа на светските истражувања, кои покажале дека третата доза го зајакнува имунитетот кај луѓето што послабо реагирале на двете дози.
Израелскиот претседател Исак Херцог и неговата сопруга Михал беа меѓу првите што денеска ја примија третата доза на вакцината против ковид-19, откако беше објавено дека земјата ќе биде една од првите во светот што ќе дава трета доза вакцина за луѓе над 60 години.
Одлуката за давање на третата доза била донесена во екот на напорите да се запрат последниот бран на инфекција со делта-сојот на коронавирусот и скокот на бројот на заразени на над 2.000 на ден изминатата недела.
Израелските медиуми наведуваат дека третата доза може да не го спречи растот на бројот на заразени лица, но ќе спречи постарите жители да се разболат сериозно.
Благодарение на вакцинацијата, Израел ја отвори својата економија пред другите земји, но сега бележи голем скок кај заразените со делта-сојот на вирусот, дури и меѓу вакцинираните.
СЗО повика на мораториум на третата доза
Светската здравствена организација повикува на мораториум на давање трета доза на вакцините против ковид-19 барем до крајот на септември годинава.
Нејзиниот шеф Тедрос Аданом Гебрејезус вели дека овој потег треба да овозможи да се вакцинираат најмалку 10 отсто од населението во секоја земја.
– Ја разбирам загриженоста на сите влади да го заштитат својот народ од варијантата делта. Но не можеме да прифатиме земји што веќе го искористиле поголемиот дел од глобалната понуда на вакцини да користат уште повеќе – додаде Тедрос.
Соединетите Американски Држави во јули потпишале договор со „Фајзер“ и германскиот партнер „Бионтек“ за купување 200 милиони дополнителни дози од нивните вакцини против ковид-19 за вакцинирање со трета доза.
– Наместо тоа, треба да се фокусираме врз оние луѓе што се најранливи, најмногу изложени на ризик од тешки заболувања и смрт, за да ја добијат првата и втората доза – посочува Кетрин О’Брајан, директор за вакцини за имунизација и биологија во СЗО.
Белата куќа го отфрли повикот на СЗО за мораториум до крајот на септември, со цел милиони низ светот допрва да се вакцинираат против коронавирусот.
Портпаролот на Белата куќа, Џен Псаки, рече дека Соединетите Американски Држави можат да продолжат да донираат дози за вакцини во странство и да имаат доволно вакцини за да им обезбедат на Американците трета доза, доколку е потребно.