Како што забележуваат нашите соговорници, авторитаризмот, култот кон лидерот и султан-одлучувањето се провираат како нишка низ целиот систем, загрозувајќи ги конкурентноста на квалитетните човечки ресурси, нивната компетентност, знаење и вештини, за да може квалитетот да исплива на сите нивоа, почнувајќи од самите политички партии, а завршувајќи до државните органи во сите три столба на власта. Во една таква состојба се востановиле практиката и логиката дека поединецот – лидерот е сезнаечки, најспособен, семоќен и тој прераснува во политичко-партиски државен столб, околу кого како сателити кружат индивидуалци, но и цели институции, и партиски и државни. Култот на личноста како да е наследен од некои претходни времиња, меѓутоа, како што нагласуваат аналитичарите, тоа не им пречи на нашиве политичари и продолжуваат со тоа
Зошто сѐ почесто лидерите се гледаат себеси како единствени спасители на државата
Делотворноста на државата за нејзините граѓани зависи од функционалноста и ефективноста на нејзините институции. Таквите универзални принципи на работење на државниот апарат треба да задржат континуитет, доколку просперитетот и одржливиот развој за нацијата и граѓаните се во радарот на оние што управуваат со државата во сите сегменти на власта. Без оглед кој е на власт, претходно споменатото вклучува во себе придржување и надградба на стратегиски утврдените интереси, политики и насоки на движење на носителите на власта. Тоа е сеопфатна и тимска работа, првенствено на споменатите носители на јавна власт, а секако и на оние што чекаат во одреден момент, на избори, да им бидат дадени легитимитет и мандат да ја водат државата. Во сета оваа состојба, не може да се одбегне впечатокот дека принципот на авторитаризам, па и градењето култ кон лидерот (партискиот лидер или државниот), е присутен од осамостојувањето до денес. Како што забележуваат нашите соговорници, авторитаризмот, култот кон лидерот и султан-одлучувањето се провираат како нишка низ целиот систем, загрозувајќи ги конкурентноста на квалитетните човечки ресурси, нивната компетентност, знаење и вештини, за да може квалитетот да исплива на сите нивоа, почнувајќи од самите политички партии, а завршувајќи до државните органи во сите три столба на власта. Во една таква состојба се востановиле практиката и логиката дека поединецот, лидерот е сезнаечки, најспособен, семоќен и тој прераснува во политичко-партиски државен столб, околу кого како сателити кружат индивидуалци, но и цели институции, и партиски и државни. Култот на личноста како да е наследен од некои претходни времиња, меѓутоа, како што нагласуваат аналитичарите, тоа не им пречи на нашиве политичари и продолжуваат со тоа.
Најголемите достигнувања се кога власта е одвоена од личноста и пренесена во институцијата
Несомнено, вината за горенаведеното треба да се бара во долготрајното подривање на институциите сите овие три децении, кои наместо да бидат столб на државата, се претворија во партиски испостави на кои народот најмалку им верува.
Токму овој момент придонесе политичарите да се наметнат како „спасители“ без кои не може да се реши ниту едно прашање, а иднината на државата да ја поврзуваат со своето опстојување на власт.
Оваа перцепција е далеку од реалноста во западните демократии, каде што најчесто граѓаните и не знаат кој им ја води државата, туку се потпираат исклучиво на институциите и законите, кои се неменлива константа, без оглед кој е на власт, па затоа таму едноставно и нема култ кон некоја личност, туку државата и системот се во функција на граѓаните пред сѐ и над сè.
Од тие причини, и во Македонија се потребни итно и неодложно департизирање и зајакнување на државните институции, за да можат граѓаните да почнат да ја враќаат вербата во нив, наместо спасот на државата да го гледаат во политичари што се идеализираат себеси.
Некои од аналитичарите сметаат дека институциите се тие што треба да го гарантираат државниот континуитет, почитувајќи го исклучиво словото на законот и ингеренциите што ги имаат.
– Меѓу најголемите достигнувања на човештвото е кога власта е одвоена од личноста и пренесена во институција. Поединецот може да додаде само еден импулс и квалитет плус на работата на институциите ако е тој демократски определен, ако има интелектуален и политички капацитет. Во спротивно, ако институциите не функционираат, тешко ќе може личноста сама да ги покрие – вели универзитетскиот професор Живко Андревски.
Според него, историјата многу почесто кај нас покажала дека институциите се заложници на поединци, наместо на почитување на правните норми.
– Институционалното работење мора да си задржи континуитет на работењето и тоа не смее да зависи од поединци што во моментот се на власт. Во неразвиени општества ова е долгорочно прашање. Кога се на пониско историско ниво, општествата бараат лидер, автократство, некој да ги поведе. Тоа е период, но тоа кај нас е надмината работа. Институциите треба да се држат до нивните ингеренции и законите што се однапред определени, а поединците доаѓаат и си заминуваат – заклучува Андревски.
Неговото мислење го дели и професорот Борче Давитковски од Правниот факултет „Јустинијан Први“, според кого секаде во светот сите државни институции се над политичарите.
Институциите се повикани да водат сметка за граѓаните, а не поединецот и функционерот
– Сите тие државни институции во развиените демократии работат во согласност со закон и устав и ним тоа им е гарант. Само министер, претседател на држава и пратеници имаат партиски агенди по кои работат. Сето друго е во согласност со Мерит-системот и воопшто не е битно кој е премиер и што е премиер и од него не зависат тековните работи важни за благосостојбата на граѓаните. За тоа институциите самите си водат сметка – вели Давитковски.
Тој додава дека западните искуства покажуваат дека таму институциите не чекаат некој министер или премиер да им кажува како да си ја вршат работата и истовремено не дозволуваат никој да им се меша во работењето.
– Кај нас сè е партизирано и сè е во функција на власта и затоа се чека „по мене потоп“. Во принцип, од самостојноста до денес сите институции се со некомпетентни луѓе. Нема одговорност за ништо. Затоа, со право се вели дека целата администрација е во функција на еден човек. Ние не веруваме на таквите институции и затоа сета верба е на првиот човек. Во една Франција, на пример, премиерот е шеф на администрацијата формалноправно, но тој не смее да им се јави на државни секретари и советници да им кажува како да работат. Па и поранешните претседатели Ширак и Саркози одговараа за такви работи. Тоа е моќта на тамошните институции, кои си ја вршат својата работа. Тоа е стабилна демократска држава, каде што институциите се во функција на граѓаните – истакнува професорот Давитковски.