Мигрантите од камповите во Либија, Турција и во Иран би можеле да предизвикаат нова мигрантска криза на европскиот континент и да ја активираат балканската маршрута, која поминува и низ Македонија, се вели во документ што, според германскиот „Шпигел“, е произлезен од бриселските служби и со кој се наложува што е можно побргу за се засилат патролите во Средоземно Море и пристапите кон грчките и италијанските острови

Европа, а со тоа и Западен Балкан, може да очекува нов наплив на мигрантски бран, објави германскиот весник „Шпигел“, наведувајќи го како извор тајниот документ произлезен од бриселските служби, според кој мигрантите од камповите во Либија, Турција и во Иран би можеле да предизвикаат нова мигрантска криза на европскиот континент.
Според тврдењата на германскиот магазин, најкритични се оние мигранти што во моментот се во Либија, бидејќи во таа земја се води граѓанска војна, која би можела да ги принуди бегалците да тргнат на пат кон Западен Балкан и повторно да се активира западнобалканската маршрута, која поминува и низ Македонија. Поради ова, како што се вели во документот, треба колку што е можно побргу за се засилат патролите во Средоземно Море и пристапите кон грчките и италијанските острови.

– Во овој момент, Италија е најзасегната. Сепак, тешко е да се поверува дека воените бродови на ЕУ наскоро би можеле да се вратат во Медитеранот и да патролираат повторно, бидејќи за таквата одлука е потребна едногласна согласност од страна сите земјите-членки на ЕУ. Италија и Австрија соопштија дека нема да гласаат за таква одлука, а подоцна истото тоа го изјавија и Унгарија и Грција – пишува весникот.
Во тој контекст и други западни, но и регионални медиуми известуваат дека со подобрувањето на временските услови рапидно расте бројот на илегални гранични премини помеѓу земјите на балканската маршрута.

Од Министерството за внатрешни работи неколкупати информираа дека од почетокот на годинава има зачестени обиди за илегален влез во земјава, а полициските билтени речиси секојдневно известуваат за акциите за запирање илегален транспорт на поголеми групи државјани главно на земјите од Северна Африка и од Блискиот Исток.
Поради тоа на македонско-грчката граница и понатаму се реализира заедничката меѓународна операција, која започна во декември 2015 година и во која учествуваат странски полициски службеници од осум европски земји, од кои седум се членки на ЕУ (Австрија, Чешка, Словачка, Унгарија, Полска, Словенија, Хрватска и Србија). Во таа насока, вчера во надзор на состојбата на јужната граница беше и министерот за внатрешни работи Наќе Чулев. Првиот човек на полицијата, заедно со амбасадорите на земјите чии полицајци учествуваат во заедничките операции на јужната граница, во текот на изминатиот ден ги посетија граничниот премин Богородица и привремениот транзитен центар во Гевгелија.

– Со сигурност можам да информирам дека безбедносната ситуација на јужната граница е стабилна. Меѓутоа, секое нагло нарушување на состојбата и појава на ненадеен и брз прилив на голем број мигранти значително ќе ги оптовари постојните капацитети за управување со миграциите – истакна Чулев во своето обраќање.

Активистите што се занимаваат со проблематиката на мигрантите и на бегалците, пак, тврдат дека нема некое значително зголемување на нивниот број во однос на минатата година. Јасмин Реџепи од граѓанската организација „Легис“ вели дека зголемено присуство на мигранти има единствено во Босна и Херцеговина, а дека во моментов во транзитниот центар во Гевгелија и во Табановце има педесетина мигранти и оти состојбата е таква една година и е минимална во однос на капацитетите.

– Глобално, немаме некакво големо зголемување на бројот на бегалци што поминуваат низ Македонија, бидејќи втората маршрута, преку Албанија, Црна Гора и Босна, моментално е поактивна. Единствена држава што се наоѓа во бегалска криза е Босна, тоа е така бидејќи таму полицискиот систем е комплексен и го прави одговорот на државата задоцнет, а голем број остануваат бидејќи соседна Хрватска не им дозволува да преминат таму – објаснува Реџепи. Сепак, според него, Македонија треба засилено да ја чува својата граница во периодов, бидејќи е можно во наредниот период да има зголемување на обидите за илегални премини во земјава, кои во овој период, како што процени, изнесуваат и до 300 лица на ден. 


Грција ќе се штити со бариери поставени во морето

Грција сака да се бори против напливот од бегалци на своето крајбрежје со помош на „лебдечки заштитни системи“. Грчкото министерство за одбрана деновиве објави тендер за инсталација на механизми во Егејско Море, кои во „итни случаи“ би се користеле како заштита од бегалци што доаѓаат од соседна Турција. Се работи за „бариери или мрежи“ со должина од три километри, кои треба да бидат поставени од страна на грчката армија.
– Прво се планира проба. Сакаме да видиме дали ќе функционира и каде и дали ќе може да биде користено такво решение – објасни министерот за одбрана Никос Панајотопулос.
Системите треба да излегуваат до половина метар над нивото на морето и да бидат опремени со светла-трепкачи. Процената за трошоците за проектот, според тендерската документација, е околу половина милион евра. Други детали не се содржани.

Мигрантите не престануваат да го брануваат Средоземно Море