Во периодот додека светот сѐ уште се бори со ковид-19, веќе е време да почнеме да размислуваме и да се подготвуваме за следната пандемија. Пред сѐ, да најдеме начин како да ја спречиме. За жал, како што веќе видовме, земјите што реагираат со импровизации пост фестум имаат мали шанси да запрат некој вирус. Некоординираните активности, базирани на мал број информации, дозволија локалната епидемија на еден непознат патоген во кинескиот град Вухан да прерасне во сеопшта пандемија. Очигледната лекција што треба да се научи од ова е дека на меѓународната заедница ѝ треба сосема нов пристап за превенција на идни пандемии, вклучувајќи и брз начин на проверување на податоците од страна на независни истражувачки тимови, пишува „Форин полиси“

Како треба да постапува светот
со пандемиите во иднина

Справувањето со пандемиите треба да го сфатиме исто толку сериозно, колку што го сфаќаме она со другите опасности од масовно уништување, како што се нуклеарното вооружување и хемиското оружје. Светските договори за превенција на овие оружја нудат сет од алатки што може да се користи или приспособи и во случајот со ширењето на вирусите.

Нов нацрт-договор пред светското здравствено
собрание?

Во јануари годинава, СЗО повика на нов договор за пандемијата, но се чини дека сме далеку од ефикасна реализацијата на оваа цел. Следниот месец, на годишниот состанок на земјите-членки на организацијата, пред Светското здравствено собрание ќе биде презентиран новиот нацрт-договор. И покрај добрите намери, договорот е осуден на неуспех во промената на начинот за тоа како во иднина ќе се справуваме со пандемиите. Причината лежи во фактот што договорот нема решение за главната пречка во однос на готовноста за справување со пандемии – одбивањето на одредени земји, особено Кина, да подлежат на целосна транспарентност, пристап и надзор.
Недостигот од амбиција се огледува и во фактот што учесници на Светското здравствено собрание се министрите за здравство, а не шефовите на држави. Згора на тоа, договорот за кој се преговара под покровителство на Светската здравствена организација, која и самата има мали овластувања, а ги рефлектира само интересите на своите земји-членки, веројатно нема да ги донесе значајните промени што се итно потребни.

Тром меѓународен механизам за реакција

Ковид-19 јасно стави до знаење што е тоа што треба да се промени – но, наедно, за жал, зошто се мали шансите тие промени вистински да се случат.
Откако на крајот на 2019 година во кинескиот Вухан првпат беше детектиран новиот коронавирус, светот реагираше според начелата на Меѓународниот здравствен правилник (ИХР) – спогодба стара 40 години, која беше модернизирана во 2005 г., по епидемијата на САРС. Правилникот бара од 134-те земји-членки на СЗО да доставуваат годишни извештаи за својата подготвеност во случај на епидемии, но што е најважно, тој функционира како механизам за глобален одговор секогаш кога избива некаква епидемија. Исто така, правилникот бара од националните здравствени власти да ја известат СЗО веднаш штом ќе се појави епидемија што потенцијално би можела да се прелее надвор од границите на државата. Откако СЗО ќе објави дека некоја епидемија претставува „ургентна меѓународна опасност по јавното здравје“, започнуваат глобално координираните напори за ублажување на состојбата.

Меѓутоа, глобалниот одговор на ковид-19 „утна“ дури и пред да започне, затоа што уште на самиот почеток не се пронајде начин да се споделуваат (дури и се криеја) наодите за епидемијата. СЗО се потпира на доброволно дадените податоци и информации од земјата каде што избувнала епидемијата; потребно е земјата да се согласи на официјални посети од страна на научници на СЗО, кои треба да собираат податоци за почетокот на епидемијата. Канцеларијата на СЗО во Кина беше таа што дојде до информација, слушајќи ја изјавата за медиуми на здравствените власти на Вухан, точно на 31 декември 2019 година. Дотогаш, јасно е дека болеста била веќе широко распространета и иако СЗО испрати повеќе барања за информации, таа не доби никаков одговор од кинеска страна сѐ до 3 јануари. СЗО, зависна од кинеските информации, а сепак не сакајќи да го критикува Пекинг за одбиената соработка, остана нерешителна – особено откако на состанокот одржан на 22-23 јануари не прогласи јавна здравствена опасност од светски размер. Другото, за жал, е историја. Пред очите на светот се покажаа длабоките дупки во колективната глобална подготвеност за одговор на пандемијата.
Единствен начин за пополнување на тие дупки е да ѝ се овозможи на глобалната заедница поголемо овластување за независни ревизии во врска со подготвеноста за борба против пандемијата кај сите држави поединечно, како и за истражување секогаш кога постои сомнеж дека одредена држава не ги почитува своите пандемиски обврски и, што е најважно, за ургентно обезбедување податоци за секоја нова пандемија. Досега, за жал, „сервирањето“ стари, неефикасни идеи во јавното здравство не успева сериозно да се справи со пандемиската закана.

Како би требало да изгледа новиот пандемиски договор, доколку светот сака да е подобро подготвен за следната епидемија?

За среќа, нема потреба повторно да се измислува топла вода. Постојат неколку успешни механизми во меѓународниот систем, веќе користени за други цели, од кои можеме да учиме и да ги примениме кога станува збор за пандемии – вклучувајќи договори што опфаќаат човекови права, трговија со стоки и услуги и ограничување на хемиското и нуклеарното оружје.
Откако ќе се појави епидемија, двата најважни фактори за нејзино спречување се брзината на реакцијата и достапноста на податоци за болеста. Овластувањето за навремени интервенции, базирани на точни информации, е клучно за секој нов пандемиски договор. Оттука, мора да создадеме систем што промовира транспарентност и брза акција, зашто на тој начин тековните закани ќе бидат препознаени пред да метастазираат.
За време на актуелната пандемија, СЗО, која не поседува моќ да поттикне или да казнува, немаше храброст да преземе сопствена акција. Не можеше да ја принуди Кина да споделува податоци, ниту да спроведе сопствена истрага. Кога Пекинг „се влечкаше“ со ограничување на пристапот до своите податоци, реакцијата на СЗО беше или бавна, или воопшто ја немаше. Дури еден месец по првиот официјален извештај од Вухан и личната посета на првиот човек на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, на Пекинг, епидемијата беше конечно класифицирана како глобална здравствена опасност. Потребни беа дополнителни шест недели (додека ковид-19 се ширеше насекаде низ светот) за СЗО да ја класифицира новата епидемија како пандемија.
Тековниот јавно-здравствен поредок нема начин да го санкционира непочитувањето на меѓународните договори и барањата за информирање, освен јавно да ги именува и осрамотува „непослушните“ земји.

Досега стана веќе очигледно дека оваа тактика паѓа во вода. Згора на тоа, моќните држави имаат огромно влијание во СЗО и во другите меѓународни институции, преку кое може да попречуваат истраги и да „закопуваат“ извештаи.
Спроведувањето усогласени одговори на пандемијата бара можност за независно спроведување истражни посети и проверка на податоци – без експлицитна согласност на вклучената држава. Вакви независни органи веќе постојат во многу други области. Така, Меѓународната агенција за атомска енергија може да посетува нуклеарни локации, а Организацијата за забрана на хемиско оружје може да врши внатрешнодржавни инспекции. Добиеното овластување за ненајавени посети и контроли би обезбедило механизам за рано предупредување и, во случај на епидемија на одредена болест, би помогнало да се идентификуваат потеклото и раната циркулација на патогените микроорганизми, како и да се процени дали државата направила доволно за да го запре опасниот процес на ширење. Тоа исто така би значело дека е потребно договорот да се склучи на ниво на Обединетите нации, а не на СЗО- организација што е целосно контролирана од своите земји-членки.
Дури и ако повеќето од теренските инспекции на нуклеарни постројки и на локации со хемиско оружје се случуваат во согласност и соработка со односната држава, самото овластување за иницирање ненајавени посети без претходна согласност од државата го стимулира почитувањето на правилата. Ваквиот модел за рано известување и поголема транспарентност ќе променеше многу нешта за време на раните фази на епидемијата на ковид-19.

На истражувачите да им се даде право на слобода во движењето

За секој пандемиски договор е многу важно на истражувачите да им се даде право на слобода во движењето – со отворен пристап до кое било место, личности или документ. Ова би направило огромна разлика во нашата способност за одговор на секоја следна пандемија.
Покрај процедурите за проверка и истрага, вториот клучен аспект за функционален пандемиски режим е независната процена на плановите за подготвеност за пандемија и процедурите за споделување информации кај секоја држава поединечно. Тековните размислувања се во насока на ставот дека новиот пандемиски договор треба да вклучува процес на рецензија помеѓу колеги (колегијална рецензија – процес на читање, проверка и давање свое мислење за нешто што е напишано од друг научник или експерт во истата област). Сепак, ваквите рецензии ретко може да бидат целосно независни и често се предмет на политички притисок, особено од влијателни земји. Веќе сме биле сведоци влијателните земји сѐ повеќе да го користат своето влијание на сите нивоа во системот на ОН, за да контролираат пристапи и информации. Доколку рецензиите излезат надвор од државните граници и се ангажираат независни експерти – секако, под покровителство на меѓународен договор, а не само на оној во рамките на СЗО – шансите процесот да биде непристрасен, а државите посериозно да ги следат правилата, ќе бидат многу поголеми.

За да бидеме сигурни дека кој било иден договор за справување со пандемии ќе биде на ниво на својата задача, меѓународната заедница мора цврсто да застане на ставот – повеќе авторитет, а не помалку; повеќе независност, а не помалку; повеќе смелост, а не помалку. Со издигнување на новиот договор на ниво на Обединетите нации – највисокото ниво на авторитет, скала погоре од она на СЗО – ќе му се овозможи на СЗО да се фокусира директно на својата (многу потребна) улога на полето на техничката поддршка, мониторингот и истражувањето. Истовремено, организацијата ќе може да се концентрира на поставување нормативи и стандарди, поддржувајќи ги државите да развиваат силни јавно-здравствени системи за превенција на идни пандемии. Со чинот на додавање политичка тежина на ОН (а не само на една од неговите агенции) кон договорот за справување со пандемии, ќе се привлече поголемо светско внимание и ќе се даде сигнал за сериозноста на заедничката задача.
Потребна е смела акција за подобрување на подготвеноста за пандемии и реакцијата на нив. Доколку подготвеноста за пандемии не ја издигнеме на највисокото ниво на глобално носење политички одлуки, нема да успееме да ја научиме лекцијата што произлезе од ковид-19, па историјата пак ќе се повтори, предупредува „Форин полиси“.