Сензитивноста на јавноста (дури и околу можноста за какво било редефинирање или релативизирање на изучувањето на македонскиот јазик во Македонија) е исклучително зголемена по сите политички процеси во земјата, но и на надворешен план. На внатрешен план, потресот се случи со Законот за употреба на јазиците, додека на надворешен план тоа е поради агресивните обиди на соседите за оспорување на неговата самобитност и автентичен историски развој, настојувајќи да го сведат на дијалектна форма „одметната“ од бугарскиот јазик од 1944 година. Но нема никакво сомнение дека македонскиот јазик е најавтентичниот и најцврст елемент и аргумент на македонскиот национален идентитет
Македонскиот јазик е најавтентичниот и најцврст елемент на македонскиот национален идентитет
Во контекст на подигнатиот степен на сомничавост во јавноста, поврзан со актуелноста на темата за реформи во основното образование, деновиве дополнителна вознемиреност на социјалните мрежи (што делумно се пренесе и во пошироката јавност) предизвикаа објавите на професорка од Филолошкиот факултет, кои имплицираат на реформи на концептот на студии на овој факултет, со што на некој начин би се намалиле значењето и видливоста на студиите (катедрата) по македонски јазик и македонска книжевност.
– На Филолошки, без писмен допис се планирале две научни гранки: лингвистика и литература, ама македонскиот да бил само дел од гранките. Ова е тоа што го викаат таен државен удар? – напиша професорката Јасна Котевска, како заклучок на нејзината серија твитови поврзани со темата за реформите во образованието, за кои до 20 јануари треба да се достават забелешки за предложениот концепт на МОН.
Објавата на професорката Котевска беше пренесена од повеќе интернетски медиуми во Македонија, а предизвика и реакции на вознемиреност на социјалните мрежи, зашто беше доживеана како најава на намерата за укинување на студиите по македонски јазик и македонска литература на Филолошкиот факултет. Во прилог на ваквото радикално толкување на објава на социјалните мрежи за можност за некакви реформи во високото образование, секако се надоврзува и општиот политички и образовен амбиент во земјава. Совпаѓањето на моментот, кога Бугарија бара интервенции во образовниот систем во Македонија, во смисла на корекции во македонските историски учебници, со претставувањето на новиот концепт за основно образование, кој министерката за образование Мила Царовска оптимистички очекува да почне веќе наредната година, веќе еден месец предизвикува реакции на негодување и кај стручната јавност, но и кај политичката и граѓанската јавност.
Во таков амбиент, неодминливо е поврзување на реформите во образованието со политичкиот контекст, односно побарувањата на Бугарија за историско и јазично „враќање на бугарските корени“ на сите што се чувствуваат како Македонци. Предложениот концепт за основно образование, во кое Историјата нема веќе да биде посебен предмет, туку дел од некаков комплексен предмет општествени науки, заедно со Географија и други главно нови предмети…, и покрај објаснувањата на предлагачите дека се работи за „фински модел на образование“, не успеа да ја разубеди јавноста дека тоа е чекор кон релативизирање на историјата преку образованието, со цел за постепени бришење на националниот аспект и удоволување на бугарските барања. Со оглед дека и македонскиот јазик е оспорен пред ЕУ од страна на Бугарија и неговото административно формулирање како „официјален според Уставот“ е еден од условите за одблокирање на македонските евроинтеграции, лесно се создава претпоставката дека можеби во Македонија би се презеле чекори барем за привидно неутрализирање на барањата на бугарската страна.
Сепак, во интерес на јавноста, редакцијата на „Нова Македонија“ упати прашање до Министерството за образование и наука за вистинитоста на претпоставената можност за промена на студиите на Филолошкиот факултет во две гранки: лингвистика и литература, а студиите по македонски јазик да бидат дел од гранката – лингвистика. Односно, доколку постои иницијатива за реформа на студиите на Филолошкиот факултет, врз каков концепт таа би била поставена?
– Во согласност со одредбите од Законот за високото образование, студиските програми од прв, втор и трет циклус и студиските програми за усовршување ги усвојува сенатот на универзитетот по предлог на наставно-научниот совет на факултетот, наставничкиот совет на високата стручна школа или научниот совет на научниот институт во состав на универзитетот, односно наставничкиот совет на самостојната висока стручна школа. Додека, акредитација на студиските програми од прв, втор и трет циклус врши Одборот за акредитација со решение.
Така што, МОН нема надлежност по однос на прашањето – е наведено во одговорот на Министерството за образование и наука на прашањето на „Нова Македонија“.
Дали воопшто постоела некаква официјална иницијатива, или дури и неофицијални размислувања и разговори за промена на програмскиот концепт на Филолошкиот факултет при УКИМ, ја прашавме и деканката Анета Дучевска, која и самата е професорка од Катедрата за македонски јазик.
– Навистина сум зачудена од претпоставките за некакви реформи во концептот на студиите на Филолошкиот факултет. Досега сме немале никаков официјален писмен предлог, па дури ни некои неофицијални разговори и иницијативи. Не верувам дека и во иднина ќе има промени во начинот на студии на Филолошкиот факултет, особено нема да има такви промени што би ја загрозиле важноста на студиите по македонски јазик – вели деканката Дучевска.
Сензитивноста на јавноста дури и околу можноста за какво било редефинирање или релативизирање на изучувањето на македонскиот јазик во Македонија е исклучително зголемена по сите политички процеси во земјата (воведување на Законот за употреба на јазиците како еден вид официјализирање на двојазичноста во Македонија), но и на надворешен план, преку агресивните обиди на соседите за оспорување на неговата самобитност и автентичен историски развој, настојувајќи да го сведат на дијалектна форма „одметната“ од бугарскиот јазик од 1944 година. Без сомнение, македонскиот јазик е најавтентичниот и најцврст елемент и аргумент на македонскиот национален идентитет.