Се најавува ли можност Македонија и Грција воено да соработуваат по три декади заладени безбедносни релации, поради спорот за името, и дали таа соработка може да се издигне на ниво на стратегиско партнерство, кое нашата држава досега го има со армиите на САД и на Турција.
Овие дилеми станаа актуелни во домашната јавност по неодамнешното интервју на грчкиот министер за одбрана Евангелос Апостолакис, кој за „Катимерини“ изјави дека стремежот на неговата земја е да стане главен стратегиски одбранбен партнер со Северна Македонија и сето тоа да биде дејствување во правец на одржувањето на мирот и зајакнувањето на соработката на Балканот.
– Всушност, нашиот потенцијален придонес во трансформацијата на вооружените сили на Северна Македонија ќе ги оддалечи другите регионални кандидати, кои би можеле да се обидат да извлечат корист и да извршат влијание врз соседот.
Нашиот стремеж е нашата земја да стане главен стратегиски одбранбен партнер на Северна Македонија во одржување на мирот и зајакнување на соработката на Балканот – вели Апостолакис за „Катимерини“.
Во меѓувреме, претходниот министер за одбрана на Грција, Панос Каменос, неодамна во интервју за локалната телевизија ТРТ од областа Тесалија изнел непријателски став кон Македонија.
– Не чувствуваме закана. Ниту Албанија може да ѝ се закани на Грција, ниту Скопје. Скопје е 20 минути работа. Ако една единица оклопни возила реши да помине, стигнува до крајот на Скопје, ќе стигне до Србија. Одбранбено не нѐ засегаше никогаш – изјавил Каменос.
Од македонското министерството за одбрана до затворањето на весникот не успеавме да добиеме информации на прашањата поврзани за тоа како нашата земја гледа на актуелните најави за стратегиско одбранбено партнерство со Грција и дали оваа соработка по многу нешта ќе личи на стратегиското партнерство во областа на безбедноста, кое го имаме со САД и со Турција.
Од друга страна, во договорот од Преспа меѓусебната соработка меѓу двете земји опфаќа цело едно поглавје, односно ѝ е посветен целиот втор дел од договорот при што се споменува и воената соработка.
Во делот што се однесува на одбранбената соработка меѓу двете земји се истакнува дека договорните страни ќе ја зацврстат истата таа преку зачестени посети и контакти меѓу политичките и воени лидери на вооружените сили.
Во членот 17 се наведува дека воената соработка ќе се извршува преку пренос на знаења и помош во изградба на капацитети, соработка во областите на военото производството, безбедносното информирање и спроведување заеднички воени вежби.
Универзитетскиот професор Атанас Козарев во својот осврт на случувањата ги поздравува опцијата за воената соработка меѓу Македонија и Грција и можноста таа да се издигне на нивото на стратегиско партнерство какво што веќе со години имаме со САД и со Турција.
– Ако се гледа од геостратегиска безбедносна призма, двете земји делат исти безбедносни вредности и предизвици имајќи ги на ум опасностите, кои со себе ги носи денешното време на живеење со опасностите од тероризмот, граѓанските војни на Блискиот Исток и Украина и така натаму, па можноста во рамките на НАТО-армиите на Атина и на Скопје да соработуваат никако не може, а да не се поздрави – вели професорот.
Тој истакнува дека бидејќи практично ние досега сме немале никаква воена соработка на полето од одбраната многу е тешко да се анализира однапред кој сектор од безбедноста најмногу би имал корист од оваа иницијатива.
Професорот напоменува дека иако Грција е балканска земја, која има лоша економија, таа сепак е една од државите на НАТО што најмногу инвестира во својата армија и полиција и се наоѓа во врвот на листата на земји-потрошувачи за оваа намена.
Козарев потсетува дека ваква слична можност за ново стратегиско партнерство во делот на одбраната била најавена и лани во февруари веднаш по состанокот во Скопје меѓу двајцата претседатели на Македонија и на Бугарија, односно Ѓорге Иванов и Румен Радев.
– Ова стратегиско партнерство беше издигнато на уште повисоко ниво од актуелната најава на грчкиот министер за одбрана Апостолакис, ако се знае дека претходната изјава во овој контекст дојде од устите на двајца врховни команданти на вооружените сили на две соседни земји, од кои бугарскиот висок државник практично и поседува генералски чин – резимира Козарев.