Обидот за законско дефинирање построги услови за организирање јавни собири и брзото откажување од намерата го изместија фокусот на дебатата од придобивките и слабостите на најавените измени во Законот за јавни собири, во насока на анализа на феноменот на сѐ позачестеното предлагање и повлекување на законите од страна на Владата во последниот период
Експресното повлекување на владиниот предлог-закон за измени на Законот за јавни собири (колоквијално наречен закон за протести) предизвика реакции во јавноста, речиси и колку најавата за негово ставање во процедура, еден ден порано, поради одредени ограничувања на правото на протести. Секако, повлекувањето на предлог-законот го измести фокусот на дебатата од придобивките и слабостите на законот, во насока на анализа на феноменот на сѐ позачестено предлагање и повлекување на законите од страна на Владата во последниот период.
– Верувам дека уште кога го поднеле предлог-законот за измени на Законот за јавни собири, во Владата знаеле дека тоа се лоши, недоволно обмислени и недоречени предлози. Она што зачудува е обидот повлекувањето на лошиот предлог да биде претставен како успех. Сличен беше владиниот пиар и кога беше замрзнат Законот за прогресивен данок, за кој претходно економската јавност наглас укажуваше дека е несоодветен за земја во развој. Истата пиар-тактика беше применета и во случајот „Рекет“… Сето тоа многу мириса на стихиен предизборен популизам. Тоа е резултат на изгубениот легитимитет на владеење, кој актуелната влада го темелеше исклучиво на добивањето на датумот за почеток на преговори со ЕУ. И сите глупости што се случуваа во текот на ова две и полгодишно владеење беа предвидувани, премолчувани во име на „датумот“. Откако недвосмислено стана јасно дека датумот не е добиен, веќе се дејствува стихијно и Владата се повлекува од сѐ за што ќе се појави јавна критика и се мисли само од сега за утре, според принципот „ако мине – мине“ – вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.
Мотивите за првичното поднесување на измените на Законот за јавни собири, Божиновски ги лоцира во свесноста на Владата за сериозното незадоволство во јавноста. Тој смета дека со законските измени Владата имала намера на некој начин да ги превенира протестите. Имено, со повлечениот предлог-закон беше предвидено минимум 50 граѓани да можат да организираат протест, наместо досегашната бројка од 20 луѓе, а се менуваа и дел од условите за местата каде што можат да се одржуваат јавни собири. Покрај досегашните забранети локации, како автопатишта, болници, градинки и училишта, МВР во предлог-законот имаше уште неколку одредби во членот 2, како странските амбасади, објекти и простори од интерес за безбедноста на државата, како и седиштата на органите на државната власт и просторот околу нив. Токму последната одредба беше коментирана како најконтроверзна кај корисниците на социјалните мрежи.
Професорката и граѓанска активистка Мирјана Најчевска оценува дека избрзаното носење закони според моментална потреба, или според согледувањата на тесен круг луѓе, доведува до вакви несериозни одлуки за предлагање, па повлекување закони. Најчевска смета дека предлагачите забораваат дека законите се менуваат според предвидена постапка, по широка јавна расправа, како и дека законите треба да бидат со подолготрајна важност и да покриваат поширок ареал на ситуации. Во однос на повлечените законски измени за јавни собири, за најспорен го смета моментот на зголемување на бројот на граѓани што можат да организираат протест.
– Протестот како суштински облик на демократијата е право на секоја индивидуа. Според тоа, јас и самата можам да изразам протест, самата да протестирам – вели професорката Мирјана Најчевска.
Оваа ситуација во Законот за јавни собири отвори и еден друг аспект на протестирањето, односно го наметна прашањето колку протестите успеале да го променат македонското општество и дали е постигнато нешто во насока на остварување одредни социјални и економски права на граѓаните, или протестите сѐ уште се само политички инструмент за доаѓање на власт.
– Во оваа фаза на демократијата на македонското општество, граѓаните сѐ уште ја откриваат својата моќ. Сепак влева надеж дека граѓаните се сѐ поинформирани за начините како да ги постигнат своите барања и цели, посвесни се за својата моќ. Во секој случај, постигнати се одредени резултати, (можеби не со целосен успех) донекаде со спречувањето на урбаната мафија, придобивки за прашања од екологијата – се затвораат рудници, по синдикалните протести се зголемуваат платите, се влијае во образованието… Навистина, протестот треба да биде последен облик во остварувањето на влијанието на граѓаните, но во отсуство на други ефикасни можности, се користи како прв – вели професорката Најчевска.