Шестмесечниот дијалог за новиот текст на Законот за обвинителство продолжи и вчера, на состанок на работните групи на власта и опозицијата. По двонеделна пауза, од неуспешната седумчасовна лидерска средба, на која не се постигна договор, сега работите повторно се раздвижуваат на терен. Во двете партии има оптимизам дека се блиску до договор, но се скептични за мотивите и намерите на политичкиот противник и дополнително имаат одредени различни ставови и гледишта, меѓу кои и оние за надлежностите на новото обвинителство за организиран криминал, што е причина разговорите да траат повеќе месеци.

Министерката за правда Рената Дескоска, пред почетокот на средбата, рече дека исходот на преговорите зависи од опозицијата.

– Повеќе сум реалист отколку оптимист, затоа што знаеме кого имаме од другата страна. Дали ќе имаме договор, зависи од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Законот треба да биде суштински и во согласност со европските стандарди. Имаме неколку разидувања, и тоа во однос на процедура при именување обвинител, дилема дали воопшто ќе има ново обвинителство ако веќе го укинуваме СЈО и, трето, солидна правна рамка за водење на случаите. Неприфатливи се отстапки што се надвор од европското право и вредности – рече Дескоска.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, ја повика власта да не бега од одговорност и Заев да го исполни предизборното ветување за предлогот за избор на шеф на обвинителство да биде од опозицијата.

– Да зависеше сè од опозицијата, законот досега ќе беше донесен. Имавме други сложени закони што се носеа со двотретинско мнозинство, како за УБК и ОТА, постигнавме компромис, тука видовме дека има европски вредности. Доколку јас би бил министер, по девет месеци преговори не би бил задоволен и успешен. Едно од клучните ветувања на власта е опозицијата да биде дел од изборот на главниот обвинител, да си ги преиспита ветувањата. Отстапка може да направиме до таму каде што има суштинско делегирање на опозицијата. Немаме размислувано за име кој би бил новиот шеф на новото обвинителство, важно е да најдеме решение првично за законот – рече Милошоски.

Претходно, претседателот Стево Пендаровски вчера изјави дека работните групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ се многу блиску до договор за Законот за јавно обвинителство, додавајќи дека за решавање остануваат уште две или три точки за кои лидерите на двете најголеми политички партии бараат компромис.

И покрај тоа што одржува контакти со Заев и Мицкоски по ова прашање, Пендаровски вели дека клучна за постигнување договор е политичката волја од партиите.
– Во случај на евентуален неуспех на преговорите, одлуката за определување датум за преговорите нема да биде загрозена – тврди Пендаровски, бидејќи ова прашање, според него, е решено со префрлувањето на предметите во основното јавно обвинителство.

Претседателот на парламентот, пак, Талат Џафери за медиумите изјави дека пленарната седница за Законот за јавно обвинителство ќе ја свика кога ќе го добие извештајот од комисијата, каде што е на второ читање. Тој за новинарите истакна дека не ја исклучува можноста, поради различните ставови на власта и опозицијата, да не се обезбеди двотретинско мнозинство. Додека политичките партии ги усогласуваат своите ставови во врска со законот за ЈО, нашиот весник се потруди да ги скицира нивните почетни позиции во однос на законот.


ВМРО-ДПМНЕ: Да се донесе издржан закон
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за „Нова Македонија“ велат дека нивните позиции ѝ се познати на јавноста и не се променети.
– Нашата позиција е процеси и безусловно почитување на законите и Уставот. Се залагаме за подготвување издржан закон, кој ќе даде одговор на високата корупција во власта и секојдневниот криминал, во кој се вмешани лицата од државна мафија, а сето тоа е на штета и на сметка на развојот граѓаните на сметка на напредувањето, на капитални инвестиции и на сметка на напредувањето на Република Македонија – ни изјави Наум Стоилковски, портпарол во партијата.


СДСМ: Сите предлози треба да бидат разгледани
Во СДСМ сметаат дека работните групи не се далеку од постигнување договор за законот за јавно обвинителство. Оттаму истакнуваат дека не ги отфрлаат целосно последните предлози на ВМРО-ДПМНЕ за посебно одделение на Обвинителството за висока корупција, шеф по предлог на опозицијата и отвореност кон професорската фела. Од владејачката партија велат дека нивниот став е дека сите предлози треба да бидат разгледани во работните групи.

[email protected]