Советот на јавни обвинители денеска треба да ја продолжи седницата на која ќе биде констатиран и престанокот на мандатот на преостанатите обвинители од специјалното јавно обвинителство откога завчера, по истекот на нејзиниот мандат, ја разреши главната обвинителка Катица Јанева, која поради наводната инволвираност во случајот „Рекет“ веќе извесно време е во притвор. Иако според силата на законот, со истекувањето на мандатот на Јанева, завршува и мандатот на другите обвинители на СЈО, Советот денеска тоа ќе го констатира и ќе одлучи дали тие ќе се вратат во нивните матични обвинителства, како што веќе информираа некои од медиумите.
– Ќе мораме да ги примениме одредбите од Законот за специјалното јавно обвинителство за престанок на нивната функција, затоа што е предвидено дека нивниот мандат не може да го надмине мандатот на специјалниот јавен обвинител. Тоа в понеделник ќе го констатираме со одлука. Став на Советот е дека не постојат услови за поставување вршител на должност во специјалното јавно обвинителство имајќи го предвид самиот закон за СЈО, каде што е наведено дека предлогот за именување специјален јавен обвинител го дава Собранието – изјави претседателот на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски.
Тој рече дека го очекуваат предлог од Собранието и, ако биде доставен, ќе постапат по него, бидејќи Законот за СЈО сѐ уште е во важност, а поради партиските несогласувања, не е постигнат друг договор за новиот закон за јавно обвинителство со кој треба да биде регулиран и статусот на СЈО. П.Р.