Демократскиот социјализам има нагорен тренд како политичка сила во американскиот живот. Социјалистичките идеи се сѐ попопуларни во САД, што е видлив факт низ анкетите. Такви идеи се и сѐ погласните барања за економски, политички и даночни политики, кои се тесно поврзани со социјалистичката кауза на демократските кандидати што бараат партиска номинација во 2020 година. Зборот социјализам повеќе не е табу, затоа што луѓето во суштина не се грижат како се нарекува, за нив е важно тој да се залага за балансирано општество
Во 2016 година, поранешниот претседател Барак Обама при посетата на Аргентина, во текот на еден неформален разговор, ја релативизираше поделеноста помеѓу левицата и десницата, забележувајќи дека оваа идеолошка поделба е дел од минатото.
– Денес ние живееме во еден постмодерен свет без идеологија – изјави во таа пригода Барак Обама.
Но овие зборови, денес, изгледа дека се целосно ништовни, а американскиот идеолошко-политички пејзаж станува сѐ поподелен и некохерентен. Демократската партија се движи на лево од либерализмот кон прогресивизмот и демократскиот социјализам. Американскиот претседател Доналд Трамп и администрацијата на внатрешно ниво се стремат кон поголема дерегулација и пониско оданочување, а на надворешен план кон тарифи и трговска војна.
Демократскиот социјализам има нагорен тренд како политичка сила во американскиот живот. Социјалистичките идеи се сѐ популарни во САД, што е видлив факт низ анкетите. Такви идеи се и сѐ погласните барања за економски, политички и даночни политики, кои се тесно поврзани со социјалистичката кауза на демократските кандидати што бараат партиска номинација во 2020 година. Зборот социјализам повеќе не е табу, затоа што луѓето во суштина не се грижат како се нарекува, за нив е важно тој да се залага за еднакво општество.
Социјализмот не е повеќе бауч во САД
Главен фактор што поттикна милиони американски граѓани во редовите на демократскиот социјализам е кризата на современиот американски капитализам. Некогаш регулираниот и синдикален капитализам ја создаде средната класа, додека нерегулираниот капитализам создаде нееднаквост, намалување на средната класа и ограничување на економските и општествените можности за младата генерација. Како клучен момент во развојот на современиот американски демократски социјализам се покажа финансиската криза од 2008 година, кога даночните обврзници беа принудени да го спасуваат Волт стрит, кога многу семејства ги изгубија своите домови поради неуспехот да ги платат своите хипотеки и започнаа да спијат на улиците. За многумина од младата американска генерација, финансиската криза беше доказ за нефункционирањето на капитализмот.
Во 2008 година, терминот „социјализам“ беше најпребаруваниот збор на интернет-речникот Мериам-Вебстер од страна на Американците, а социјализмот беше „збор на годината“ и во 2012 година.
Според анкетата спроведена од „Галуп“, 43 отсто од Американците изјавуваат дека социјализмот ќе биде добра работа за државата. „Галуп“ исто така забележува дека четворица Американци од вкупно 10, прифаќаат некаква форма на социјализам или социјалистичка политика. Бројките покажуваат дека оваа социјалистичката идеологија е особено популарна помеѓу жените во Америка, од кои 48 отсто изјавиле дека социјализмот е добар за земјата, наспроти 47 отсто, кои се изјасниле негативно, додека кај мажите 56 отсто дале негативен одговор, а 38 отсто позитивен.
Социјализмот е особено популарен кај младата популација. Од Американците на возраст помеѓу 18-34 години, кои беа анкетирани од „Галуп“, 50 отсто дале позитивен одговор, изјавувајќи дека социјализмот е добар за Америка. Според анкетата спроведена од истражувачката агенција „Харис Пол“, 49,6 отсто од генерацијата зед, родени во периодот од 1997 до 2012 година, сакаат да живеат во социјалистичка земја.
Социјализмот се врати на голема врата во современата политиката на САД, во текот на претседателската кампања во 2016 година, кога сенаторот Берни Сандерс од Вермонт се идентификува како демократ социјалист и успеа да привлече генерација гласачи, кои бараа прогресивна политика како бесплатно универзитетско образование и бесплатно здравство. Во пресрет на демократските собири во американската држава Ајова, 40 отсто се изјаснија за социјалисти. Според студија на „Бостон Глоуб“, во пресрет на првичните избори во Њу Хемпшир, 31 отсто од демократските гласачи се именуваа како социјалисти. Според студија на „Њујорк тајмс“, 56 отсто од демократите, вклучувајќи 52 отсто од поддржувачите на Хилари Клинтон, искажаа позитивно мислење за социјализмот. Во 2016 година, неговите следбеници забележаа дека го поддржуваат затоа што се залага за финансиска помош за сите студенти, работнички права, борба против климатските промени, намалување на разликите во платите, грижа за младата популација од афроамериканската средина и сл.
Претседателската кампања на Берни Сандерс исто така покажа дека многу демократи имаат тенденција да гласаат за кандидат што се прогласува за демократ социјалист, но уште подраматично и значајно е тоа што многу демократи велат дека самите тие се социјалисти.
Берни Сандерс го отвори политичкиот пат за харизматичните политичари на новата генерација што се кандидираа за градските совети и законодавни тела, а кои себеси се идентификуваа како демократи социјалисти и беа избрани со поддршка на демократските социјалисти на Америка. Во новата генерација на млади политичари доминираат жените, а меѓу нив се Илхан Омар и Рашида Тлаиб, првите жени муслимани избрани за претставници во конгресот, меѓу нив е харизматичната Александрија Окасио-Кортез. Таа, како и многу млади демократи социјалисти, работеа во кампањата на Сандерс, кој освои 43 отсто од гласовите на демократските, а нивниот успех е одраз на зголеменото движење на левото крило во Демократската партија по неуспехот на Хилари Клинтон да влезе во Белата куќа. И покрај големата популарност меѓу гласачите, Кортез не се кандидира за претседателските избори во 2020 година, бидејќи не го исполнува условот, да има 35 години, што произлегува од американскиот устав. И покрај тоа, Карли Пирсон забележува дека Александрија Окасио-Кортез ќе биде првата жена претседател на САД.
Платформа на американската левица
Демократите социјалисти се залагаат за политичка програма, која има цел донесување на добро осмислени регулативи во правец на ублажување на нееднаквоста што го создава досегашниот систем. Тие се дистанцираат од тоталитаризмот и авторитаризмот на Советскиот Сојуз, Кина, Куба, Венецуела и сл., и се стремат кон државна економија во демократска форма.
– Кога говорам за демократскиот социјализам, говорам за здравствена грижа. Кога говорам за демократскиот социјализам, јас не гледам кон Венецуела, јас не гледам кон Куба. Јас гледам кон држави како Данска и Шведска – изјави Берни Сандерс.
Основната порака што ја испраќа Сандерс е дека Америка станала држава по мера на богаташите, а не на граѓаните и работниците. Меѓу другото, забележува дека шест финансиски институции во САД контролираат над 60 отсто од БДП на државата.
– Во нашето општество, кое во теорија е демократско општество, неколку луѓе ја контролираат нашата економија. Два отсто од населението поседува една третина од сето богатство во Америка, осумдесет отсто од акциите и деведесет отсто од поделбата на дивидендите, овие луѓе имаат неверојатна моќ – истакна Сандерс.
Во текот на кампањата за претседателската номинација на Демократската партија за 2020 година, Сандерс ја претстави програмата со која предлага американската економија до 2050 г., според него, да создаде 20 милиони нови работни места.
Дали скандинавските земји навистина се социјалистички?
Повеќето од демократските социјалисти во Америка истакнуваат дека се инспирирани од скандинавскиот модел, меѓутоа дали скандинавските земји навистина се социјалистички? Податоците покажуваат дека во скандинавските држави постојат поголеми шанси и можности да станете богат или екстремно богат отколку во САД, Кина или во други држави во светот, меѓутоа од друга страна во овие земји се карактеризираат со широки владини политики за правична распределба на приходите, вклучувајќи и бесплатно високо образование, бесплатна здравствена заштита, гаранција за висината на ниските примања, стабилен пензиски фонд, силно синдикално движење и др.
Данците уживаат висок животен стандард, а данската економија се карактеризира со широки владини мерки за благосостојба и правична распределба на приходите.
Шведска постигна завиден животен стандард со својата комбинација на капитализам на слободен пазар и широки придобивки мерките за благосостојба.
Економијата на Исланд, слично како и другите скандинавски земји, е комбинација на капиталистички принцип на слободен пазар и широк систем на благосостојба. Исланд во последниве години оствари висок раст, ниска невработеност и неверојатно рамномерна распределба на приходите.
Норвешка има стабилна економија со енергичен приватен сектор, голем државен сектор и голема јавна сигурност. Според „Економист“, Норвешка го прифаќа државниот капитализам. Норвешката нафтена компанија „Екуинор“ порано „Статоил“, е една од најголемите во Западна Европа, 67 отсто е во сопственост на државата. Норвешката држава поседува голем удел во најголемиот телекомуникациски оператор „Норск Хидро“, најголемиот производител на алуминиум „Јара“ и најголемата банка ДНБ. Државата поседува 37 отсто од берзата во Осло. Норвешките работници се силно заштитени, 70 отсто од работниците се опфатени со синдикални договори, а над една третина директно се вработени од Владата. Компаниите во државна сопственост вредат 87 отсто од БДП. Од целокупното домашно богатство во Норвешка, Владата поседува 59 отсто. Според „Блумберг“, норвешкото влијание на глобалниот финансиски пазар далеку ја надминува норвешката економија.
Ако внимателно се анализира скандинавскиот модел, ќе се заклучи дека тој се наоѓа на средина помеѓу капитализмот и социјализмот. Всушност, скандинавските држави се карактеризираат како социјални држави со мешовита економија каде што владините политики влијаат врз алокацијата на ресурсите во економијата и прераспределба на доходите преку даночната политика. Во споредба со САД, државата се карактеризира со сѐ поскормна улога во економијата и помал интервенционизам, а на поединците им е оставено сами да се грижат за своето образование, здравство и пензиско осигурување.
Скандинавскиот систем овозможува целосно бесплатно образование за сите, вклучувајќи и евтини студентски заеми и грантови. Со овој модел им се овозможува на што поголем број луѓе во општеството да го искористат сопствениот талент и да стекнат високи примања. Од друга страна, синдикалните организации во име на солидарноста, настојуваат да ги намалат разликите помеѓу високите и ниските приходи. Еден норвешки висококвалификуван инженер, во просек, годишно заработува 76.000 долари, а неговиот колега во Соединетите Американски Држави заработува 100.000 долари, додека ограничувањето на високите примања е добро за профитот на компаниите. Синдикатите во Норвешка ги принудуваат компаниите да се откажат од вработувања со ниски примања (затоа што е економски неисплатливо овие лица во Норвешка да имаат трипати поголеми примања во споредба со оние во Соединетите Американски Држави), и да се насочат кон новите технологии, оттука овие работни места се автоматизирани и дигитализирани, каде што луѓето се заменети со машините.
Издигнувањето на левицата во Соединетите Американски Држави ја доведува во прашање тезата на Френсис Фукујама за „Крајот на историјата“, со која тврдеше дека либералната демократија и слободниот економски пазар се крајната точка во еволуцијата на човекот, став што предизвикаа големи контроверзии. За разлика од него, Александар Кожев крајот на историјата го гледаше низ духот на хегелијанската дијалектика (теза, антитеза и синтеза), во соединување на најдобрите квалитети на капитализмот и социјализмот, односно во мешовитиот систем, кој е толку карактеристичен за скандинавскиот модел.
Сенатори и конгресмени на САД силно ја промовираат идејата за општествена одговорност
Сенаторката Камала Харис истакнува дека нејзиното длабоко убедување е дека пазарите на трудот доследно и систематски ги дискриминираат жените, не успевајќи да им понудат еднакви плати за еднаква работа, а корпорациите се одговорни за нееднаквоста во платите во Америка. Демократите социјалисти го фаворизираат прогресивен данок на добивка, односно – оданочување на богатите.
Александрија Окасио-Кортез верува дека секој Американец треба да има стабилно и достоинствено домување, здравствена грижа, образование. Повеќето од основните потреби за одржување на модерниот живот треба да се гарантираат во моралното општество.
– Моите политики најблизу потсетуваат на она што го гледаме во Велика Британија, Норвешка, Финска и Шведска – изјави Кортез.
На прашањето за крајот на капитализмот, Александрија одговори: „Јас мислам дека ние ќе видиме еволуција на нашиот економскиот систем од невиден размер, и многу е тешко да одреди правецот по кој ќе се движи“. Кортез ја претстави својата програма позната како „Нов зелен договор“. Нејзината главната намера е во следните десет години да се развие карбон-неутрална економија, која ќе бара огромни чекори за откажување од американската зависност од нафта, гас и јаглен. Исто така, еден од столбовите на програмата е да се постигнат нула стакленички нето-гасови, што подразбира и целата електрична енергија да се добива од чисти, обновливи извори на енергија со нула штетни издувни гасови. Програмата е дополнета со здравствена заштита за сите, гарантирање работни место и бесплатно високо образование. „Новиот зелен договор“ има цел промовирање правда и еднаквост преку запирање на сегашната, превенирање на идната и поправање на историската репресија на домородното население, заедниците на луѓе со боја, мигрантските заедници, деиндустријализираните заедници, руралните заедници што ја изгубија својата популација, сиромашните, работниците со ниски примања, жените, возрасните, бездомните, луѓето со хендикеп и младите. Елизабет Ворен сака корпорациите да ги направи општествено одговорни со тоа што ќе ѝ дозволат на официјалната власт да назначи дел од членовите во управните одбори.
Џулија Салазар се залага за реформи на правниот систем. Како демократски социјалисти ние сме свесни за расната пристрасност, која е ендемична во нашиот криминален легален систем.
– Ние сме свесни, како таа расна пристрасност се пресекува со криминализацијата на сиромаштијата, вели 28-годишната сенаторка Салазар.