Домашната посета работи со тешко болни пациенти, врзани за постела, на кои лекарската посета им е многу важна, бидејќи ги релаксира сознанието дека некој се грижи за нив, особено во овие пандемиски времиња
Пандемијата и стравот од заразување со коронавирусот го преполовија бројот на повиците кон службата за домашна посета. Здравствените работници од оваа служба велат дека со пандемијата, просечниот број на повици од 80 е сведен на 40-50 повици дневно. Причина за намалениот број на повици, освен стравот од заразување, се и намалениот број на посети на пациентите на болничките установи, помалку прегледи кај специјалистите и помалку термини на „мој термин“, така што посетите се остваруваат само во случаи кога ќе се јават итни и неопходни потреби за болнички преглед.
– Екипата на Домашна посета е составена од лекар и медицинска сестра, кои се опремени со лична заштита, носат скафандери, ракавици, маски и визири. На заштитата особено се обрнува внимание кога се влегува во нечиј дом, бидејќи не станува збор само за нивната и нашата заштита туку и за заштитата на следните пациенти што треба да се посетат во текот на денот. Сомнежите за ковид-19 се решаваат со тестирање, па потоа ние одиме во домот на болниот, независно дали станува збор за него или за некој член од семејството. Ако докторот се посомнева или има некој болен од ковид-19, тогаш возилото на Домашна посета се носи во база на дезинфекција и екипата комплетно ја менува заштитната опрема со нова.
Во ваков случај на пациентот му се кажува да се тестира. Домашната посета работи со тешко болни пациенти, врзани за постела, на кои лекарската посета им е многу важна, бидејќи ги релаксира сознанието дека некој се грижи за нив, особено во овие пандемиски времиња, имаат надеж дека ќе оздрават и ќе имаат еден понормален живот. Посетите се кај болни од канцер, мозочни удари, пациенти со фрактури, кои мора да примаат клексани, пациенти со бронхопневмонии, хронични белодробни заболувања, астма… Нашиот однос кон нив, убавиот збор и добрата мисла им даваат надеж за оздравување, им даваме една психичка поддршка не само на болните туку и на семејствата. Тоа сега им е особено потребно поради ограничениот пристап до доктори – вели д-р Марина Сотировска од Службата за итна медицинска помош во Скопје, во чии рамки функционира и Домашната посета.
Од службата додаваат дека успеваат да стигнат кај секој пациент навреме да ја добие потребната терапија, дури и во случаи кога има некој болен и од нивните вработени.
– Беше многу тешко на почетокот на пандемијава, да се навикнеме на заштитната опрема, да внимаваме и да ги применуваме сите мерки на претпазливост, и поради пациентите и поради нас самите, зашто секако беше присутен стравот и за нас самите да не се заразиме, за нашите семејства. Но сега ни стана навика и рутина да носиме скафандери. На почетокот имавме и заразени колеги, но не можевме да посочиме од каде се заразиле, а на почетокот имаше и случај кога се заразија од пациент. Затоа бараме искреност од семејствата, да не кријат ако имаа заразен, бидејќи штетата потоа е ненадоместлива. И ние сме луѓе и честопати си велиме денес го поминавме денот, а утре како ќе биде. И ние се плашиме за себе, за блиските – објаснува д-р Сотировска, додавајќи дека сепак Домашната посета е нешто помирна служба во однос на Брзата помош. С.К.