Како што обично се случува и овој избор не остана без критики во јавноста. Повод за нив, како што соопштуваат некои извори, се изборот на баџанакот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, при што се гледа конфликт на интереси, и наводите дека една од кандидатките е блиска до министерката за одбрана Радмила Шекеринска
Дали новиот начин на избор на членовите на антикорупциската комисија и новите законски измени ќе придонесат државата поуспешно да ја извојува битката со корупцијата, која е еден од битните предуслови за напредувањето на Македонија кон ЕУ. Оваа постојано актуелна тема го доживеа својот врв во моментите кога во Собранието беше избрана новата комисија.
За претседателка на комисијата е избрана Билјана Ивановска, поранешна ревизорка за која Илија Димовски, претседател на Комисијата за избори и именувања, изјави дека иако немала најмногу бодови според рангирањето, била единствена од седумте што конкурирала за претседател, додека другите аплицирале само за членови.
За членови на комисијата се избрани Владимир Георгиев, Софка Пејовска-Дојчиновска, Катица Николовска, Нури Бајрами, Горан Трпеноски и Шемши Салаи. Како што обично се случува и овој избор не остана без критики во јавноста. Повод за нив, како што соопштуваат некои извори, е изборот на баџанакот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, при што се гледа конфликт на интереси и наводите дека една од кандидатките е блиска до министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Пратеникот Мухамед Зекири, кој беше дел од комисијата што ја вршеше селекцијата, рече дека е направен најдобриот можен избор од пријавените и тоа, како што истакна, на транспарентен начин и постапка. Тој истакна дека при изборот на членови и претседател на комисијата е почитуван принципот на соодветна и правична застапеност и на еднаква родова застапеност.
Во сублимиран заклучок на актуелните случувања, експертите стравуваат дека Македонија можеби уште долго ќе се бори со оваа штетна појава, а со новините во овој процес најверојатно се менува само формата, но не суштината и механизмот со кои ќе се спречи корупцијата во државата.
Универзитетската професорка Мирјана Најчевска коментирајќи ги случувањата поврзани со рангирањата на кандидатите за антикорупционери критикуваше дека комисијата ќе ја водат докажани кадри од претходниот систем и кадри од доверба на владејачките партии.
– Браво. Сега навистина никој не може да ве обвини за реваншизам – пишува Најчевска.
Професорката во својата објава на социјалните мрежи напиша дека прима облози дека од овој и ваков состав на комисијата во иднина нема да произлезе ниту еден случај со кој ќе биде засегнат кој било моќник.
Џабир Дерала од „Цивил“ во своја колумна на оваа тема, пишува дека државата (Владата) не треба да штеди на борба против корупцијата.
– Попрво, на тоа треба да гледа како на инвестиција. Во институцијата што треба да го постави правецот во таа борба, треба да работат професионалци што ја знаат својата работа и што не се на работ на својата егзистенција. Тие треба да имаат пристап и кон знаења и постојана надградба на своите вештини, луѓе што ќе бидат чувари на јавните пари и ќе го спречуваат судирот на интереси – пишува тој.
Поранешниот прв антикорупционер, Воислав Зафировски, во своја колумна за македонските портали анализирајќи ги случувањата на оваа тема, прашува дали Државната комисија за спречување корупција е форма без суштина и без персонални решенија.
– За борба против корупцијата е потребна пред сѐ политичка волја, потребна е ефикасна и ефективна работа на институциите на државата, а тоа во последните десетина години Република Македонија го нема. Во таа насока и ДКСК е дел од тој етаблиран не ефикасен општествен систем – пишува Зафировски.
Во контекст на овие актуелни случувања, за забележување е и фактот што минатиот месец во парламентот беше изгласан Законот за спречување на корупцијата и на судирот на интереси.
Во пресрет на претседателските редовни избори годинава, во согласност со новите овластувања, Државната комисија за спречување на корупцијата може да го следи и претстојниот изборен процес во делот за финансирање на политичките партии. Натаму, според големиот број полемики во јавноста, најголемите промени во законските измени се однесуваат токму на начинот на избор на новите антикорупционери, на нивното разрешување, финансирање, но и утврдување рокови за нивните работни активности.
Според измените на законот, претседателот и членовите, кои ќе бидат повторно седуммина на број, ќе треба да имаат високо образование со утврден минимален успех и најмалку шест години работно искуство во областа на борбата против корупцијата и владеењето на правото. Дополнително, законот предвидува и можност за разрешување членови доколку тие се осудени за кривично дело, додека во минатиот закон немаше таква опција.
Инаку, за потсетување, лани во март пет од седум члена на антикорупциската комисија поднесоа оставки од своите функциите, откако ревизорски извештај на УЈП покажа дека некои од членовите користеле неверодостојни налози врз основа на кои им биле исплаќани нереални патни трошоци, пријавувале неточни суми за изнајмување станови, поднесувале сметки за ручеци и вечери во ресторани во државата, но и при патување во странство.
Веднаш по скандалот, дел од граѓанскиот сектор и невладините организации во државата се активираа во т.н. блок „Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата“. Тие излегоа со иницијатива за департизација на антикорупциската комисија и побараа воспоставување професионално тело за антикорупција, кое ефективно, независно и со висок интегритет ќе иницира и ќе ги спроведува законските надлежности и политиките за спречување на корупцијата во државата.