Нов концепт на претседателот Пендаровски за национално помирување и одбележување на Илинден
Претседателот Стево Пендаровски годинава нема да одржи говор на чествувањето на празникот Илинден на Мечкин Камен, во согласност со воведувањето на новиот концепт за одбележување на 2 Август, беше соопштено на вчерашниот брифинг со новинарите. Во Крушево се поканети лидерите на сите политички партии за државниот врв да се собере на едно место, без да има одделни чествувања. Присуството досега го потврдил само претседателот на ДУИ, Али Ахмети. На прашањето на „Нова Македонија“ дали ваквата идеја може да се оцени како процес за национално помирување, претседателот вели дека средбата претставува чекор во вистинска насока.
– Самиот процес е компликуван и долг. Една средба не може да биде решение, туку чекор во вистинска насока – објаснува Пендаровски.
Тој се осврна и на актуелната политичка ситуација во Бугарија, односно на очекувањата од преговорите со идната бугарска влада. Претседателот посочи дека му е тешко да предвиди како ќе се развива процесот за формирање на новата бугарска влада, при што не ја исклучува ниту можноста за одржување нови избори во Бугарија.
– Нашите власти, по анализа на состојбата, сметаат дека таа пак ќе биде тешка, бидејќи кадрите за кои се предвидува дека би можеле да формираат влада во Бугарија немаат значително политичко искуство. Тешко е да се претпостави како ќе се развива процесот и колку ќе трае – истакна Пендаровски.
Претседателот додаде и дека иницијативата „Отворен Балкан“ е одлична можност за регионот.
Предвидено е централната манифестација за одбележување на Илинден да почне по 18 часот, за да можат да присуствуваат и претседателот на Собранието, Талат Џафери, и премиерот Зоран Заев, кои годинава треба да бидат на одбележувањето на Илинден во Скопје, односно во Пелинце. Претседателот на државата, премиерот и претседателот на Собранието, во согласност со досегашната практика, секоја година присуствуваат во Крушево, Пелинце и во Скопје, по принцип на ротација. Според најавите од Кабинетот на Пендаровски, програмата ќе почне со читање илинденски пораки и Крушевскиот манифест од страна на актерот Никола Ристановски, а потоа ќе настапи Влатко Стефановски. Пендаровски, пак, ќе има видеообраќање во траење од две минути. А предвидени се и настапи на „Танец“, албански ансамбл за песни и ора, како и ора на Воениот оркестар. Во Крушево ќе биде и традиционалната коњаница, а ќе маршира и почесен баталјон на АРМ.