Ќе успеат ли политиката, политичарите, одговорните во државата, носителите на власта, но и носителите на опозицијата, или институциите и администрацијата, да ја научат лекцијата од изминатава година, за да ја дочекаат и менаџираат евентуалната следна, помала или можеби поголема, ваква криза во интерес на граѓаните?! Успешноста во справување со кризи е во што помала штета и што помалку жртви, а не во обвинувањата за тоа кој помалку, а кој повеќе придонел во стабилизација или дестабилизација на состојбата. Кога се во прашање граѓаните, одговорноста е на сите оние што граѓаните ги избирале и биле уверени дека тие можат и умеат. Но одговорност имаат и другите чинители во општеството
Пандемијата откри дека немаме разработени сценарија за кризен менаџмент
Светската пандемија на ковид-19 и сите последици произлезени од нејзе ги откри сите системски слабости кои со години се провлекуваат низ македонското општество. Ако многумина не посветуваа внимание низ годините, последиците од нив во оваа криза резултираа со загубени животи, трајни последици по општото здравје, економска пропаст. Одговорноста на политичарите, независно дали тие се од власта или опозицијата се покажа како неадекватна за сериозноста на предизвикот со кој се соочија, а требаше да го решаваат.
Нам ни беше позната формулата за решавање кризи, каде ја забаталивме?
За какви односи, обврски и зона на одговорност станува збор, доволно отслика јавната преписка меѓу шефот на државата Стево Пендаровски и Владата, односно првиот човек во здравството Венко Филипче. На тоа секако свој став даде и премиерот Зоран Заев. Наместо алтернативни решенија и стратегиски насоки за излез од проблемите, експерти за односи со јавноста велат дека „тие на јавноста ѝ понудија недозволиво разголено ниво на дневна политика, набедувајќи се еден со друг кој е понеспособен за наоѓање решенија“. Според нив, токму „примерот со менаџирањето на оваа криза покажал дека државата со години не работела на планови за институционален одговор во случај на кризи“. Не само што не работела туку и „целосно го запоставила овој систем, кој во минатиот систем бил солидно поставен“.
Ќе успеат ли политиката, политичарите, одговорните во државата, носителите на власта, но и носителите на опозицијата, или институциите и администрацијата, да ја научат лекцијата од изминатава година, за да ја дочекаат и менаџираат евентуалната следна, помала или можеби поголема, ваква криза во интерес на граѓаните?! Успешноста во справување со кризи е во што помала штета и што помалку жртви, а не во обвинувањата за тоа кој помалку, а кој повеќе придонел во стабилизација или дестабилизација на состојбата. Кога се во прашање граѓаните, одговорноста е на сите оние што граѓаните ги избирале и биле уверени дека тие можат и умеат. Но одговорност имаат и другите чинители во општеството. Попусто не постои принципот во општеството „контрола/коректив и баланс“. Но исто така, државата како институција мора да има механизми според кои ќе реагира, мора да има стратегиски планови.
Аналитичарите велат дека токму во овие моменти најмалку се потребни обвинувања кој донел вакцини, кој лобирал за вакцините, а кој е виновен за нивното доцнење.
Дали оваа пандемија, целата криза и состојбата со вакцините покажаа дека ни недостига организиран систем за кризен менаџмент преку институциите за вакви историски моменти?
Институциите со децении не се надградуваат
Политичарот Петар Гошев и поранешен гувернер на Народната банка се прашува што треба поочигледно да се случи, за да се види какви се институциите и да се види какви се луѓето што ги водат нив.
– Проблемот е подлабок. Институциите со децении не се градат, всушност полесно се рушат. Не можат да се градат за неколку години, зашто е потребно време во позитивна насока и постојан напор да се одржува завидно ниво на капацитетот на институциите и нивната функционалност. Со децении имаме осакатување на функционалниот капацитет на институциите. Кога ќе дојдат шокови од овој тип, излегува на површина целиот гнилеж – вели тој.
Според него, уредените држави имаат политики на управување со кризи, кои можат да дојдат од различни страни.
– Така, во економијата има управување со макроекономските ризици. Ако управувате со макроекономските ризици, планирате како би одговориле во дадена ситуација предизвикана од екстерен шок или од интерен шок, кој може да произведе големи последици врз економијата, а преку неа и на населението. Размислувате за сценарија и како да реагирате. Македонските јавни финансии не беа во можност да одговорат на ваков шок, кој дојде од здравството и ја погоди целата економија. Запреа многу активности, се намалија приходите на јавните финансии, а тие го потрошија капацитетот за позајмување во кризни ситуации во претходните години, кога јавниот долг заради политички пропаганди непотребно се зголеми од 23 проценти на 50 проценти од бруто-домашниот производ (од 2006, па до 2016 година). Кога доаѓа ваква криза, приходите се намалуваат, а оваа влада го зголеми долгот изнудено за уште 10 отсто.
Можеше ли подобро да се смислат подобри мерки, парите да се употребат поефикасно – вели Гошев.
Сепак, смета и дека здравството како јавна компонента е рушено со децении, зашто сите политички гарнитури немаат јасен идеолошки концепт.
– Зошто се потисна и се елиминира јавното здравство, врз основа на која идеологија. За длабоки концептуални прашања во земјава не се водела компетентна дебата, туку постојано се фрлале дневнополитички балони – додава тој.
Виртуелни концепти многу, ниту една функционална стратегија
Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) вели дека веќе не е никаква филозофија да се констатира дека Владата не се справи со набавката на вакцини, но и со целата пандемија, особено со високата смртност.
– Иако самиот здравствен систем релативно добро се организира, не го достигна нивото како што беше состојбата во некои земји, сепак, смртноста е повисока од преостанатите земји. Изостанаа мерки за заштита и доцно упатување на заболените во болниците. За набавките на вакцина е дегутантно да се коментира, на сите им е јасно дека е големо потфрлање на Владата – додава Кржаловски.
Целата оваа лоша комуникација меѓу институциите, според него, ќе создаде проблеми на приоритетите во земјата.
– Се поставува прашање на приоритетите и етичкото прашање на политичарите – посочува Кржаловски.
Тој исклучително јасно и гласно смета дека државата треба да има стратегија.
– Имаме мал милион стратегии за сѐ и сешто. Само што тие се прават проформа и поради некои странски проекти. И кога се направени, тие не се концептуално добри и спроведливи и никој не ги ни чита или не ги следи правилата и постапките. На пример, Националната стратегија за справување со тероризмот е лоша. Затоа треба да се прават работи што ќе бидат функционални и спроведливи – заклучува Кржаловски.