Оние со поизразени симптоми ги посетуваат матичните лекари, но поради состојбите со пандемијата на коронавирусот некои од пациентите со поблаги настинки и вирози за симптомите и терапијата со лекарите се консултираат по телефон, додека, пак, друга група пациенти земаат терапија на своја рака, бидејќи се плашат и да влезат во амбулантите
Сезоната на настинки и вирози почна, но многумина поради стравот да не се заразат со ковид-19 се плашат и да влезат во амбулантите, а не пак и да појдат кај своите матични лекари на преглед. Оние со поблаги симптоми со лекарите се консултираат по телефон, додека, пак, друга група пациенти земаат терапија на своја рака за да ја победат настинката или вирозата, притоа не знаејќи за што точно станува збор. Засега не може да се видат раздвиженост и метежи во чекалниците во амбулантите, бидејќи таму седат само оние со поизразени симптоми на настинки и вирози и оние што имаат итна потреба да се јават на преглед кај своите матични лекари или да побараат од нив да им бидат направени понатамошни иследувања за некое заболување.
Лекарите велат дека настинките сега се неизбежни, бидејќи многумина сѐ уште не можат брзо да се адаптираат на промените, иако летото е зад нас. Променливото време во текот на денот, несоодветната облека, па дури и навиката сѐ уште да се спие со летна покривка иако во доцните ноќни часови температурите се мошне ниски, сето тоа доведува до ситуација некои од граѓаните што се здравствено поосетливи да настинат. Последица на тоа се кивање, течење на носот, гребење во грлото. Вирозите имаат токму такви симптоми, многу слични на оние со лесна клиничка слика за ковид-19, па дури и полесното пренесување поради подолгиот престој во затворени простории им е заедничко.
– Сега многу се актуелни вирозите: затнат нос, гребење на грлото без посебна премаленост, кивање се симптомите карактеристични за нив. Ние како лекари не препорачуваме веднаш одење во здравствена установа. Но ако има влошување кај пациентот, тогаш мора да се оди понатаму. Наредниот чекор е матичен лекар, па во лабораторија. Имено, лабораторијата ни е водич што ќе правиме понатаму – вели д-р Нада Аницин, специјалистка по општа медицина во поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје.
Дали може да се препознае настинката, односно вироза, и што им се препорачува на граѓаните во случај некои од симптомите да ги препознаат кај себе.
-Во принцип, вирозата трае два-три дена и советуваме пиење млаки напивки, витамин Ц, а доколку има влошување, дури тогаш пациентот треба да дојде на лекар. Ако станува збор за настинка, таа може да потрае од седум до десет дена, но и тоа е вирус. Главно се карактеризира со главоболка, немоќ и онаа телесна температура од 37 до 38 Целзиусови степени. Пациентите мора да знаат дека не постои лек за вирозите и настинките и практиката го покажала тоа. Во вакви ситуации никако не смеат на своја рака да земаат антибиотик, тој може да се користи само во консултација со лекар – издвојува д-р Нада Аницин.
Здравствените работници, како и многупати досега, истакнуваат пациентите да се советуваат со своите матични лекари и да прашаат за сѐ што ги интересира. И сега поради пандемијата тие им стојат на располагање да се советуваат со нив по телефон и доколку имаат потреба, односно влошување на нивната здравствена состојба да ги посетат амбулантите.
Она на што најмногу обрнуваат внимание лекарите е пациентите во никој случај да не земаат антибиотици на своја рака, без притоа да ја знаат вистинската дијагноза. Тие истакнуваат дека ниту настинките ниту вирозите што се актуелни периодов не може да се лекуваат со антибиотици. Лекарите се согласни со процедурите што во аптеките граѓаните не може да земат антибиотици, односно дека антибиотиците не се издаваат без лекарски рецепт. Пациентите не треба да ги користат ниту антибиотиците што ги имаат во домашните аптеки, бидејќи е можно да направат уште поголема здравствена хаварија.
– Ние и не сме престанале со прегледи на пациенти на кои итно им се потребни и во една смена имаме по околу педесет прегледи, вклучувајќи ги тука пациентите за упати, потоа оние за терапија за хронични заболувања и акутни состојби. Тука, секако, се и пациентите со хронични заболувања, кои доаѓаат по својата терапија. Исклучок се пациенти со покачена температура, но во принцип најпрвин се јавуваат, а потоа доаѓаат и ги прегледуваме во ординација. Прво контактираме телефонски, ни ги кажуваат симптомите, но секако кај пациентите стравот да не се заразиле со ковид-19 е голем – подвлекува д-р Нада од поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје.
Во секој случај, ако се работи за обична настинка или вироза, тогаш лекарите препорачуваат земање што повеќе топли напивки, како чај, млеко со мед, супи, потоа земање витамини, свежо овошје и зеленчук и секако свежо исцедени овошни сокови. Летото помина и ладните студени напивки сега не ни одат во прилог на здравјето, коментираат лекарите. Во раните утрински и доцни часови препорачуваат потопла облека, бидејќи соодветната облека е исто така важна за чување на здравјето.
И во поликлиниката во Чаир веќе се јавувале пациенти со симптоми на настинка и вирози, но повеќето претпочитале да се видат со својот лекар на преглед.
– Се зголемува бројот на пациенти што се јавуваат со настинки и вирози, од околу триесет пациенти во текот на денот по шестмина главно доаѓаат на преглед поради настинки или вироза. Така им е поуверливо отколку на телефон, навикнати се да доаѓаат. Се жалат на течење на носот, кивање, благо покачена температура, главно се со полесни симптоми.
Доколу чувствуваат и болки во зглобовите и имаат малку покачена телесна температура, тогаш им препорачуваме парацетамол или аспирин. Не сакаме да се откажеме од летото и летната облека, а настинките се резултат токму на настанатата промена на времето. Преку ден е топло, а наутро и навечер веќе заладува и мора да се чуваме – вели д-р Мевљудин Куч од поликлиниката во Чаир, Скопје.
Но она на што најмногу свртуваат внимание лекарите никако пациентите да не земаат антибиотици на своја рака без притоа да ја знаат вистинската дијагноза, бидејќи ниту настинките ниту вирозите што се актуелни периодов не можат да се лекуваат со антибиотици. Лекари велат дека е добро што сега во аптеките граѓаните на може да земат антибиотици, бидејќи тие не се издаваат без лекарски рецепт. Но затоа не треба да ги користат ниту оние од домашните аптеки.