Нагласувањето на добрососедството во извештајот на ЕК и изјавите на еврокомесарот Вархеи дека е неопходно „разјаснување на недоразбирањата“ со соседите, инаку во спротивно „ќе биде многу тешко“, само дополнително ги разбрануваа стравувањата дека Македонија повторно може да биде предмет на уцени и да биде принудувана на нови отстапки во однос на барањата на соседите

КОГА ДОБРОСОСЕДСТВОТО СЕ ТОЛКУВА КАКО АЛАТКА ЗА УЦЕНА И ЗА ПРИНУДА

Умерените пофалби во извештајот на Европската комисија за „умерената подготвеност“ на Македонија да ги започне преговорите за членство во ЕУ, кои во домашната политичка јавност се проценија како потврда на „зеленото светло“ од март годинава, сепак не поминаа без сенката на критериумот за добрососедство. Имено, широкото толкување на овој критериум, соседите на Македонија, од кои некои се веќе членки на ЕУ, максимално го користат како инструмент за уцена за постигнување на своите интереси и опструкција на македонските евроинтеграции.

По привидното стивнување на дводецениската грчка блокада на патот на Македонија кон ЕУ по потпишувањето на Преспанскиот договор, на сцената настапи Бугарија со барања до ЕУ нејзините услови поврзани со оспорување на македонскиот идентитет и историја да бидат вградени како своевидно поглавје во преговарачката рамка за Македонија. Иако во најновиот извештај на ЕК не се споменува експлицитно бугарскиот документ до земјите-членки на ЕУ, наречен „објаснувачки меморандум“, сепак во него и понатаму се истакнуваат почитувањето и спроведувањето на договорите за добрососедство што Македонија ги има потпишано со Бугарија и со Грција. На прес-конференцијата во Брисел, при претставувањето на извештајот на ЕК, еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи исто така нагласи дека Скопје треба да продолжи да вложува напори за надминување на споровите со соседна Бугарија, која како земја-членка може да ги блокира усвојувањето на преговарачката рамка и почетокот на преговорите со ЕУ. Истото тоа го нагласи и вчера при посетата на Македонија.
Иако се обидуваше да ја намали драматичноста на потенцијалот на Бугарија за блокада на македонските евроинтеграции, еврокомесарот Вархеи и при посетата на Скопје (еден ден по објавувањето на извештајот), сепак, не ја отфрли сериозноста на таквата можност.

– Јас можам само да повторам дека е во интерес и на Бугарија и на Северна Македонија да најдат решение за овие прашања. Без да се разјаснат недоразбирањата, ќе биде многу тешко, работите треба да се придвижат нанапред и мислам дека ова е моментот да се постигне договор – одговори еврокомесарот Оливер Вархеи на новинарско прашање дали воопшто може да се преговара за идентитетските прашања и дали Бугарија со тоа не го прекршува основниот постулат на ЕУ за самоопределување.
Притоа тој истакна дека гледа подготвеност кај премиерите на двете земји и, според неговите информации, тие работат на решавање на отворените прашања и се надева дека ќе успеат да најдат решение.
– Ќе направиме сѐ што можеме да се најде решение и да помогнеме. Не е невозможно. Не би драматизирал толку, но сепак е сериозно – двосмислено одговори еврокомесарот за проширување.
Токму ваквата реторика од Брисел ги разбранува стравувањата дека Македонија повторно може да биде предмет на уцени и да биде принудувана на нови отстапки.
– Она што ми падна в очи во извештајот на ЕК е повторното нагласување на договорите за добрососедството за Македонија. Секако, ќе беше подобро да биде нагласено почитување на договорите за добрососедство од двете страни, иако можеби тоа се подразбира. Но во вакви документи препорачливо е тоа да биде нагласено.

Што се однесува до „објаснувачкиот меморандум“ на Бугарија, кој се потпира (и го користи) токму на критериумот за добрососедство, верувам дека Европејците допрва ќе го проучуваат. Од друга страна, бирократите во ЕУ и во ЕК се шампиони да најдат некоја формулација за да го нотираат тој меморандум во преговарачката рамка за Македонија, но да биде што помалку обврзувачки. Не може да се избегне состојбата дека Бугарија е сепак членка на ЕУ – смета поранешниот македонски дипломат Љупчо Арсовски.
И покрај пофалбите и изразената решеност на ЕК да биде одржана првата меѓувладина конференција со Македонија до крајот на германското претседателство со ЕУ, т.е. во декември годинава, останува неразјаснета дилемата дали „објаснувачкиот меморандум“ на Бугарија и воопшто добрососедските договори остануваат да бидат Сизифовиот камен за Македонија во текот на целиот процес на евроинтеграција.
– ЕУ секако не го игнорира бугарскиот меморандум, но формулацијата во извештајот би ја оценил како укажување до нас – да не го игнорираме ние.

Со други зборови, не верувам (од други изјави, не од самиот извештај) дека барањата на Бугарија ќе ни станат „нов камен околу вратот“, односно сметам дека сепак ќе ги почнеме преговорите во декември, но дека треба да сме проактивни и да продолжиме да разговараме за разликите во разбирањата (вклучувајќи ја и историјата, заедничките личности што ги славиме, како и самиот Договор за добрососедство). Една од придобивките на приближувањето и членството во ЕУ е учење да ги сослушуваме другите и да се обидеме да ги разбереме нивните ставови, а потоа, во конструктивна расправа, заеднички да заклучиме кое е посоодветно гледиште (или да се согласиме дека не се согласуваме). Тоа е постојан процес и е најчесто со соседите, но ниту ќе е единствен, ниту последен. А можеме многу да го „вежбаме“ и внатрешно – на пример, да се обидат политичките партии да се договорат за што било, вклучувајќи и за прашањата за кои не се согласуваме со соседите (т.е. дали имаме ние во Македонија согласност и исто разбирање за сите тие прашања/работи) – вели Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).