Фото: Игор Бансколиев

Националниот парк Пелистер, а во таа смисла и сите други национални паркови во државата, не треба, како и во минатото, своите приходи да ги остварува во најголем дел од сечење и продажба на огревни дрва, односно сечење на моликата, која е непроценливо шумско богатство

ЗАГРОЗЕНО ОПСТОЈУВАЊЕТО НА НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК ПЕЛИСТЕР

Во националниот парк Пелистер веќе подолго време се размислува и се настојува со поведување разни иницијативи и реализација на разни еколошки проекти да се реши начинот на (само)финансирање.
Во настојувањето за рентабилно работење и намалување на приходите од сечење и продажба на огревно дрво, првиот човек на националниот парк Пелистер, Осман Шукриу, неодамна поведе иницијатива за наплата на одреден процент од цената на водата што извира и тече низ планината Пелистер, а која покрај ЈКП „Водовод“-Битола бесплатно ја користи и ЈП „Стрежево“, како и наплата на одреден процент од приходите што ги остваруваат сопствениците на хидроцентралите, кои за производство на електрична енергија ги користат водите од националниот парк, но и наплата на дел од средствата од сопствениците на антенските столбови што се поставени на највисоките точки на врвовите на националните паркови во државата.
Мене никако не ми е јасно како може водите што извираат и течат низ Пелистер, ЈКП „Водовод“-Битола и „Стрежево“ да ги користат бесплатно и да им ги продаваат на граѓаните, а ние како национален парк, кои се грижиме за водите што извираат и течат низ планината, да не добиваме ни скршен денар. Таа е вода на паркот и ние треба да добиваме одреден процент за неа од тие што ја користат и ја продаваат – вели Осман Шукриу, кој смета дека оваа иницијатива треба да се озакони со одлука на Владата.
Како што ни објаснува Шукриу, во националниот парк веруваат дека на тој начин ќе може да обезбедуваат средства за опстојување, а не како сега, да ја сечат моликата за да можат да преживеат. Според него, одреден процент за институцијата треба да плаќаат и сопствениците на хидроцентралите во Брајчино и Маловиште, кои се изградени во националниот парк.
Ваквите иницијативи на менаџментот на НП Пелистер, со кои е запознаена и Владата, според Шукриу, наишле на одобрување и кај другите директори на националните паркови во Македонија.
– Националниот парк Пелистер, а во таа смисла и сите други национални паркови во државата, не треба како и во минатото своите приходи да ги остварува во најголем дел од сечење и продажбата на огревни дрва. Да бидам поконкретен, Пелистер не смее своето опстојување да го темели на сечење на моликата.

Во нашите национални паркови треба да има само санитарна сеча и да се сечат само оние дрвја што го одживеале својот век и кои мора да се сечат за да се спасат здравите дрвја. Доколку се прифатат нашите иницијативи, во тој случај сечата на Пелистер и националните паркови ќе се сведе на минимум и шумите во парковите ќе бидат заштитени и наменети исклучиво за заштита на човековата околина и прочистување на воздухот. Националните паркови се „белите дробови“ на градовите. Секое нивно уништување е практично уништување на здравјето на луѓето. Жално е ние на Пелистер да ја сечеме моликата и потоа да ја продаваме како огревно дрво, од кое подоцна сите ќе се труеме поради нејзиното горење заради затоплување на домовите – вели Шукриу.
Иако ваквата иницијатива сѐ уште не е озаконета и прифатена од страна на Владата, во националниот парк Пелистер настојуваат токму така да се однесуваат и сечењето на моликата го сведоа на минимум. На Пелистер дрвјата се сечат исклучиво по планот за санитарна сеча. За да се збогати фондот на моликови дрвја, деновиве со моликово семе беа посеани одредени „голи“ површини.
Во Европа и во светот националните паркови се заштитени. Таму практично сечата на дрвја за финансирање на парковите е забранета. Опстојувањето на институциите што се грижат за парковите е грижа на државата. Токму затоа и кај нас треба да се забрани сечењето на дрвјата за опстојување на националните паркови, а нивното финансирање да биде грижа на државата – вели Шукриу.

Инаку, националниот парк Пелистер досега главно се финансира од сечењето и продажбата на огревните дрва, како и од средствата што ги добива од екопроектот „Преспа-Охрид“, во висина од околу 100.000 евра, кои ги дава германската влада, а чија цел е за толкав износ на пари да се намали сечата на моликата на Пелистер. Како што објаснува Шукриу, преостанатите приходи од берачите на боровинки или од посетителите на инфоцентарот се симболични.
За да се подобри финансиската положба на Пелистер, некои од вработените постојано се во потрага по еколошки проекти. Засега националниот парк најмногу средства добива од екопроектот „Преспа-Охрид“, финансиран од германската влада, кој ќе трае 15 години.
Благодарение на други еколошки проекти, паркот набави современа опрема за надгледување. Со средства од други проекти се набавени камери со кои е покриен значаен дел од паркот, дрон преку кој се следи состојбата од воздух, како и современо пожарникарско возило.
За да се разменат искуства меѓу двата национални парка Пелистер и Галичица, неодамна во информативниот центар на Пелистер се одржа работна средба на тема екосистемски услуги.