Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кризата, која најмногу ги погоди токму компаниите, не ги натера истите тие да се откажат од позитивната практика на разни начини и со различни средства да интервенираат во подобрување на општествениот амбиент, а, како што велат и универзитетски професори и претставници на бизнис-заедницата, и општеството и државата знаат како да се вреднува тоа

ЕКОНОМИЈАТА СЕ СООЧУВА И СО ГОЛЕМ БРОЈ ОПШТЕСТВЕНИ ПРЕДИЗВИЦИ

Општествената одговорност на македонските претпријатија во периодот кога државата се справува со последиците од здравствено-економската криза, предизвикана од пандемијата на коронавирусот, како да се засилува како што слабеат функциите на државата, пред сѐ во најчувствителните области, какви што се здравството, образованието, екологијата… Вистина, трендот на пораст на општествено одговорни активности на компаниите, кој во времето на пандемијата особено дојде до израз, веќе одамна е присутен на овдешниот простор, така што повеќето компании веќе ги вградуваат и во долгорочните планови и стратегии за своето работење.
Кризата, која најмногу ги погоди токму компаниите, не ги натера истите тие да се откажат од оваа позитивна практика, а, како што велат и универзитетски професори и претставници на бизнис-заедницата, и општеството и државата знаат како да се вреднува тоа.

Не може да се очекува еднакво високо ниво на одговорност од сите

Универзитетскиот професор Ванчо Узунов објаснува дека во кризава не може да се очекува еднакво високо ниво на општествена одговорност од сите компании, но и дека тие што се одговорни кон амбиентот во кој дејствуваат, за возврат од државата добиваат одредени „меки мерки“ како стимул, што значително им го олеснува работењето.
– Имено, сега, кога живееме во време на пандемија, не може да очекуваме одредена општествена одговорност од компаниите да биде како на нивото пред овие случувања. Дополнително, во тој правец општествена одговорност од компаниите во индустриите што се најмногу погодени од пандемијата, како угостителството или компаниите за организирање настани, нема да може да се забележи. Но во нашата економија имаме компании на кои им се зголеми профитот токму од самата пандемија. Такви фирми се на пример оние во ИТ-индустријата и фармацевтските претпријатија и оние од трговијата, како компаниите што ги поседуваат синџирите на маркети во Македонија, кои, пак, на своите конта бележат повеќе финансиски приходи од претходно. Токму овие фирми може сега,. доколку сакаат, да се истакнат по својот морален придонес кон нашето општество, земја и народ – вели професорот.

Како се гради социјалниот имиџ на фирмите

Узунов, сепак, потсетува и дека по економските закони, компаниите се единствено одговорни на тој што ги креирал и поседува, па оттука, според него, приватните компании се одговорни кон приватниот сектор, а државните кон државата што ги формирала.
– Оттука, тенка е границата да се истакне дека некоја фирма може да е општествено одговорна за време на пандемијата надвор од рамките на тоа кој ја формирал и кој ползува од нејзиното работење – вели професорот.
Конечно, Узунов заклучува оти, благодарение на, како што вели, фолклорот во кој дејствува светскиот и домашниот бизнис и во кој е важен социјалниот имиџ на фирмите, за среќа, се создале и околности во кои во земјава делови од профитот на претпријатијата се користат и за колективни придобивки, кои особено многу значат во време на пандемијата.
Според информациите на Стопанската комора на Македонија, различни форми придонесуваат во поддршката на државата во време кога подолг период се соочуваме со тешки здравствени и економски услови наметнати од пандемијата. Оттука, во редовните публикации за активностите на нејзините членки, од Комората информираат дека македонските претпријатија имаат голем број активности што се од општествено значење, од донирањето медицинска опрема за потребите на јавните здравствени установи, преку материјалната и финансиската помош на општините низ земјава, поддршката на различни хуманитарни акции и активности на Црвениот крст до покровителствата на спортските настани.

Општествената одговорност кај нас се базира врз доброволен концепт

Во својата изјава на темава, Никица Кусеникова, извршна директорка на граѓанското здружение „Конект“, објаснува дека во моментов општествената одговорност кај нас се базира врз доброволен концепт, компанијата сама одлучува доброволно да направи нешто повеќе од она на што е обврзана со законите.
– Така, на пример, законот не ги обврзува приватните компании да вработуваат самохрани родители или лица со попреченост, но има стопанственици што одлучуваат да ги вработат, овозможувајќи им на тој начин извор на приходи, како и социјална интеграција – вели таа.
Според неа, некои од македонските фирми вложуваат во образованието, реновираат училишта или стипендираат кадри за потребите на компанијата за понатамошно школување во странство, а има и компании што воведуваат нови технологии и воспоставуваат системи со кои загадувањето на животната средина се сведува на најниско можно ниво.
Според Кусеникова, земјите од ЕУ не застануваат тука и компаниите од Унијата имаат обврска да објавуваат извештаи за сработеното во однос на општествената одговорност.
– Оние што не го сториле тоа се задолжени да ги наведат причините, како и идните планови на ова поле. Голем дел наши компании работат со фирми од ЕУ. Тие преку договори ги обврзуваат своите бизнис-партнери од Македонија да бидат општествено одговорни – вели Кусеникова.


На потрошувачите им е важно компанијата чии производи и услуги ги користат да биде општествено одговорна

Во Европа дури две третини од сите бизниси се општествено одговорни. Не само што се бараат овие практики туку кога се применети, тоа им донесува на компаниите дополнително позиционирање на пазарот и поголем број клиенти. Според едно истражување, на над 25 отсто од потрошувачите им е важно компанијата од која ги снабдуваат своите услуги да биде општествено одговорна.
Во свој осврт на оваа тема, „Светскиот економски форум“ информира дека само меѓу државите во Стариот Континент се зголемила динамиката на компаниите кон општествено одговорни дејности.
Оттаму информираат дека европските фирми донирале средства и апарати за опремување на медицинските капацитети во државите на ЕУ, но истовремено и донирале огромни количества заштитна медицинска опрема и средства за дезинфекција на населението во државите во Унијата.

Натаму, во своја информација на оваа тема, економскиот портал „Фортун“ пишува дека над 5.000 светски брендови изминативе месеци издвоиле огромни суми финансии за полесна битка на државите со пандемијата.
Имено, компанијата „Кока кола“ потрошила три милиони долари за видеокампања за зголемување на опасностите од пренесувањето на вирусот меѓу населението. Енергетската корпорација „Шеврон“ ѝ донирала седум милиони долари на Светската здравствена организација во битката со пандемијата. Американската фирма „Амазон“, пак, потрошила над 100 милиони долари во обезбедување храна за најпогоденото население од економската криза во пандемијата во САД.

[email protected]