Фото: Дарко Андоновски

Владата вчера го разгледа и го проследи на усвојување во Собранието законот со кој ќе се регулира идниот статус на специјалното јавно обвинителство. Судбината на ова обвинителство зависи од двотретинското мнозинство во законодавниот дом.

Премиерот Зоран Заев очекува дека законот за СЈО ќе биде донесен со консензус.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека законот влегува во парламентарна расправа, со тоа што прво ќе се разговара со најголемата опозициска партија, па со помалата група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и со помалите опозициски партии на Албанците.

– Очекувам дека за овој закон треба и мора да се постигне консензус. Секако, има секаков вид очекувања, но редот е сите заедно да му дадеме поддршка – рече Заев.

И вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, од редовите на ДУИ очекува поддршка од сите политички партии.

– Ние како влада имаме 68 пратеници, така што очекуваме да добиеме поддршка и од другите политички партии, за да имаме најмалку 80 пратеници – изјави Османи.

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ засега не се изјаснила за законот. Ќе чека да ја види неговата содржина за да донесе конкретен став. Портпаролот на партијата, Димче Арсовски, изјави дека нивните правни експерти треба да го разгледаат законот, а потоа ќе излезат со партиски став.

– Досега знаеме дека СЈО беше само предмет, инструмент за уцени и политички прогон, така што не се сомневаме дека и понатаму би било истото, меѓутоа, сепак да го добиеме законот, да го разгледаат, да го погледнат нашите правни експерти, да се разговара на него низ партиските тела. Веднаш потоа ќе излеземе со конечен став – соопшти Арсовски.

Координаторoт на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Никола Мицевски, пак, смета за ова прашање се потребни меѓупартиски консултации, вклучувајќи и лидерска средба.

Министерката за правда Рената Дескоска неодамна изјави дека со новото законско решение, специјалното јавно обвинителство ќе биде дел од Основното јавно обвинителство со гаранции за негова автономност. Таа нагласи дека со законот се предвидува продолжување на надлежноста на СЈО за сите предмети што ги работеле во сите фази, за да нема никаква одредба што би значела затскривање и амнестирање со закон на каков било криминал. Ги повика сите политички партии да дадат поддршка за обезбедување двотретинско мнозинство за законот, бидејќи од тоа зависи евроинтеграцијата на земјата.
П.Р.