И додека регионалните медиуми известуваат за финансиска злоупотреба на околу 200.000 евра буџетски пари од страна на седум дипломатско-конзуларни претставништва на Македонија, ставот на МНР е дека не станува збор за никаков криминал и не биле вратени само 760 евра. Државниот ревизор, пак, за истиот случај изразил неповолно мислење во однос на вистинитото и објективното прикажување на финансиските извештаи
Скандалите во македонската дипломатија не се никаква новина за домашната, но и за меѓународната јавност. Љубовни афери, празни амбасади, дипломати што си тераат свои задоволства и одмори без дозвола од Министерството за надворешни работи, проневерени пари, вработување на роднини по амбасади, па дури водење бизниси на сметка на амбасадорската функција се некои од скандалите поврзани со македонските дипломатски претставништва низ светов, кои ги полнеа македонските медиуми во изминативе години. Деновиве под засилена медиумска опсервација за можна финансиска злоупотреба се седум наши дипломатско конзуларни претставништва и тоа во Киев, Приштина, Рим, Ватикан, Њујорк, Берн и Токио, кои според некои регионални медиуми се сомничат оти направиле финансиски неправилности и го оштетиле буџетот на државата за околу 200 илјади евра. Според пишувањето на бугарската Независна балканска новинска агенција (ИБНА), споменатите македонски амбасади односно дипломатско-конзуларни претставништва (ДКП) во моментов се под истрага на домашните органи поради невраќање на средства во износ од околу 200 илјади евра во буџетот на Македонија, кои според закон овие амбасади се обврзани да го сторат тоа за сите средства што не ги потрошиле во тековната година, односно до крајот на 2017 година. Како што наведува порталот ИБНА со седиште во соседна Бугарија, ова не е прв случај на вакви активности на македонските амбасади во однос на државните пари со кои располагаат тие. Впрочем ова се посочува и во конечниот извештај за извршена ревизија на финансиските извештаи на Министерството за надворешни работи за 2017 година од Државниот завод за ревизија. Во заклучоците од овој документ, меѓу другото направен од ДЗР, се наведува дека со извршената ревизија за 2017 година е изразено неповолно мислење во однос на вистинитото и објективното прикажување на финансиските извештаи, додека за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантна законска регулатива, упатства и воспоставени политики е изразено мислење со резерва. Според ревизорите, најголемиот проблем во МНР се финансиските одделенија и административното работење. Како што забележуваат, повеќето од дипломатско-конзуларните претставништва функционирале без амбасадор или генерален конзул, односно, заклучно со 2017 г., од вкупно 57 амбасади, 21 функционирале без амбасадор. Во извештајот понатаму има забелешки и во недоследното применување на Законот за јавни набавки. Како пример, наведуваат дека амбасадите не ги вратиле непотрошените пари во тековна година во државниот буџет. Исто така, во 2017 година МНР планирало 21.796 денари за една намена, а биле пренаменети за нешто сосема друго без согласност на Министерството за финансии. Иако сите недоследности во ревизорскиот извештај се направени во време на претходниот министер за надворешни работи, Никола Поповски, некои од домашните експерти сепак велат дека ова е недозволиво за земја што се стреми да влезе во ЕУ и во НАТО.
„Нова Македонија“, за да ја добие вистинската слика за последните случувања и пишувања на регионалните медиуми околу тоа дека не се вратени непотрошените средства назад во буџетот обврзани според закон, а утврдени при последниот извештај на ДЗР за 2017 година, побара објаснување од Министерството за надворешни работи (МНР). На прашањата која е причината што неколку наши ДКП не ги вратиле непотрошените пари во тековна година во државниот буџет во висина од околу 200 илјади евра, повикувајќи се на пишувањата во медиумите, и дали со тоа е направена евентуална злоупотреба на државни средства и што планира МНР да преземе по ваквите сознанија, од Министерството за надворешни ни одговорија дека не станува збор за какви било злоупотреби на финансиски средства од страна на ДКП. Според МНР, практиката во работата на ДКП дозволува нашите конзуларни претставништва да располагаат со конзуларни приходи и средства, кои не се евидентираат во тековната фискална година, односно подоцна се враќаат во буџетот. Но тука, според МНР, не станува за евентуална злоупотреба на државни пари ниту пак за какви било финансиски неправилности.
– Се работи за парцијални случаи на неколку ДКП, кои од разни причини, заради објективни околности (задолжителни минимални депозити во локални банки, заради одржување на активни сметки, остварени конзуларни приходи на самиот крај на годината, непрокнижени плаќања кон локални фирми итн.) не биле во можност да ги вратат финансиските средства во буџетот на Република Северна Македонија заклучно со 31 декември 2017 година. За истите случаи не се водат истраги. Единствено е дека нашите проверки покажаа дека се работи за вкупен невратен износ од 46.800 денари, за сите ДКП. МНР сериозно ги разгледува сите укажувања од страна на Државниот завод за ревизија, посочени во нивниот ревизорски извештај за 2017 година – велат од МНР.
Во контекст на овие пишувања сличен како ставот на МНР е и ставот на поранешниот амбасадор на земјава во Москва, дипломатот Ристо Никовски. Тој коментирајќи ги последните натписи во медиумите за евентуална злоупотреба на државни пари од страна на неколку наши амбасади во странство, вели дека станува збор за ненавремено враќање на буџетските средства, кои не се потрошени до крајот на годината, но не и финансиски неправилности.
– Не е сосема јасно на што се однесува извештајот на Државниот завод за ревизија околу финансиските недоследности во ДКП. Изгледа дека во прашање е ненавремено враќање на буџетските средства, кои не се потрошени на крајот од годината. Или на остварените конзуларни приходи или на неуплатување на конзуларните приходи исто така во буџетот до крајот од годината. Се чини дека се тоа административни финансиски прекршоци без да има лични злоупотреби на средствата што, секако, треба да се испита. Според позитивните законски прописи на крајот од финансиската година сите ДКП се должни непотрошените средства, кои ги добиле како и остварените конзуларни приходи да ги вратат во буџетот на државата – истакнува Никовски.
Сепак, македонската јавност сѐ уште го памети скандалот со финансиските малверзации во македонската амбасада во Катар, кога амбасадорската функција ја извршуваше Фуад Хасановиќ. Тогаш, според пишувањата на весникот на албански јазик „Лајм“, Хасановиќ предизвикал финансиска малверзација од 20 до 30 илјади денари, но подоцна според сознанијата на една домашна национална телевизија се дозна дека сумата за која била утврдена проневерата е околу 50.000 долари, пари што подоцна се утврди дека недостигаат и во годишниот ревизорски извештај во 2014 година. Тогаш од МНР соопштија дека предметот бил процесиран до надлежните органи уште во 2014 година. За потсетување во 2014 година државната ревизија утврди дека во амбасадата на Македонија во Доха била извршена проневера за околу 50.000 долари. Тогашниот амбасадор Хасановиќ од сметката на македонската амбасада ненаменски исплаќал пари на лица ангажирани со авторски договор без соодветна документација. Ревизорите, според домашните медиуми, тогаш откриле и дека двајца ангажирани со договор за дело немале безбедносни сертификати издадени од соодветните македонски институции, а сепак имале пристап до документи со кои не смееле да бидат во контакт.