Македонските верски аналитичари велат дека македонското црковно прашање е и национално прашање, чие решавање мора да биде во согласност со националните интереси на државата и во тој контекст помошта од политичарите и од државните власти не е кршење на секуларизмот
Писмото на претседателот Пендаровски до Вартоломеј предизвика и политички и верски бранувања во Србија
Писмото на претседателот Стево Пендаровски испратено до Вселенската патријаршија предизвика големо внимание во домашната, но и во јавноста во Србија. И додека овде тоа се толкува како мешање на државата во црковните работи, во Србија се доживува како нов удар на нашата земја врз Српската православна црква. Писмото иницира контрареакција од српските државни власти, како што е изјавата на шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ, кој застана во одбрана на СПЦ и нејзиното право да го решава ова црковно прашање.
Македонските верски аналитичари велат дека македонското црковно прашање е и национално прашање, чие решавање мора да биде во согласност со националните интереси на државата и во тој контекст помошта од политичарите и од државните власти не е кршење на секуларизмот. Додаваат дека важна улога за интернационализирањето на прашањето за признавање на црквата има и актуелната политика во земјата, која треба да е на линија на поддршка на националните и државните интереси, кои се неразделен дел од црковната самостојност на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Изминатиот период МПЦ-ОА се бори за нејзино официјално признавање како рамноправна црква во православниот свет и паралелно ја градеше својата структурираност како една од ретките живи цркви, кои сѐ уште не се официјално признаени.
Потегот на претседателот Пендаровски е далеку од мешање во црковните работи
Според познавачот на работите во православието Бранко Ѓорѓевски, не може да им се оспори правото на македонските државни раководители да упатуваат писма со поддршка и барања за признавање на автокефалноста на МПЦ.
– Тоа не е мешање во црковни работи, оти се работи само за поддршка. Зарем се нарушување на секуларизмот многубројните средби што нашите државни раководители ги имаат со вселенскиот патријарх или со некои други странски државници, а на кои се разговара за нивните православни цркви – заклучува Ѓорѓевски.
Вели дека повикувањето на древните канони на Православната црква има смисла доколку тие и се почитуваат.
– А тие велат дека на новиот град (нова држава) ѝ следува самостојна црква. И во таа смисла доколку СПЦ навистина сакаше да се придржува до древните канони прашањето на МПЦ одамна ќе се решеше, а не да чека повеќе од шест децении. Ќе се најдеше решение и за статусот и за името на Македонската православна црква. Но таквата добра волја не се покажуваше од СПЦ туку се инсистираше на автономија без гаранции дека некој ден ќе се даде автокефалност. Црковен Белград отиде дотаму што на територијата на Македонија инсталира паралелна епархија, која сега сака да ја претстави како канонска црква и затворено црковно прашање – посочува Ѓорѓевски.
Вели дека во таква ситуација на МПЦ не може да ѝ се оспори да ги бара своите патишта за признавање на нејзината автокефалност.
– Еден од нив е и обраќањето до Вселенската патријаршија како апелациска инстанца. Тоа е сосема легален и канонски оправдан чекор, а што се виде и од фактот што Вселенската патријаршија го зеде македонското барање во процедура. Оттаму, не држат забелешките дека МПЦ сака да ги искористи ситуација околу Украина и судирот меѓу Москва и Цариград. МПЦ едноставно сака да си го реши свој проблем, кој е постар од украинското прашање и од судирот меѓу Москва и Цариград. СПЦ треба да се запраша зошто се одбива дијалог, зошто се има непопустлив став кон МПЦ. Треба и да се запраша српскиот министер Ивица Дачиќ кога укажува дека не е можно да се зборува на државно ниво за религијата и односите меѓу црковни заедници. Точно, државните раководители не треба да се мешаат, но може да упатуваат силни пораки и поддршка да се решаваат отворените прашања. Тоа им е и една од задачите и ако веќе Дачиќ упатува каде е адресата треба и да каже дека еден црковен спор треба конечно и да се реши на двострано задоволство – објаснува аналитичарот.
Можно нарушување на добрите односи меѓу двете земји?
Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, изјави дека постои начин да се разговара за тоа и оти „попречните патишта“ не придонесуваат за добрите односи меѓу двете земји.
– Ние сакаме да биде постигнат договор, но сигурно мора да ги почитуваме правилата на Православната црква, а исто така очекуваме и од вселенскиот патријарх да биде на таа страна, како што се изјасни против создавањето на т.н. Црногорска православна црква – вели Дачиќ.
Српскиот весник „Вечерње новости“, со наслов „Удар на СПЦ од Скопје: провокација наместо дијалог“, пишува дека барањето упатено до седиштето на Вселенската патријаршија во Истанбул е нова иницијатива на Скопје надвор од древните правила во православието за постигнување независност на својата црква, која од нејзиното основање во 50-тите години од минатиот век работи како расколничка организација.
Претседателот Стево Пендаровски му пиша писмо на патријархот Вартоломеј и од него побара да го употреби своето апелациско право, со што македонските граѓани од православна христијанска вероисповед, конечно, ќе ја добијат можноста да бидат еднакви со сите други православни христијани во светот.