Непосредно пред одржувањето на најновата средба на иницијативата „Отворен Балкан“, поранешниот албански претседател и бивш премиер Сали Бериша испрати порака дека по исходот од локалните избори во Македонија и оставката на премиерот Заев оваа инцијатива е мртва. Тој уште нагласува дека токму оваа инцијатива ја „враќа хегемонијата на Белград во регионот“. Со ваквата теза на Бериша, сепак, не се согласуваат ниту аналитичарите ниту меѓународната заедница, кои на неа гледаат единствено како на внатреполитичка битка во Албанија и контрирање на Бериша на политиките на премиерот Еди Рама
Наспроти неизвесноста околу одржувањето на состанокот на иницијативата „Отворен Балкан“, поради најавената оставка на македонскиот премиер Зоран Заев, таа сепак вчера и денеска се одржува во Белград, Србија. Дилемата на српскиот претседател Александар Вучиќ дали да го закажува или одложува состанокот на иницијативата, беше решена така што како претставник на македонската влада на средбата на трилатералната иницијатива учествува вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров. Дневниот ред на работниот состанок што се организира во соработка со Атлантскиот совет, опфаќа панел-дискусија на темата „Дигиталната трансформација како подадена рака за регионална интеграција“, на која ќе бидат усвоени заклучоци. Наедно, предвидени се лидерски средби и средби со претставници на компании од Македонија, Албанија и од Србија, на кои ќе биде разговарано за олеснување на трговијата.
Идејата за поттикнување на регионалната соработка преку иницијативата „Отворен Балкан“, во која засега активно се вклучени Македонија, Албанија и Србија, формално беше промовирана летово, на Економскиот форум за регионална соработка во Скопје. Претходно, оваа иницијатива низ Западен Балкан се кристализираше под работното име „мини-шенген“, но иако во неа се поканети сите шест земји-кандидатки од регионот за членство во ЕУ, сепак досега таа не беше доволно убедлива за другите три држави: Црна Гора, Босна и Херцеговина, додека Косово е нејзин категоричен противник. Тие се скептични околу мотивите и целите што ги декларира иницијативата за заеднички регионален пазар, кој ќе понуди подобар живот на граѓаните и многу поволности за нив; да нема чекање на границите и да нема царини меѓу земјите од регионот, за што лидерите на Македонија, Албанија и Србија се обврзаа дека ќе го спроведат до 1 јануари 2023.
Сепак, непосредно пред одржувањето на состанокот на „Отворен Балкан“ во Белград, поранешниот албански претседател и бивш премиер Сали Бериша ги поздрави македонските гласачи на локалните избори, за кои рече дека „му го поништиле билетот на ’авантуристот’ што Македонија ја претворил во ’јаболко на раздорот’ за Бугарија и Србија“. Според Бериша, со заминувањето на Заев – „мртва е иницијативата ’Отворен Балкан‘“, проект „против Косово и албанската нација“.
– Испраќам срдечен поздрав до гласачите во Македонија, кои му го поништија билетот на еден авантурист, кој со својата авантура ја претвори Македонија во јаболко на раздорот меѓу Бугарија и Србија. Овој политичар заборави дека за Белград, Македонија не е ништо друго освен јужна Србија. Македонија е создадена за да го спречи формирањето на голема Србија, на голема Бугарија. Истрча кон Белград како да е син на Пашиќ – рекол Бериша, заклучувајќи дека „иницијативата умрела пред два дена со гласањето на граѓаните на Македонија“. Бериша смета и го поддржува ставот на косовската влада дека „Отворен Балкан“ всушност ја „враќа хегемонијата на Белград во регионот, иницијатива што ги претвора Албанија и Македонија во белградски вазали, опколувајќи го Косово со непријателски клики, земја, која штотуку излезе од војни и конфликти“.
Наспроти ваквите гледишта на поранешниот албански претседател и премиер, иницијативата „Отворен Балкан“ е поддржана од ЕУ и од САД, кои порачаа дека преку неа земјите од регионот побрзо ќе ги достигнат стандардите на Унијата кон која тежнеат, но дека сепак не е конечна замена за нивно членство во ЕУ.
– Иницијативата „Отворен Балкан“ е позитивна за сите преостанати балкански земји што останаа надвор од Европската Унија. Тоа е единствениот начин да се оди побрзо напред и колку-толку да се приближиме до стандардите на Брисел. Ноторен факт е дека уште многу долго време нема да има проширување на Унијата (најверојатно со децении) и оваа иницијатива е единствен излез за сите овие држави од Западен Балкан. Според новата методологија за прием во Унијата, кандидатите мора да исполнуваат критериуми што треба да бидат на ниво на стандардите што веќе постојат во Унијата, вклучувајќи го и нивото на економскиот развој. Реално ценејќи, тие се недостижни за шесте заинтересирани кандидатки за членство во ЕУ. Во дадените услови, иницијативата „Отворен Балкан“ во моментов е некаква утешна награда за нив и единствен начин за побрзо приближување кон Брисел – вели поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски.
Во однос на изјавата и ставовите искажани од Сали Бериша за иницијативата „Отворен Балкан“, амбасадорот Никовски смета дека на неа може да се гледа само како на контрирање на политиките на албанскиот премиер Еди Рама (кој му е и политички опонент на Бериша), но и поддршка на Косово, кое го бојкотира овој проект.
– Со иницијативата „Отворен Балкан“ се предвидува релативизирање на границите меѓу државите од регионот од економски аспект, како и за движење на луѓето, иако како политичко-државни маркери тие и понатаму ќе постојат. Но за Косово, границата спрема Србија е симбол за независноста на нивната држава и во гледиштата на актуелните политичари на власт таму, владее предубедување дека со бришење на границата, дури и од економски причини ќе „падне во вода“ сѐ што постигнале од 1999 година. Тоа е причината за косовскиот отпор спрема иницијативата „Отворен Балкан“, поддржан главно од политичарите од Албанија, политички противници на премиерот Еди Рама – вели амбасадорот Никовски.