Невообичаената корекција и исчезнувањето на одредницата „историски“ во американско-грчкото соопштение отворија голем број прашања
Зборот „историски“ што беше ставен како значајна одредница на Преспанскиот договор исчезна од заедничкото соопштение на САД и Грција, објавено завчера, по повод посетата на американскиот државен секретар Мајк Помпео на јужниот сосед. Тоа испрати збунувачка порака во однос на тоа како гледаат на договорот Вашингтон и Атина. Дилемите за Преспанскиот договор веднаш пламнаа во меѓународната јавност, а дополнително се разгори и расправата на оваа тема во Грција.
– САД и Грција ја повторуваат нивната поддршка за интеграција на сите држави од Западен Балкан во европските и трансатлантските институции според изборот на нивните граѓани. Се нагласуваат напорите на Грција за оваа цел, преку континуираната поддршка на историскиот Преспански договор и приемот на Македонија во НАТО, истакнувајќи ја важноста од неговата доследна имплементација во добра волја – беше наведено во првичната верзија на соопштението.
Во првичното соопштение Преспанскиот договор беше ословен со атрибутот историски. Англиската верзија набргу беше објавена на веб-страницата на грчкото министерство за надворешни работи, но не и грчката верзија. А неколку часа подоцна, зборот „историски“ исчезна од заедничката изјава објавена на интернет-страниците на грчкото МНР и на Амбасадата на САД во Атина. Ниту една од двете страни не даде објаснување за ваквата постапка, што отвори прашања за мотивите за промената на терминологијата.
Сега, пак, првичните коментари на аналитичарите се дека корекцијата на соопштението претставува намалување на вредноста на договорот и потврда дека Мицотакис не го смета Преспанскиот договор за „историски“. Дополнителен притисок врз владејачката грчка партија создаваат и трите потпишани меморандуми помеѓу Македонија и Грција што произлегуваат од Договорот од Преспа, а кои треба да послужат за понатамошна имплементација на спогодбата и за унапредување на билатералните односи. Тие веќе се доставени во грчкиот парламент и се очекува да бидат ратификувани, со што познавачите на состојбите сметаат оти ќе стават повеќемина конзервативни политичари од Грција во тешка положба.
Нова демократија засега не успева да назначи известувач што ќе го спроведе процесот за усвојувањето на меморандумите во парламентот, со што постапката привремено е запрена.
Исфрлањето на зборот „историски“ наиде и на силна реакција од СИРИЗА, чиј лидер е поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, кој учествуваше во усвојувањето на спогодбата. Ципрас претходно ја обвинуваше Нова демократија за лицемерство поради промената на нејзиниот став во врска со Преспанскиот договор, а сега СИРИЗА смета оти е незабележано грчката дипломатија да ги моли САД за исправка на јавното соопштение и за бришење на зборот „историски“, пренесува грчкиот весник „Та неа“.
Оквалификувањето на Преспанскиот договор како историски во првичното соопштението ѝ послужи на СИРИЗА и да укаже на потребата од усвојување на потпишаните меморандуми.
– Ние сме особено задоволни што владата на господинот Мицотакис сега не само што се бори во полза на Северна Македонија и за нејзиниот прием во ЕУ и во НАТО туку и што во заедничкото официјално соопштение со САД, издадено од Министерството за надворешни работи, го опишува Преспанскиот договор како историски. Сега, кога целосно се согласуваме со господинот Мицотакис дека Преспанскиот договор е историски, би можеле и да ги ставиме ратификациите на договорите со Северна Македонија на гласање во парламентот, или можеби тој се плаши од реакцијата во врска со неговата предизборна измама на грчкиот народ – се вели во ставот на СИРИЗА.
Во рамките на престојот во Грција беше предвидено Помпео да го посети Солун, како и Хања на Крит, што не претставува случајност според грчките медиуми. Посетата на Солун ги потврдува интересите на Вашингтон во северна Грција во поглед на ривалството со Русија за политичка и економска надмоќ на Балканот. Руските олигарси се влијателни на северот на Грција, а се обидуваа и да го блокираат Преспанскиот договор пред неколку години, наведува „Еурактив“.
Останува да се види дали корекцијата на соопштението претставува назнака за промена на ставовите на официјална Атина кон спогодбата и дали таа ќе има последици на грчката политичка сцена додека траат внатрешните превирања во поглед на усвојувањето на меѓународните договори за понатамошна имплементација на Преспанскиот договор. С.Н.М.