За некои од аналитичарите ваквата реформа и прераспределба на рамковно вработените личат на претурање од шупливо во празно и не гарантираат поголема ефикасност и функционалност на институциите, а токму квалитетната и способна администрација и институции се клучот за спроведување на реформите, без кои нема напредок кон Европа. Токму ЕУ во годишните извештаи за земјава последните десетина години постојано констатира дека начелата што се однесуваат на независноста на администрацијата и вработувањето се сериозно загрозени
ПО ПОВЕЌЕ ОД 10 ГОДИНИ СЕДЕЊЕ ДОМА ПОЧНА ПРЕРАСПРЕДЕЛБАТА НА ЕТНИЧКИ ВРАБОТЕНИТЕ ПО ИНСТИТУЦИИТЕ
Наместо вистински и ефикасно да го реши прашањето со илјадниците луѓе што со години земаа плата без да се појавуваат на работа, се чини дека државата дополнително го усложнува проблемот со рамковно вработените, прераспоредувајќи ги и полнејќи ги државните институции со луѓе што во најголем дел не се компетентни за работата што треба да ја вршат.
Токму оваа нова прераспределба и зголемување на администрацијата се закануваат дополнително да ги парализираат институциите, кои и онака се преполни со партиски кадри за чија работа има постојани забелешки од страна на домашниот, но и меѓународниот фактор. За некои од аналитичарите ваквата реформа и прераспределба на рамковно вработените личат на претурање од шупливо во празно, што би рекол народот.
Токму ЕУ во годишните извештаи за земјава последните десетина години постојано констатира дека начелата што се однесуваат на независноста на администрацијата и вработувањето и унапредувањето засновани на заслуги се сериозно загрозени.
Проблемот со лицата што земаа плата без да одат на работа постои повеќе од десет години, па по засилениот притисок од страна на јавноста државата решението го побара во нивно прераспоредување во државниот, но и во приватниот сектор.
Откако стана јасно дека приватните компании немаат намера да вработуваат луѓе што не им се потребни, а покрај тоа се и без соодветни квалификации, власта се одлучи за моделот на нивно распоредување во разни државни институции, без да се води сметка за вистинската потреба од кадар, како и за нивната стручност.
Тоа сега води кон нова опасност, поради нестручно работење дополнително да се влоши и онака лошото работење на овие институции, односно дополнително да се намалат ефикасноста и квалитетот на услугите кон граѓаните, како и довербата во нив.
Повеќето истражувања низ годините имаат константа во поглед на задоволството на граѓаните од работата на институциите, а таа е – незадоволни.
Да биде парадоксот уште поголем, министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири најави дека повеќе државни институции, агенции и инспекторати ќе се укинат или спојат поради поклопување на надлежностите, така што е нејасно што ќе се прави со огромниот број административци што и онака се вишок и кои ќе треба буквално да се туркаат во просториите. И сега само да нишаат врата за да земат цела плата.
Сега повеќе од јасно е дека целата работа повеќе личи на претурање од шупливо во празно, повторно само за да се задоволат нечии политички пазарења, а оние што не работеле, повторно да не работат.
Граѓаните се скептични за одлуката оние што земаа плата сега да се прераспределуваат во државните институции.
– Ова е само доказ како се уништува една држава. Јас имам ќерка што заврши факултет со највисоки оценки и откако не успеа тука да се вработи бидејќи ѝ бараа партиска книшка, си замина од земјава и се вработи во Франција. Таму најпрво се ценат квалитетот и способноста, па затоа западните земји имаат функционални институции, а не како нашиве, партизирани и неспособни – вели револтирано Милена Сотировска, инженерка.
Таа уште додава дека сега дополнително ќе се наполни администрацијата со партиски кадри, која и онака е преполна и тромава.
– Па појдете во речиси која било институција и ќе видите дека една работа не можете да завршите без да ве вратат. Те овој документ ви го немало, те оној, а сè имаат во систем. Демек едношалтерски ќе се завршувале работите, а ние уште редици чекаме и за најбанални работи. Ќе си отидат сите од државава, ќе остане само администрација – категорична е Сотировска.
Според Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспаренси интернешенал – Македонија“, при вработувањата не треба да има политички влијанија.
– Треба целосно напуштање на политичките влијанија и пазарења во постапките за вработувања и обезбедување конкурентност и еднакви услови за сите при вработувањата, а со намера да се обезбеди ефикасна администрација – смета Тасева.
За Солза Грчева, познавачка на политичките состојби во земјава, идејата државните институции да се полнат со луѓе што десет години не одеа на работа и земаа плата е лоша.
– Мој став е дека не само што не треба да ги вработуваат овие лица, туку тие треба и да ги вратат платите со кои го оштетувале буџетот седејќи дома. Колку време седел дома, толку време да не прима плата. Згора на тоа нема потреба од нови вработувања, нашата администрација е пренатрупана и нема потреба сите да работат за нив – вели Грчева.
Потврда дека институциите се полнат со луѓе без да се води сметка за реалните потреби е одлуката во Државната комисија за спречување корупција да се испратат десетина „рамковни“ вработени, во време кога од антикорупциска се жалеа на недостиг од простор за работа и техничка опрема дури и за сегашните вработени.
– Станува збор за помлади соработници, а нас можеби ни требаат виши советници. Сега ќе треба да се изврши обуката и да се приспособува систематизацијата. Иако тоа е апсурдно, бидејќи ние се бориме против промени на систематизациите кога се прават наменски заради вработувања – вели Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување корупција.
Министерот за правда Бојан Маричиќ смета дека е подобро овие луѓе да работат отколку да седат дома и да земаат плата.
– До вчера се расправавме како да ги сместиме тие луѓе да не седат дома и да работат за платата што ја примаат. Ние не можеме да го изведеме тоа ако не ги распоредиме по институциите. И во Министерството за правда се распоредени извесен број, но и во сите други институции. Подобро е тие луѓе да работат отколку да седат дома и да примаат плата, и за нив, и за државата. Треба да им дадеме шанса – нагласува Маричиќ.
Останува периодот што следува да покаже дали оваа формула ќе даде некаков резултат, или, пак, ќе ги направи институциите уште понефункционални. А токму квалитетната и способна администрација и институции се клучот за спроведување на реформите, без кои нема напредок кон Европа.