Што му претстои во иднина на ВМРО-ДПМНЕ, по кој пат и со каква политичка реторика и определба ќе се движи на политичката сцена најголемата опозициска партија, која последниот период се соочува со длабоки внатрешни потреси.
Најпрво повеќето нивни пратеници гласаа за почнување постапка за промена на Уставот, со цел спроведување на спогодбата со Грција, што беше спротивно од политиката и препораките на раководството. По ова следуваше нивно експресно исклучување од партијата, што во јавноста беше протолкувано како чистка во сопствените редови. Што ќе произлезе од сето тоа и во кој правец ќе продолжи партијата се едни од најчесто поставуваните прашања во домашната политичка јавност. Тоа се должи и на фактот што општоприфатена теза за демократијата е и онаа што вели дека за секоја држава е добро да има силна и здрава опозиција, без разлика која партија во кој момент ја има таа улога.
Во однос на случувањата во ВМРО-ДПМНЕ, коментарите се различни.
Едни прогнозираат дека тоа ќе доведе до процес за реформирање на партијата, кој ќе трае подолго време, a чистката во ВМРО-ДПМНЕ треба да му го отвори патот на Христијан Мицкоски кон модернизирање на партијата, амнестирање од криминалното минато и хомогенизација на партијата.
Од друга страна, други аналитичари прогнозираат дека овие случувања неминовно ќе се одразат во негативен контекст врз партијата, таа ќе се маргинализира на сцената, што, пак, може да предизвика и уште една промена во раководството и можен нов избор на прв човек на партијата.
Аналитичарите, сепак, во сублимиран заклучок велат дека сѐ уште е рано да се изврши точна процена за сѐ, но наредните неколку месеци ќе бидат клучни за иднината на партијата.
Според политичкиот аналитичар Арсим Зеколи, по 30 години глума социјалдемократија и патриотизам, граѓански концепт и еквидистанца, невладини организации и слободен печат, академија и интелектуализам, рокери и фолкери, на сцена исплива и се покажа комплетната мрежа на белградската агентура во Скопје, македонска и албанска.
– Заслугата за тоа му припаѓа на Мицкоски. Времето ќе покаже дали тоа ќе го истера докрај. Но по протерувањето на Мијалков и старата клика, тој е на добар пат првпат во овие три децении ВМРО да добие автентично, македонско и македонистичко водство. Огромен предизвик, како поради разгневеното братство на синовите и ќерките на СИД-УДБ- КОС, како и поради немањето албански национален партнер за соработка поради темелната пенетрација на Белград во сите партиски раководства – коментира Зеколи.
Аналитичарот Александар Пандов последните случувања во партијата ги оценува како историски.
– Тие ликови што сега се разрешени или исклучени од ВМРО-ДПМНЕ, низа периоди во времето претставуваа бреме за самата партија, како во времето додека работеа. Но она што е највпечатливо е пред и по референдумот – смета Пандов.
Новинарот Сашо Ордановски во колумна на слична тема, случувањата во најголемата опозициска партија ги окарактеризира како моменти во кои ВМРО е жртва на ДПМНЕ.
– Дотолку повеќе што сегашното „чуч-пуч“ партиско раководство на ДПМНЕ се обидува чемерот и безнадежноста што владеат во нивните партиски ходници (по кои, патем, сè уште висат маслените таблоа на визионерски насликаните преполни сали од Кривичниот суд во Скопје) да ги прелее во целото општество, за сите да нè турнат во меѓународна изолација и да нè напикаат во нивните тескобни наративи на чистки и предавства. Навистина не е во ред да се држи цела Македонија во заложништво како гарант за нечија внатрепартиска борба за власт и продолжена неказнивост – пишува Ордановски.
Во меѓувреме, поранешниот премиер Никола Груевски вчера порача дека на Македонија ѝ треба силно и обединето ВМРО-ДПМНЕ, кое ќе ја победи оваа власт. Груевски не одговори на новинарските прашања дали Христијан Мицкоски е на правиот пат.
– Тоа народот ќе го каже на избори – рече Груевски.
Во својата историја на плуралистичката сцена, ВМРО-ДПМНЕ имало голем број превирања и поделби, кои завршувале на различен начин.
Впечатливи се и примерите на формирање нови партии, од кои повеќето подоцна најчесто повторно се припојувале кон старото јадро.
Како ќе дејствуваат исклучените пратеници?
Седумте пратеници исклучени од ВМРО-ДПМНЕ размислуваат дали ќе дејствуваат како независни, дали ќе формираат нова пратеничка група или, пак, ќе се приклучат во редовите на друга партија.
Според последните информации, исклучените пратеници најавиле дека неделава ќе имаат координација и наскоро ќе ја соопштат својата одлука, но беа публикувани и такви информации дека тие ќе се придружат во редовите на партијата на бившиот лидер Љубчо Георгиевски, односно ВМРО-НП.
Од друга страна, актуелното раководство на ДПМНЕ побара од исклучените пратеници да поднесат и оставка од функцијата, обвинувајќи го дека работело спротивно од волјата на граѓаните.
Во тој контекст, за формирање нова пратеничка група се потребни најмалку пет пратеника, а, според деловникот, овие пратеници можат да назначат свој координатор и активно да учествуваат на координациите со претседателот на Собранието.
Во меѓувреме, неизвесно е дали на седумтемина ќе им се приклучи и пратеничката Владанка Авировиќ од СПМ, која ги поддржа уставните измени за разлика од нејзините сопартијци, кои беа против. А сѐ уште не се знае како ќе дејствува и пратеникот Панчо Минов, кој најави дека ќе го замрзне и напушти членството во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.