Од 3.000 до 4.500 денари ќе ве чини патувањето во странство за еден член на семејството доколку сакате последните денови од летото да ги поминете на море во Црна Гора или во соседна Бугарија, кои дозволија влез за странски државјани со негативен ПЦР-тест за ковид-19, со земање брис од грлото и од носот. Откако овие две држави ги отворија границите за македонски државјани последните две недели, драстично е зголемен бројот на лица што прават тестирања за да заминат на плажа.
Во некои од приватните лаборатории што прават тестирања за ковид-19 се чека и по два до три дена, но речиси кај сите за да направите тест е потребно патувањето да го планирате неколку дена однапред, со оглед на тоа дека тестот има валидност до 72 часа, а правењето на тестот и добивањето на резултатите одземаат од 24 до 48 саати.
Во Црна Гора може да влезете и со серолошки тест на антитела, кој е поевтин, но на него треба да имате антитела, кои покажуваат дека сте ја прележале болеста. Тоа значи дека опцијата за негативен ПЦР-тест е поисплатлива, отколку да платите за серолошки, а да добиете негативен тест, односно дека немате присуство на антитела и повторно да правите ПЦР-тест.
Она што е важно е ако патувате во странство да побарате сертифициран превод на тестот на англиски или на германски јазик.
Искуствата на оние што патувале се различни, од тоа дека на границата со Црна Гора, Бугарија или, пак, Хрватска можат и да не ви го побараат резултатот од тестот за ковид-19, но може и да ви побараат превод на тестот на англиски или на германски јазик. Тоа значи дека не треба да заминете од земјава без превод на тестот.
Граѓаните разменуваат секакви искуства на социјалните мрежи.
Битолчанка вели дека на патување за Црна Гора тргнале со документи од негативен тест, за кои платиле 16 илјади денари, но немале сертифицирани преводи.
– Кога стигнавме на границата со Црна Гора ни беше побаран превод на тестот. Изгубивме време да се убедуваме со цариниците дека е далеку да се враќаме за таков документ, зашто тестовите се издадени од сертифицирани лаборатории. По неколку часа ни беше дозволен влез – посочува битолчанката.
Друг скопјанец раскажува поинакво искуство.
– Кога стигнав на границата со Црна Гора само ме прашаа каде патувам. Насмеан им кажав дека одам на море. На тоа добив одговор: „Имајте убав помин“. Тест не ми беше побаран, иако го имав со себе – вели скопјанецот.
Сепак, на плажите и во Црна Гора и во Бугарија најчести гости се домашните туристи и плажите се речиси полупразни.
Но ако се одлучите да патувате, имајте предвид дека за четиричлено семејство треба да одвоите од 200 до 250 евра само за ПЦР-тестови, кои треба да бидат негативни.
Сите приватни лаборатории каде што се прават овие тестирања веќе имаат подготвено цели протоколи за оние што ќе најават дека тестот им е за патување. Кога ќе се јавите веднаш ќе ве советуваат кога да го испланирате тестирањето врз основа на тоа на кој датум планирате да патувате. Сепак, во интерес на пациентите не откриваат колкав е бројот на оние што прават ПЦР-тест што ќе го користат за патување.
Цените на тестирањата се различни и се движат од 3.000 денари до 4.500 денари во зависност од тоа дали во цената е вклучен и превод на англиски, за кој се доплаќа.
Но затоа во некои од лабораториите треба неколку дена однапред да закажете термин за тестирање. За 24 часа ќе добиете готов резултат од тестот.
Единствено последните денови од ова лето без ПЦР-тест за ковид-19 можете да ги поминете и во Албанија, каде што заминаа најмногу македонски државјани, како и во Турција. Грција годинава не ги отвори границите за македонските државјани.