Според аналитичарите, малку е веројатно дека тековните конфликти што се споменуваат на краток или на среден рок ќе се материјализираат во форма на „излез“ од Унијата. Од аспект на Македонија, случувањата во Унијата се особено значајни и треба да се следат со внимание
ЕВРОПСКАТА УНИЈА ПРЕД НОВИ ИСКУШЕНИЈА
Проблемите во функционирањето на Европската Унија никако да стивнат.
По многубројните предизвици и несогласувања околу справувањето со пандемијата на ковид-19, предизвиците поврзани со мигрантската политика, проширувањето и финансиите, но и политичките рефлексии од напуштањето на Британија, се чини пред Унијата сега се отвора нов предизвик што дополнително ги загрозува компактноста и стабилноста на блокот.
Имено, изминатиов викенд партијата Алтернатива за Германија (АФД) на конгресот во Дрезден започна иницијатива за германско напуштање на Европската Унија.
– Според нашето мислење, Германија треба да ја напушти ЕУ и да создаде нов европски економски простор што ги следи заедничките интереси – се вели во партиската резолуција по конгресот на АФД.
Претходно, пак, раководство на Унгарија се закани со слична политичка акција. Имено, тамошниот премиер Виктор Орбан коментирајќи ги миграциските политики на ЕУ се закани дека неговата земја може да ја напушти Унијата. Орбан информира дека е возможно во септември или во октомври да се одржи и референдум во земјата поврзан со темата дали граѓаните се согласувааат со политиките на Брисел и најави дека во зависност од резултатот е можно ЕУ да стане помалобројна.
Во своја анализа во врска со актуелните случувања, „Дојче веле“ информира дека во моментов Европа се соочува со непредвидената корона-криза, која на секаков начин политички се рефлектира врз Унијата. Според медиумот, излезот од здравствената и политичка криза ќе биде многу поинаков од начинот на излез од финансиската и должничката криза од 2008 до 2009, кризата со конфликтот во Украина и од бегалската криза во 2015 година.
Во меѓувреме, познавачите на состојбите во Европската Унија со кои се консултиравме велат дека актуелните процеси и иницијативи за излез од Унијата не се новост, но тие се само алатка на популистите политичари кога се во конфликт со Брисел.
Според нив, Македонија треба да ги следи актуелните настани, но истовремено и не треба да стравува дека тие ќе успеат да го забават поддржувањето на земјите за процесот на проширување на Унијата, која е наша стратегиска долгорочна цел.
Иван Стефановски, извршниот директор на „Евротинк“, вели дека овие процеси во Европа добиваат динамика бидејќи Унијата во моментот се соочува со решавање големи случувања иницирани од пандемијата на корона-кризата.
– Јас тешко верувам дека ќе се остварат овие „закани“ за намалување на бројот на земји-членки на ЕУ поради мноштво фактори. Во германскиот случај станува збор за крајно десна партија, која во суштина ја нема политичката моќ да ја раздвижи својата агенда. Оваа агенда на АФД не би ја прифатиле граѓаните на Германија бидејќи тие во моментов заедно со Франција се движечкото „динамо“ на Брисел. Кога зборуваме, пак, за унгарскиот случај, тука имаме голема разлика. Виктор Орбан е искусен политичар и тој навистина ја има моќта да поттикне одредени промени, но ниту едни од нив не се во интерес на неговата партија ниту на Унгарија. Во оваа изјава која ја дал, јас би рекол дека станува збор за тежок популизам. Тоа го тврдам бидејќи истовремено Орбан сака да излезе од ЕУ, но и во тој период е најголем поддржувач на процесот на проширување на Унијата на Балканот. Сметам дека со овие политики, Унгарија се обидува само да ја оттргне Унијата да не се меша во внатрешните политики на земјата поврзани со миграцијата и со владеењето на правото – вели Стефаноски.
За Македонија, пак, објаснува тој, овие процеси се интересни за следење, но ние не треба да се плашиме дека тие ќе ни го забават членството во ЕУ.
– Ние и досега дадовме голема жртва за промена на името за членство во НАТО, но исто така сме и во тежок процес за постигнување компромис со Бугарија за членство во ЕУ. Нашите заложби му се јасни на Брисел, а истовремено имаме и политички капацитет да ги решиме проблемите. Останува само да се избориме, членството во Унијата да дојде што поскоро и да ги убедиме мејнстрим-силите во Брисел да нѐ поддржат и да ги игнорираме популистичките тези на германската АФД и на Орбановата партија – резимира Стефановски.
Симонида Кацарска од Институт за демократија, пак, оценува дека позиционирањето на политичките партии низ различни држави-членки на ЕУ не е статично по многу прашања.
– Честопати кога политичките партии се во некој вид конфликт со ЕУ се можни повици за преиспитување на врската помеѓу државите-членки и ЕУ. Секако ние треба да бидеме свесни за нивниот развој бидејќи тој влијае на нашите односи со тие актери во земјите-членки, особено ако се на власт – вели Кацарска.
Таа објаснува дека, сепак, малку е веројатно дека тековните конфликти што се споменуваат на краток или на среден рок ќе се материјализираат во форма на „излез“ од Унијата. Кацарска поентира дека повеќето истражувања на оваа тема во моментов во Европа покажуваат тренд на зголемена јавна поддршка за членството во ЕУ во сите држави-членки, и тоа особено по излезот на Обединетото Кралство.