Седницата за избор на заменици-министри во Владата денеска треба да продолжи во Собранието. Претседателот на парламентот Талат Џафери го закажа продолжението на седницата за 14 часот, но најави и дека е можно и пролонгирање, поради заседавањето на Советот за безбедност кај шефот на државата Стево Пендаровски.
Премиерот Зоран Заев вчера истакна дека очекува од предложените заменици-министри да се вклучат во реализацијата на владините приоритети, во образложението пред пратениците.
Тој посочи дека со именувањето на заменици на министрите се комплетира системот на ефикасни и силни институции, додека опозицијата оцени дека станува збор за „старо-нова“ влада, како и дека именувањето на замениците-министри претставува политички пазар меѓу владините коалициски партнери.