Собранието денеска втор ден ќе расправа за предлогот Добрила Кацарска да биде избрана за судија во Уставниот суд. Продолжението на седницата е закажано за попладнево.
Со свирежи и транспаренти пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја прекинаа вчерашната седница, односно направија герилска акција, со која го изразија револтот Добрила Кацарска да биде избрана за судија во Уставниот суд. Тие станаа од своите места и застанаа пред говорницата држејќи транспарент на кој пишуваше „Кацарска, извршител на мафијата“, „Кацарска значи неправда“, а пратениците носеа и маици со ликот на Кацарска.
Кога прекина акцијата, пратениците се повлекоа на своите места, но продолжија со свирежи кога на говорницата излегуваа пратениците од парламентарното мнозинство.
„Можете да свирите цел ден, цела вечер, не ви се мешам во тоа. Нема да ја прекинам седницата, но ќе замолам да се однесуваме демократски и на висина на задачата, ние сме избраници на народот“, рече собранискиот спикер Талат Џафери.
На дневен ред на 20. седница се измените на Законот за приватно обезбедување, измените и дополнувањата на Законот за Централен регистар, измените и дополнувањата на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, како и измените на Законот за издавање на обврзници на Македонија за денационализација, сите во прво читање.
На дневен ред се и Предлог на закон за задолжување на Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, Предлог на закон за решавање на спорот помеѓу Владата и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба, Предлог на закон за изменување на Законот за работните односи и Предлог на закон за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, сите по скратена постапка.