Порака од „Преспа форум дијалог“
На вториот ден од меѓународната конференција „Преспа форум дијалог“, се одржа пленарната сесија на високо ниво „Ресетирање на синергијата меѓу Европската Унија и САД кон Западниот Балкан“, на која се обратија високите претставници од регионот, Европа и САД.
Претседателот Стево Пендаровски се осврна на предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан, особено иселувањето на младите.
– Без комбинацијата на нашите енергии, на нашите визии и на нашите проекти нема да можеме да успееме. Добро е да се организираат ваков вид на конференции, убаво е да се видат познати лица, видов неколку од нив кои беа доста активни во 2001 година. Во околности кои беа тешки за Северна Македонија, морам да кажам – Време е за рестартирање – заклучи Пендаровски.
Покрај Пендаровски, на панелот се обрати и претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ кој зборуваше за позицијата на Западен Балкан во Европа, и важноста на регионот за Европската Унија од геополитички аспект.
– Најважниот дел од работата мора да го завршиме дома, сакаме да ги исполниме стандардите и да бидеме полноправни членки на ЕУ. Мораме сите заедно да придонесеме за либерална демократија во Западен Балкан – заклучи Ѓукановиќ.
Во своето обраќање претседателот на Словенија, Борут Пахор, зборуваше за проширувањето на ЕУ и потребата Западен Балкан да биде дел од европското семејство.
– Забрзаното проширување ќе го зајакне територијалниот интегритет и стабилност на регионот во целина. Одложувањето на членството на Западен Балкан во ЕУ е неразумно и не е добро за никој – рече Пахор.
В.д. помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Филип Рикер, како еден од панелистите, се осврна на прогресот направен изминатите 20 години, од кога за првпат бил во Охрид.
– Првото патување на претседателот на САД, Бајден беше токму во Европа. Ова ја потврдува соработката што ја имаме со европските држави. Мора да работиме заедно за да се спротивставиме на предизвиците кои ги имаме пред нас – истакна Рикер.
На панелот се обрати и еврокомесарот за буџет и поранешен еврокомесар за проширување Јоханес Хан, кој зборуваше за посветеноста кон демократијата, владеењето на правото и економскиот развој, како постулати кои ги поврзуваат САД и ЕУ.
На панелот се обратија и Алаин Ричард, сенатор од Франција и Томас Гарет, Генерален секретар на Заедницата на демократии.