Македонскиот врховен суд го потврди решението на Основниот кривичен суд – Скопје со кое е одлучено дека не се исполнети законските претпоставки за екстрадиција во Србија на лицето Томор Морина, државјанин на Велика Британија и на Република Косово. Од Амбасадата на Србија во Македонија во овој момент од постапката се воздржуваат од реакција, со оглед дека последниот збор во одлуката го има македонското министерство за правда
Барањето за екстрадиција на Томор Морина од страна на Србија, поднесено до македонските власти, по одлуката на Врховниот суд дека не се исполнети законските услови да биде спроведено испорачувањето на поранешниот борец на ОВК, сериозно го зголемува потенцијалот за криза во дипломатските односи помеѓу Македонија и Србија. Имено, македонскиот врховен суд ја информира јавноста дека на 14 август 2019 година донесе решение со кое го потврдил решението на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје од 7.8.2019 година, кој одлучил дека не се исполнети законските претпоставки за екстрадиција на лицето Т.М., државјанин на Велика Британија и на Република Косово. Ова решение на Врховниот суд ќе биде испратено до Министерството за правда, кое сепак ќе ја донесе конечната одлука во врска со екстрадицијата на Морина.
Случајот „Морина“ уште од приведувањето од страна на македонските власти, по потерница на Интерпол, претставува своевиден политички предизвик и на внатрешен и на надворешен план за Македонија. Имено, двата северни соседи, Србија и Косово, повикувајќи се на меѓународното право и европските практики за екстрадиција, очекуваа Македонија да (не) го испорача Морина, притоа заканувајќи се со нарушување на дипломатските односи. Покрај тоа, силни притисоци врз судството во врска со овој случај имаше и од страна на албанскиот политички фактор во земјава, од високи претставници во Владата, од коалицискиот партнер ДУИ.
– Се чини дека од ДУИ намирисаа дека правното решение и практиката за екстрадиција се во корист на Морина, па затоа толку настојуваа во јавното експонирање на овој случај, припишувајќи си го како сопствен успех, за да добијат политички поени кај албанското гласачко тело – изјави по првичната одлука на Кривичниот суд за овој случај политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Според правниците, решенијата на Кривичниот и на Врховниот суд од правен аспект се исправни, зашто, според законот за меѓународна правна помош, сепак нема елементи да се удоволи на барањето за екстрадиција на Србија.
– Морина е државјанин на Косово и на Велика Британија, а од овие две земји нема пристигнато никакво барање за екстрадиција. Според законот за меѓународна правна помош, екстрадиција се врши врз основа на барање на земји чиј државјанин е лицето по кое е распишана потерница. Не постои практика на екстрадиција врз основа на пресуда од трета земја. Македонија го има признаено Косово како независна држава, па, без оглед на нерешениот спор по ова прашање меѓу Србија и Косово, Морина за македонското законодавство е косовски државјанин, а не српски. Според така поставените правни позиции, Македонија не може да ѝ го испорача Морина на Србија. Инаку постапувањето по потерницата на Интерпол, со апсењето на Морина, е сосема правно издржано. Интерпол е меѓународна организација, на која е член и Македонија, па приведувањето на Морина по интернационалната потерница, како прв чекор во барањето за екстрадиција, е сосема во ред, но и во понатамошната постапка треба да се постапува во согласност со меѓународното право и практика – вели адвокатот Јаван Јоанидис.
Српските медиуми речиси во исто време како и македонските ја пренесоа веста за одлуката на македонскиот врховен суд во врска со случајот „Морина“, но од Амбасадата на Србија во Македонија ни одговорија дека во овој момент од постапката сепак се воздржуваат од реакција, со оглед дека последниот збор во одлуката го има македонското министерство за правда.