Без оглед што пописот е одложен, кампањата за потребата од пребројување на населението и домаќинствата требаше да продолжи за да можат граѓаните во континуитет да се информираат за сите аспекти и детали околу попишувањето, така што во септември ќе можеа многу поподготвено, но и под што помал здравствен стрес, да ги дочекаат попишувачите
Само со просто одбројување на времето нема да се направат вистинските чекори во функција на квалитетен попис
Одложувањето на пописот за септември несомнено обезбеди доволно време да се надминат сите недостатоци и забелешки што изминатиот период се користеа да се политизира и опструира најголемата статистичка операција во земјава, но и покрај тоа што се доби на време, сега најверојатно повторно ќе се чека последен момент да се решаваат проблемите.
Имено, без оглед што пописот е одложен, кампањата за потребата од пребројување на населението и домаќинствата требаше да продолжи за да можат граѓаните во континуитет да се информираат за сите аспекти и детали околу попишувањето, така што во септември ќе можеа многу поподготвено и помалку исплашено да ги дочекаат попишувачите.
Нема поместување од мртвата точка во врска со досегашните недоразбирања
На недоволна информираност се жалеше и македонската дијаспора, па овие неколку месеци дипломатско-конзуларните претставништва може исто да ги искористат за подобро информирање на македонските граѓани што се во странство да се попишат преку онлајн апликацијата.
По одложувањето на пописот, ниту кај партиите не се гледа некаква посебна активност за надминување на разликите за методологијата и кое сè население ќе биде опфатено во графата на вкупно население, така што се наметнува прашањето дали и тие ќе го чекаат последниот момент и повторно во пет до 12 ќе се бараат решенија како пописот да не се опструира, а резултатите да бидат прифатени од сите.
Ваквата неактивност остава сомнеж дека партиите водат дневна политика и дека недоразбирањата во врска со пописот, наместо да ги решат во следните неколку месеци, ќе се обидат да ги искористат во погоден момент за политичко поентирање, во пресрет на локалните избори.
Поранешниот директор на Државниот завод за статистика и добар познавач на пописната проблематика Дончо Герасимоски смета дека сега е добар момент да се расчистат сите недоумици за пописот.
– Постојат отворена врата и прозорец на она што го имаше досега, несогласувања, расправии и слично, сега е дадена една можност сите тие работи да се расчистат, да се седне и да се разговара за сите забелешки јавно и транспарентно, не само со политичките партии туку да бидат вклучени и граѓани. Времето е потопло, такви информативни средби може да се одржуваат и на отворено, така што овој период треба да се искористи – вели Герасимовски.
Тој додава дека во овие неколку месеци треба да се направи анализа на состојбите за кои имаше забелешки и да се најдат решенија.
– Добро е сега во неколку наврати да се извршат длабински анализи и согледувања во врска со повеќе работи, дали се почитуваат целите на пописот, дали се почитуваат начелата во пописот, има дилеми што е резидентно, а што нерезидентното население, што е вкупно итн. Ова се процеси што може во овој период, бидејќи се одложи пописот, да испеглаат многу работи за да се добие целосен консензус. Само со целосен консензус може да се има успешен попис – категоричен е Герасимовски.
Да се направи и нешто плус
Според Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, партиите не го користат периодот што им е на располагање до денот на почеток на пописот да ги отстранат забелешките поради кои беше одложен и да се заложат за вклучување на сите граѓани во таа операција.
– Мене ме загрижува тоа што партиите најдоа начин да се согласат за одложување на пописот, но не гледам дека има чекори, особено од оние што имаа забелешки, да се направи нешто плус во овој период, додека дојде во септември да се направи пописот, за да се отстранат нивните недоверби, вклучително и на нивното членство. Гледаме главно на ВМРО-ДПМНЕ се тие што се со поголема недоверба и кон Владата и кон процесот на попишување – смета Кржаловски.
Двете најголеми партии во државата, владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, не одговорија на прашањето дали планираат меѓусебни средби и консултации во врска со пописот во следниот период, за да се постигне консензус околу клучните прашања за кои претходно ги спротивставуваа ставовите, доведувајќи ја под знак прашалник целата пописна операција.
Ниту од Државниот завод за статистика (ДЗС) не добивме одговор дали во следниот период се планирани некакви активности во насока на отстранување на недостатоците во софтверот што се покажаа на почетокот на пописот на дијаспората, дали вакцинирањето на попишувачите ќе биде приоритет, какви се можностите за употреба на отпечаток од прст и дали следниве неколку месеци ќе се искористат за подобра транспарентност на целиот процес за да се отстрани недовербата во пописните резултати кај дел од граѓаните.
На официјалната интернет-страница на ДЗС единствена работа што во моментот активно се следи е бројот на попишани лица во дијаспората, кој заклучно со 21 април изнесуваше 188.652 лица. Други детали, освен дека пописот е одложен за 5 септември, нема.