Во некаков обид со еден збор да се опише политичката 2018 година во Македонија, веројатно најкоректниот опис во овој момент би гласел – интересна и драматична. За претстојната 2019 година високи владини извори, прогнозираат дека ќе биде уште поинтересна. Што сѐ влегува под поимот интересна е навистина рестеглива категорија, но клучната дилема е веројатно дали ќе биде исто толку напната и драматична како претходнава.
Секако, и покрај најавите дека фокусот на Владата во наредната 2019-та ќе биде насочен кон економијата, сосема е извесно дека високоризичните политички проекти со кои се зафати во оваа 2018-та во голема мера ќе ги одредат развојот и фокусот на настаните на политичката сцена во Македонија и во годинава што почнува.
Целата динамика на носење недоречени, или персонално насочени законски решенија во Собранието, кои придонесуваа за носење контроверзни и непоткрепени судски одлуки за амнестија на обвинети во настаните за 27 април 2017 г., па ублажување на притворските мерки со домашен притвор на поранешни високи владини функционери, како и на бизнисмени блиски на поранешната владејачка структура, сегашната влада отворено признава дека се сосема наменски за обезбедување двотретинско мнозинство за последната фаза за усвојување на уставните измени. Тука нема правда, тврдат владини извори. Сѐ е фрлено на една карта и имплементацијата на спогодбата од Мала Преспа, промената на Уставот на Р Македонија, е нешто за што Владата се надева дека ќе го заврши својот дел од обврските веќе на средината на јануари, за потоа грчката страна да се зафати со исполнување на својот дел од обврските, во согласност со спогодбата.
– Во агендата за 2019 година на македонската влада се мапирани неколку критични точки, која секоја за себе е искушение, а сите три имаат влијание една на друга во исполнување на целите. Првата е да го доведе докрај проектот на уставните измени, кој иако се чини дека е на крајот сепак се соочува со истата неизвесност како на почетокот на процесот. Вториот предизвик е спроведувањето на претседателските избори и третиот – добивање датум за почеток на преговори со ЕУ. Со оглед на фактот што напролет ќе се одржат избори за нов европски парламент, веќе е извесно дека ќе се смени составот, па за добивање датум за преговори ќе треба да се избориме во ситуација кога штотуку е конституиран нов парламент, а Европската комисија ќе биде во стар состав. Добивањето датум за преговори ќе личи на провлекување низ иглени уши – ги посочува трите главни политички предизвици за Владата во 2019 година, политикологот Петар Арсовски.
Тргнувајќи од неколкуте изјави на премиерот дека во 2019 година има намера повеќе да се насочи кон економијата и за тоа не се потребни вонредни парламентари избори, Арсовски смета дека ако сѐ зависи од желбите на Заев, тие нема да се случат, но не ја исклучува сосема можноста за такво нешто, во зависност од развојот на настаните. Сепак, иако вонредните парламентарни избори се во доменот на политичката хипотеза за 2019 година, евидентен факт е дека во 2018 година се случија поместувања во распоредот на силите во Собранието, кои имаа реперкусии во вид на прочистување на партиските редови во опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Гласањето на 19 октомври, за пристапување кон уставни измени за спроведување на спогодбата од Мала Преспа (по неуспешниот референдум), предизвика нова парламентарна реалност, односно создавање нова парламентарна група, сега наречена независна пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Од владини извори веќе има одредени сигнали дека новата пратеничка група е податлива за разговор за коалицирање во Владата и дека при некоја идна реконструкција треба да се смета на нив.
Таквите сигнали отвораат простор за сценарија и комбинаторики на каков начин би можело да се ефектуира коалицирањето во Владата на новата пратеничка група. Опцијата со директно кооптирање на некој од пратениците од независната група во Владата е ризична и неизводлива бидејќи со тоа би се испразнило пратеничкото место што, според Деловникот, би го наследил наредниот од изборната листа од која потекнуваат тие пратеници, што значи на ВМРО-ДПМНЕ. На тој начин би се ослабело и обезбеденото мнозинство во парламентот, кое го дава токму оваа пратеничка група од 8 пратеници. Многу поверојатно е оваа група да се третира како посебен политички субјект и доколку има планови таа да учествува во Владата, пратениците од оваа група да предложат други нивни блиски лица, кои би ги застапувале во Владата.
Овие претпоставки дури водат понатаму во хипотезата за предвремени избори, пред чие одржување треба 100 дена да функционира широка коалициска влада според т.н. пржински модел, местата предвидени за опозицијата да ги пополнат токму кандидати предложени од нив. На тој начин опозициската партија ВМРО ДПМНЕ како партија елегантно се елиминира од целиот тој процес и нејзиното место во техничката влада, според пржинскиот модел, го зазема независната пратеничка група, односно избраните и делегирани лица од неа.
А бидејќи изминатиот период во јавноста доста се шпекулираше дека групата е во постојани контакти и координација со Сашо Мијалов, Никола Тодоров и со други поранешни функционери, можно е во Владата да се најде место и за нив. Се разбира, сето ова се само претпоставени сценарија и комбинации, но реалноста покажа дека сѐ е можно и ништо не е неизводливо.
Дотолку повеќе што иако се исклучени од ВМРО-ДПМНЕ и настапуваат како независни, гласаат за предлозите на Владата, владејачкото мнозинство осумтемина пратеници ги смета за опозиција. Па со таков третман, во хипотетичката предизборна ситуација, „осумтемина независни“ би можеле да послужат како опозиција, која ќе ги добие двете министерства во пржинската влада, со што „елегантно“ ќе биде избегната сѐ уште најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ… Во таа претпоставена ситуација, не е исклучено поранешните министри од ВМРО-ДПМНЕ, Елизабета Канческа-Милевска, или Никола Тодоров, повторно да се најдат на министерските позиции, овој пат во тимот на владејачката партија СДСМ! Секако, ова се само симулирани ситуации, но во политичките акробатски сценарија, кои се спроведуваат во Македонија, не може да се исклучат како невозможни.
– Сѐ уште нема никаква иницијатива за формирање нов политички субјект (партија) од нашата независна пратеничка група, како ниту некоја официјална комуникација за опцијата околу некакво наше учество во Владата. Сепак, и ние имаме слушнато некои разговори за такви можности, но главно од надворешни извори. Нашиот план за дејствување во овој период е конструктивно да придонесуваме во работата на Собранието и да го заокружиме целиот процес на уставни измени, колку што е можно понормално од она како почна – вели пратеничката Нола Исајловска-Старова од независната пратеничка група.
Независните да го сменат името
Што се однесува до моменталниот статус на независната пратеничка група во Собранието, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека е преземена иницијатива за изземање на името на нивната партија од називот на групата. Од партијата сметаат дека оваа група не може и понатаму да има биполарен статус – ем независна, ем од ВМРО-ДПМНЕ.
– Со оглед на изразената намера на премиерот да нема вонредни парламентарни избори во оваа година, мислам дека би требало да се прифати дека независната пратеничка група е реалност и политички фактор, кој и понатаму може да му послужи на владејачкото мнозинство. Не би ја исклучил можноста на некој начин да бидат вклучени во составот на Владата, било лично или да даваат предлози за членови на Владата. Ако се случи да предложат контроверзни членови од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, секако дека би било скандал, но не поголем од овој што ни се случува сега со амнестиите и ублажувањето на мерките притвор – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски, кој сепак смета дека во 2019 година, Владата најмногу треба да се насочи на трите клучни предизвици: уставните измени, претседателските избори и датумот за почеток на преговорите со ЕУ.