Од каде потребата во случајот „Мијалков“ да се „командува од еден центар“ и колку ваквите постапки се на штета на владеењето на правото и уставно утврдениот принцип на поделба на власта на законодавна, судска и извршна. Мешање во надлежностите помеѓу овие три власти е во директна спротивност на функционирањето на правната држава. Правните експерти се едногласни дека последните настани се уште една голема шлаканица за Македонија, како земја-членка на НАТО и земја што очекува датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ
КОЈ И ЗОШТО ГИ ИЗМЕШАЛ ЛОНЧИЊАТА МЕЃУ СУДСКАТА И ИЗВРШНАТА ВЛАСТ
Триумфализмот на власта дека успеала да спречи ново бегство на обвинет за сериозни кривични дела на виделина изнесе многу загрижувачки моменти што само потврдуваат дека правната држава е целосно девастирана, а поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, функционира само на хартија.
Во налетот на емоции, откако обвинетиот Сашо Мијалков самиот се пријави во Обвинителството за гонење на организиран криминал да си го подигне решението за домашен притвор, премиерот Зоран Заев изјави дека со акцијата за обезбедување на бегалецот раководел лично тој, а во Владата биле повикани министрите за внатрешни и правда, но и претседателот на Кривичниот суд и јавниот обвинител. По ваквите изјави во јавноста се наметнуваат и дилемите дали постои мешање во надлежностите и ингеренции на извршната и на судската власт, кои во согласност со Уставот и законите се независни една од друга. Од каде потребата во случајот „Мијалков“ да се „командува од еден центар“ и колку ваквите постапки се на штета на владеењето на правото и функционирањето на правната држава. Најновите постапки ја наметнуваат и дилемата дали е продолжена старата практика на централизирана држава во која судските одлуки ги диктира првиот човек на Владата, наместо тие да се плод на независната судска власт и почитувањето на словото на законот.
Дополнително загрижува што воопшто претседателот на Кривичниот суд и јавниот обвинител прифатиле да одат на „пеење“ во Влада кога треба да се независни и да постапуваат во согласност со своите наоди и ингеренции, наместо друг да им кажува што треба да прават.
На крајот од краиштата, поставувањето на еден вид команден центар во Владата за враќањето на Мијалков е дискутабилно само по себе, со оглед дека земјава не е во војна, а институциите си имаат свои механизми за постапување и секој е одговорен за своите постапки.
Дополнително, уште позагрижувачки се изјавите дека институциите го притиснале семејството на Мијалков, по што тој морал самиот да се пријави во Обвинителството.
Институционалниот притисок врз семејството на обвинет не е одлика на демократска и правна држава. Според експертите, таков начин на однесување и притисок повеќе личи на некој класичен мафијашки метод за справување со непослушните членови на мафијата и опонентите од другите кланови.
Едноставно не може членови на потесното семејство да бидат под тортура и притисоци од државата само затоа што некој е обвинет за кривично дело бидејќи тоа е во целосна спротивност со законите, според кои, членовите на семејство на обвинет се изземени од одговорност за делата што тој ги направил.
Како и да е, за правните експерти последните настани се една голема шлаканица за Македонија, која очекува датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ, но со постапките на мешање на надлежностите, а со тоа и на урнисувањето на правниот систем, самата си ги поткопува шансите да ги почне преговорите и создава дополнителни противници на проширувањето.
Познавачите на состојбите немаат дилема дека е направен скандалозен упад во надлежностите на власта и сметаат дека со тоа целосно е урнисано владеењето на правото во државата.
– Доколку премиерот ги координира и службите од Јавното обвинителство и судот, тогаш прави упад во власта и тоа не можеме да го наречеме триумф, туку пораз на демократијата и пораз на основниот принцип на демократијата, а тоа е владеењето на правото. Последните случувања се показна вежба како правото може да се прекрши по повеќе основи, односно сите принципи од она што значи владеење на правото беа погазени. Беше нарушено правото на еднаквост пред законот, одговорност пред законот, поделбата на власта е еклатантно прекршена, не видовме транспарентност кога најмногу требаше бидејќи министерот за внатрешни го немаше два дена, така што ова е пример како од систем што не функционираше, прејдовме во речиси авторитарен систем во кој премиерот на прес-конференција објаснува што сè е преземено и како е преземено – вели Сузана Јошевска-Анастасовска, адвокатка.
Според неа, еуфоричната изјава на премиерот изгледала повеќе подземно отколку како изјава на висок функционер.
– Ние презедовме она, ова, јас лупав на маса, притисок направиме на семејството… Тоа не му доликува на функционер од тој калибар, на тој начин да изјавува дека го принудил Мијалков да се јави сам. Тоа на мене како граѓанин ми праќа лоша порака, како државата авторитарно може да се постави кога системот не функционира. Системот во нормална држава треба да функционира без оглед на сè, дали Сашо Мијалков или друго лице е во бегство, а не за определени лица на еден начин да функционира, а за други лица да функционира поинаку – појаснува адвокатката Јошевска-Анастасовска.
Таа уште додаде дека и од изјавите на премиерот и на министерот за внатрешни работи можело да се насети дека се зборувало за некаков притисок врз семејството на обвинетиот, кој не е дозволен.
И за долгогодишниот аналитичар на судските состојби во земјава Саше Димовски направен е упад во судската власт од страна на извршната власт.
– Ова се игри преку Јавното обвинителство, кое, за жал, и натаму е државен орган. Значи Јавното обвинителство е сервис на Владата. Тоа било со години и така останува. Независноста на Јавното обвинителство не се издигна над политиката. Не може премиерот да вика дека тој ја координирал акцијата и да се заканува или обезбедување на бегалецот или оставки од сите – вели Димовски.
Според него, во конкретниот случај со Мијалков јавен обвинител е тој што требало да ја води целата операција за негово враќање.
– Во конкретниот случај нема што премиерот да ги координира. Таму има јавен обвинител што ја води постапката и кој е чеканот на целата операција. Јавниот обвинител ѝ вика на полицијата сега имате 24 часа да ми ги обезбедите сите можни докази и тие треба да го направат тоа – појаснува Димовски.
Адвокатот Александар Тортевски целосно се согласува дека власта направила упад во судскиот систем, а премиерот не смеел да диктира што ќе прави судската власт.
– Апсолутно, власта упадна во судскиот систем. Ако имало причина спрема некого или за што било, тоа не смее Заев да го диктира. Ништо од тоа што е правено не смее да зависи од Заев. И јавниот обвинител и претседателот на Кривичниот суд се независни и нивното мислење не треба да зависи од неговото мислење или неговиот притисок, или, пак, дали тој ќе падне или не. А тие сите треба да си ги вршат своите работи во согласност со своето наоѓање и во согласност со закон, а не во согласност со мислењето на Заев – вели Тортевски.
Тој уште додава дека државните институции не смееле да вршат никаков притисок врз семејството бидејќи нема кривично дело.
– Тој не е осуден, не прекршил ниту едно кривично дело, еднаш месечно редовно се јавувал во суд и семејството не помага на осуден човек. Постои кривично дело „помош на осудено лице“, а Мијалков не е осуден. А ако има нешто друго, институциите независно од неговото бегство треба да си го работат, наместо да вршат притисок врз семејството поради неговото бегство – истакнува Тортевски