Триесет години од прогласувањето на независноста и самостојноста на Македонија, 20 години од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ, 20 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, една година од нашето полноправно членство во НАТО. Какви емоции и сеќавање предизвикуваат сите овие настани и дали се исполнети очекувањата и надежите на граѓаните

МАКЕДОНИЈА ГОДИНАВА ОДБЕЛЕЖУВА СЕРИЈА ЗНАЧАЈНИ ЈУБИЛЕИ И ГОДИШНИНИ

Годинава македонската држава одбележува серија годишнини и јубилеи на значајни политички и државни процеси, кои на некој начин оставиле белег во функционирањето на државата.
Така, во 2021 година се одбележува 30 години од прогласувањето на независноста и самостојноста на Македонија, 20 години од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ, 20 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, како и една година од нашето полноправно членство во НАТО. Секој од овие настани има свои специфики и своја тежина во колективната меморија на граѓаните и од денешна дистанца интересно е да се чуе како секој од овие настани и јубилеи се толкува и восприема во јавноста.
Во својата анализа за овие процеси, „Нова Македонија“ се консултира со универзитетски професори, политички аналитичари и политиколози, кои ги искажаа своите ставови за крупните политички настани и нивниот ефект врз државата и општеството.

Исполнет сонот за независност

На 8 септември 1991 година Македонија ја прогласи својата независност. Резултатите од референдумското изјаснување јасно и недвосмислено ја покажаа волјата на мнозинството граѓани да живеат во сопствена држава. Почетокот го красеше голем ентузијазам, но и страв поради крвопролевањата што се одвиваа во другите поранешни југословенски републики. Следуваа години на неизвесност, проследени и со грчкото економско ембарго, како резултат на спорот за името, за сега повторно да сме блокирани, овој пат од соседна Бугарија. За тоа колку изминатите три декади ги исполнија очекувањата и надежите на граѓаните за демократија, силна економија и функционална правна држава, експертите велат дека е тешко да се одговори. Дотолку повеќе што токму годинашното одбележување на 30-годишнината на независноста поминува во знакот на засилен притисок и обиди за оспорување и негирање на македонската историја, идентитет, јазик.
Поранешниот гувернер на Народната банка и бивш министер за финансии Петар Гошев, кој има политичката кариера подолга од трите децении независност, вели дека овој јубилеј на Македонија е важен за да сфатиме колку сме постигнале во нашите заложби за своја држава.

– Одговорот на ова прашање најдобро го знае обичниот граѓанин, кој веднаш може да каже дали сега подобро живееме од времето на поранешната држава. Низ триесетте години плурализам, ние имавме различни процеси и различни државни правци. Во одреден дел напреднавме од времето на независноста па досега, а во одреден дел дури и стагниравме. Имено, по три декади, можам да заклучам дека сѐ уште најголемите маки за Македонија се економски. Односно, распределбата на прогресот е лоша, а во тој процес има зголемување на раздорот на економските класи на граѓаните. Од друга страна, индикатор дека економијата е подобра од порано е порастот на бруто-домашниот производ во Македонија од времето на Југославија. Сепак, не може а да се напомене дека во овој период нашата земја многу тешко се справува со политизираноста и поделбите, со големата корупција, кои исто така се своевиден индикатор што треба да го погледнеме спроти важниот јубилеј – вели Гошев.
Универзитетската професорка Мирјана Најчевска вели дека главните цели за прогласувањето на независноста за неа сѐ уште не се исполнети.
– Ние сѐ уште немаме граѓанско општество, немаме вистински полипартиски систем што управува со Македонија и се чини сѐ уште работиме на градење на вистинските темели на демократија во земјата, која е тесно поврзана со владеење на право. Па, оттука, се чини дека освен формалната независност, ние 30 години „шлајфуваме“ во место по повеќе есенцијални теми за животот на граѓаните – вели професорката.
Спогодба за стабилизација и асоцијација не ја доближи Македонија до Европа
Македонија беше првата земја од регионот што ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) и првата земја во која Спогодбата стапи во сила. ССА беше потпишана на 9 април 2001 година, во Луксембург. Оттогаш наваму оваа договорна рамка ги регулира односите меѓу Европската Унија и Македонија за спроведување на процесот на стабилизација и асоцијација.
Поранешниот министер за финансии објаснува дека кога се говори за овој процес, кој за него е еднакво важен како и независноста на земјата, треба да се истакне дека тој ги постави темелите за многу државни и меѓународни политики и договори што ги направи Македонија.

– Договорот за стабилизација и асоцијација на свој начин ја присили Македонија да мора да го хармонизира своето законодавство со европското, а по природата на сите слични вакви процеси натаму следуваа и политиките што нѐ донесоа до интеграција со НАТО, затоа што барем формално мораа да се решат прашањата од карактер на тоа да докажеме дека сме дел од цивилизираниот свет. Дополнително позитивно во оваа димензија на настаните е дека се создаде клима во земјата што придонесе нашиот народ да започне да се идентификува со оној на европските држави – вели Гошев.
Тој, сепак, додава дека негативната страна на овие случувања е очигледна, а тоа е дека нашето членство во Европа сѐ уште е далеку од дофатот.
– Кога се говори за оваа работа, не може а да не се напомене дека низ годините константно Македонија беше цел на напади, уцени и тешки неправди. Дел од нив може да се најде дома, со слабата политичка реализација, но поголем дел е на контото на одредени соседи, но и на Европската Унија и нејзиниот површен однос кон проширувањето во Балканот. Кога станува збор за Македонија, Европа не ги почитува своите норми и постулати, па оттука не се санкционирани штетните политики на одредени нејзини земји-членки, кои, за жал, сѐ уште ни го кочат патот до целосната интеграција – резимира Гошев.

Охридскиот рамковен договор важен документ со лоша реализација

Охридскиот рамковен договор официјално беше потпишан на 13 август 2001 година, за давање повеќе права и поголема застапеност на Албанците како малцинска заедница во државата. Но уште од самите почетоци до денес, или 20 години потоа, тој стана алатка за политичка манипулација, за штетни и непродуктивни рамковни вработувања и, на некој начин, за мајоризација на малцинството врз мнозинството. Од година на година рамката сѐ повеќе се прошируваше, а на барањата и на уцените од албанските партии и денес не им се гледа крајот.
Така, според аналитичарите, рамковниот договор се сведе на најбезобѕирна компромитација на процесот на правичност, кој две декади по неговото потпишување сѐ уште ја мачи државата.
Професорката Најчевска го критикува Охридскиот рамковен договор, бидејќи две декади, наместо да помогне во формирањето на граѓанското општество во Македонија, тој придонесува да имаме додатни поделби на меѓуетничка основа.
Слично размислува и политикологот Синиша Пекевски, кој штетноста на овој процес, кој генерално имал миротворна намена, ја гледа во актуелниот процес за спроведување на пописот.
– Две декади подоцна ние сѐ уште се тркаме кој има побројна заедница. Охридскиот договор е толкуван од сите актери како ним им прилега, а истиот документ, за жал, не успеа комплетно да го анулира ризикот од избувнување нов меѓуетнички конфликт. Имено, жално е што граѓаните од двете најбројни заедници и натаму се залажуваат со национализам од политичарите, а механизам за тоа е истиот документ, кој годинава има свој јубилеј – вели Пекевски.

Застојот на патот кон ЕУ го засени членството во НАТО

Пекевски вели дека членството во НАТО иако е одличен чин за нашата земја, за жал, е во сенка на процесот што Македонија повторно го бие, но за членство во ЕУ.
– Ние досега, за жал, не успеавме да видиме колку членството на Македонија во НАТО значи за граѓаните. За време на пандемијата добивме симболична помош од сојузниците, но истовремено и никој во НАТО не реагираше на изјавите на бугарските „сојузнички“ политичари дека ќе донесат војски во Скопје да ги срушат спомениците. Очигледно и овој сојуз, како и другите во светот, има членки што се поголеми членки од другите – вели Пекевски.
За него е пресудно што овие два јубилеја за Македонија, едниот за НАТО другиот за ЕУ, за жал, се поврзани меѓусебно еден со друг и тие во својата суштина имаат негативен предзнак.
Различно размислува политичкиот аналитичар Петар Арсовски, кој истакнува дека членството во НАТО и потенцијалот за членство во ЕУ се средствата што ја принудуваат Македонија да стане уредно општество и држава што ќе гарантира развој и подобар живот на граѓаните.
– Анализирајќи ги ретроспективно сите битни процеси што ќе се одбележат годинава, можам да кажам трагикомично е дека Македонија е местото каде што целиот баксуз во универзумот секогаш ни пречи да ги исполниме поставените цели. Имено, кога на домашен план ќе се случи нешто добро, речиси истовремено во меѓународната политика имаме негативен настан и, обратно, кога напредуваме на меѓународно поле, на внатрешен план имаме декаденција. Потпишавме договор за стабилизација како позитивен чин, но и го потпишавме договорот во Охрид.

Ставивме крај на конфликт, но започна ера на блокади од соседите, а на домашно ниво дојдоа политиките на Никола Груевски. Станавме членка на НАТО, но дојде нова пречка за членство во ЕУ. Пристигнаа францускиот нон пејпер и новата методологија за членство во ЕУ, а веднаш потоа следуваше и епидемијата на ковид-19. Оттука, јас членствата во ЕУ и во НАТО, со сите пропусти, ги гледам генерално позитивно, бидејќи, според мене тие, се повеќе траса и патека преку која индиректно и директно ни се менува начинот на кој дејствува политиката во нашата земја за повеќе да личи на оној од Европа и САД – вели Арсовски.


Заев: Македонскиот мозаик сјае со најубави бои

Во контекст на овие годишнини неодамна премиерот Зоран Заев во интервју за словенечко „Дело“ истакна дека оваа година славиме годишнини што силно ги илустрираат современата историја и развој на Македонија.
– Поубав пресек од тоа каде беше и каде е денес нашата земја не може да се посака. Има ли нешто поубаво од мозаик? А македонскиот мозаик сјае со најубавите бои – истакна премиерот Заев.

[email protected]