Во своето прво обраќање во Собранието, претседателот на државата се осврна на редица суштествени прашања во државата, меѓу кои поделбите меѓу граѓаните, неефикасноста на правосудството, пописот, иселувањето, загадувањето на воздухот, како и очекувањата за претстојните избори
Претседателот на државата Стево Пендаровски во своето прво обраќање пред пратениците откако е на функцијата се осврна на редица значајни прашања што ја преокупираа јавноста во изминатиот период. Уште на почетокот на обраќањето, претседателот истакна дека неговата главна политичка цел била и останува да биде независен, да биде претседател на сите, а не партиски послушник или апологет на некој транзициски олигарх.
– Во таа смисла, пред мене, но и пред сите нас, стои огромна работа, бидејќи поделбите меѓу граѓаните, на кои некои работеа со години, сè уште се длабоки. Ако порано и денес тоа одеше и оди по линија на етничката припадност, во последнава деценија драматично се продлабочија и поделбите меѓу Македонците.
Граѓанското помирување за кое зборував на мојата инаугурација нема да се случи само по себе ако никој не понуди конкретни платформи за дијалог меѓу засегнатите страни – нагласи Пендаровски.
Тој ја посочи средбата на лидерите на парламентарните партии, која се одржала веднаш по неуспешниот исход на последниот европски самит и која била прва од таков вид без посредување од меѓународната заедница, како позитивен пример, кој покажал дека поседуваме доволно домашен потенцијал во битни историски моменти да се обединиме за битни прашања, што резултирало со широк консензус и донесени неколку круцијални двотретински закони во сферата на судството, антикорупциското законодавство и реформата на безбедносниот систем.
Пендаровски меѓу другото се осврна и на многу коментираниот Закон за јазици, особено по мислењето на Венецијанската комисија, кое, за жал, како што истакна, според нашите стари и лоши навики, било прочитано исклучиво преку политичка и етничка диоптрија. Притоа, Пендаровски порача дека ако законите ги носиме заради граѓаните, чесно е да ги направиме сите неопходни корекции за тие навистина да заживеат.
Во однос на договорите со соседите, Пендаровски рече дека договорите не содржат само обврски за нас, а само права за нив.
Во контекст на актуелните регионални иницијативи, тој истакна дека тие во ниту еден случај не треба да бидат разбрани како замена за европските интеграции, туку само како инструмент за наше побрзо интегрирање во Европа. Притоа, т.н. мини-шенген, за да биде ефикасен, мора да ги опфати сите шест држави од Западен Балкан, а не само три.
– Бидејќи на Балканот времето, за жал, тече побавно отколку на други места во светот, и во 2019-та, во некои центри на светската моќ се разговараше за нова корекција на границите на Балканот, дури и за размена на луѓе и територии. Мојот став од почетокот беше и останува дека нова промена на балканските граници сигурно ќе нѐ врати назад во раните 1990-ти и ќе предизвика тензии, а најверојатно и нови конфликти – истакна Пендаровски.
Претседателот се осврна и на проблемот со загадувањето на воздухот, нагласувајќи дека го поддржува барањето на граѓанскиот сектор за поголем државен буџет за заштита на животната средина, при што најави и седница на Советот за безбедност на која првпат ќе се расправа за загадувањето на воздухот и на која ќе ги повика на соочување на ставовите – и надлежното министерство и невладините организации активни во областа.
Пендаровски не заборави да го спомене и пописот, кој, како што рече, треба да се постави надвор од изборните дебати и меѓупартиските расправии.
Во однос на иселувањето, Пендаровски истакна дека тоа е една од најголемите закани за безбедноста и иднината на земјата, затоа што го намалува биолошкиот супстрат на нацијата, од која директно зависат нашиот опстанок и просперитет во сите витални сектори на општеството.
– Магична формула и брзи решенија за овој проблем, досега, не се пронајдени ниту во најразвиените делови од светот. Сепак, ги повикувам релевантните политички субјекти да седнеме заедно и да донесеме натпартиска стратегија, барем за ублажување на последиците од оваа голгота на нашиот народ. Во ситуација кога 15 години чекаме да почнеме преговори со ЕУ, во ситуација кога влегуваме во НАТО по цели 20 години откако го добивме статусот на земја-кандидат, а стандардот пер капита е на 80 отсто од некогашниот наш југословенски просек, со просечна плата од 400 или 500 евра, иселувањето може да бележи само нови поразувачки рекорди. Притоа, не како политичари, туку како обични луѓе, ние мора да се согласиме дека ако макар само еден единствен млад човек ја напушти државата, заради нашите политики, тоа не е трагедија само за неговото семејство, туку, објективно, и за сите нас – истакна Пендаровски.
Во контекст на претстојните парламентарни избори, шефот на државата порача дека тие треба да се потпираат на две суштински компоненти: прво, демократски амбиент со слободни медиуми и вработени во администрацијата ослободени од притисоци и, второ, политичка реторика и култура што го почитува противникот и ја честита победата на крајот на изборниот ден.
– Секој од нас има должност и одговорност, не реторички, туку практично, да покаже пред граѓаните дека изборната битка не е борба на живот и смрт – рече Пендаровски.
Своето обраќање претседателот на државата го заврши со честитка за претстојните празници, а за 2020 година, како што истакна, на пратениците нема да им посака среќа на изборите, туку само здравје и среќа за нив и нивните најблиски. П.Р.
Малкумина се убедени дека правдата пристигна
Шефот на државата се осврна и на состојбите во правосудството, нагласувајќи дека, за жал, по три и пол години од единствената демократска револуција во посткомунизмот, малкумина се убедени дека правдата пристигна.
– Во редица судски процеси не видовме завршница, некои од најголемите правни случаи застареа на очиглед на сите нас, а креаторот на режимот избега и од правдата и од државата и, притоа, ниту една институција не кажа јавно како такво нешто, воопшто, беше можно. Врв на лошите состојби во правосудниот систем беше т.н. афера „Рекет“, во која меѓу обвинетите за тешки кривични дела се најде и првата личност на институцијата што беше имено формирана со една единствена цел – да ги гони криминалците. Општа е перцепцијата кај граѓаните дека само сиромашните и луѓето на маргини, без релација со некоја од властите, одговараат дури и за багателни кривични дела – истакна Пендаровски.
Тој ѝ испрати и јасна порака на следната власт: веднаш по изборите да спроведе прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но прво кај – политичарите и за секого за кого нема логично образложение како со државна плата станал милионер, веднаш да следува не оставка, туку кривична постапка.
Реакции на говорот на Пендаровски
Првото обраќање на претседателот на државата Стево Пендаровски пред претставниците на парламентот предизвика и низа реакции од политичките партии и во јавноста.
Илија Димовски од името на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека неговата партија очекувала Пендаровски да се обиде да гради мостови, но тој ги продлабочил поделбите во општеството и уште еднаш потврдил дека сѐ уште не е излезен од чевлите на СДСМ.
– Очигледно покомотно се чувствува кога ги зазема ставовите на партијата. Чувме многу празни зборови, но не слушнавме ништо конкретно. Чувме дијагнози, но не чувме конкретни решенија. Време е да се постави како претседател на сите граѓани – изјави Димовски.
Хари Локвенец, пак, од името на пратеничката група на СДСМ порача дека по 10 години партиски говори на Ѓорге Иванов сме биле сведоци на обраќање на еден натпартиски претседател.
– По две и пол години СДСМ успеа да ја донесе државата на прагот на НАТО и на Европската Унија. За нас нема компромис со криминалот и нема судија ниту обвинител што ќе застане на овој пат. Токму затоа во претседателот Пендаровски гледаме сојузник за добрите политики – рече Локвенец по обраќањето на претседателот Пендаровски.
Фадил Зендели од Беса го окарактеризира обраќањето на шефот на државата во парламентот како избалансиран настап во кој биле опфатени сите отворени прашања што ги имаме, особено во делот на правната држава.
Реџаил Исмаили, пратеник од ДУИ, го окарактеризира говорот на претседателот Пендаровски како коректен. Тој посочи најмалку две позитивни работи што претседателот Пендаровски ги истакнал во својот говор, а тоа биле законите за јазиците и за судството.
Универзитетската професорка Тања Каракамишева, за делот од говорот што се однесува на тоа дека секој функционер што со државна плата станал милионер треба кривично да одговара, на Твитер кратко само искоментира со алелуја.
Професорот Јове Кекеновски вели дека тој добил впечаток дека говорот на претседателот Стево Пендаровски бил бледо и неинвентивно обраќање, а доколку се потрудел шефот на државата можел и подиректно да цели на проблемите на земјата.
– Во говорот на Пендаровски како да провејуваше тенденција да ја заштити власта на грешките и мислам дека тој во својот говор не потврди дека е натпартиски кандидат и дека и ќе работи надвор од стегите на партијата која го донесе на власт – вели Кекеновски. A.С.