Заев на средба со европратениците Ќучук и Чолош
Премиерот Зоран Заев, во рамки на дводневната работна посета на институциите на Европската Унија во Брисел, денеска, придружуван од министерот за надворешни работи Бујар Османи и шефицата на Постојаната мисија на Македонија во ЕУ, Агнеза Руси-Поповска одржа одделни средби и со европратеникот Илхан Ќучук, кој е и известувач за Македонија, како и со претседавачот на парламентарната група на „Обнова на Европа“, Дачијан Чолош.
На двете средби во Мисијата на Македонија во Брисел, кои беа оценети како одлични, беше изразена силна поддршка за отворање на преговорите на Македонија со Европската Унија, која како што беше нагласено, од своја страна ги исполни сите обврски, известуваат владините служби.
Соговорниците оцениле дека пристапниот процес треба да биде фокусиран на европското законодавство АКИ и било заклучено дека сите други прашања, кои немаат поврзаност со европското АКИ треба да се адресираат билатерално.
Премиерот Заев на одделните средби со европратениците Чолош и Ќучук се заблагодарил на досегашната принципиелна поддршка од парламентарната група на „Обнова на Европа“, во Европскиот парламент, изразувајќи надеж дека таа поддршка ќе продолжи континуирано и понатаму.