Планот Б за Договорот од Преспа со потпишување меѓудржавни договори со земјите од регионот и отворањето нови американски бази во Грција – предлозите на грчкиот министер за одбрана Панос Каменос за време на неговата посета на САД, предизвикаа реакции во Грција.
По завршувањето на состанокот на политичкиот секретаријат на СИРИЗА, прашан од грчките новинари, за ставовите на Каменос кој е коалициски партнер во Владата, Алексис Ципрас со доза на хумор рекол дека „во САД има ураган, но не се вика Панос, туку Мајкл“, пренесуваат грчките медиуми.
На ова, преку официјалниот Твитер профил, доцна синоќа реагираше одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија, Јоргос Кумуцакос.
– Во Грција има ураган, но не се вика Мајкл, туку Панос, Добра ноќ господине премиере – напиша Кумуцакос на Твитер.
Според весникот „Ефимерида тон синдактон“, за планот Б на министерот за одбрана на Грција, имало телефонски разговор меѓу Ципрас и Каменос, по иницијатива на грчкиот премиер кој побарал објаснување од неговиот коалициски партнер. Каменос рекол дека немал намера да создаде проблеми, а изјавите биле во рамките на разговорите и ништо не било официјално презентирано.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, голем број претставници на грчката Влада во изјави за медиумите, се дистанцираа од ставовите на Панос Каменос.
Заменик министерот за надворешни работи, Теренс Куик, кој доаѓа од редовите на Независни Грци и е сопартиец на Каменос, во изјава за радиото „Сто кокино“, се повика на ставот на алтернативниот МНР на Грција, Катругалос, кој рече дека потпишувањето меѓудржавни договори не може да биде алтернатива за Договорот од Преспа.
– Прво, Министерството за надворешни работи преку алтернативниот министер за надворешни работи Јоргос Катругалос даде одговор и јас ќе запрам овде. Второ, од грчка страна е јасно дека не може да има никаков напредок во однос на поранешната југословенска Република Македонија, – сакам да го кажувам целото име, за да знаат сите дека 25 години името Македонија е вклучено во Привремената спогодба од ОН. Не може да има никаков напредок за поранешната југословенска Република Македонија во НАТО и ЕУ ако не се реши прашањето со името – рече Куик.