Вандализмот врз бугарското знаме во Битола е далеку од чин за пофалба
Љубовта кон својата земја не се изразува со омаловажување и сквернавење на симболите на туѓа земја, туку со нивно прифаќање и почитување. Токму во тоа се гледа големината на еден народ, да ги почитува сите, нивните обележја, култура, историја, вредности, со што и самиот уште повеќе се издига. Без разлика што актуелните антагонизми со соседна Република Бугарија создаваат тензии кај граѓаните, кај некој и лутина и гнев, нема никакво оправдување за инцидентот со сквернавење на знамето како државен симбол на Бугарија. Безрезервното и граѓанско и институционално неодобрување на ваквиот чин ќе биде показател дека тоа било само еден изолиран инцидент, а со енергичната осуда ќе демонстрираме висока доблест, етика и морал кон националните белези и чувства на различните народи, култура, историја…
Македонските граѓани отсекогаш биле гостопримливи, толерантни и мирољубиви, без оглед за кого станува збор, сакајќи секому да му помогнат во моменти кога сите други им го вртеле грбот.
Својата толерантност и мирољубивост ја покажаа во време кога Грција воведуваше ембарга и блокираше секаков развој на Македонија, со апсурдното барање тогаш новата држава да си го промени името.
Дури и во време на такви уцени и омаловажувања, македонските граѓани не го доживуваа грчкиот народ како свој непријател, напротив, државата ги отвори вратите за грчките инвестиции, а Македонците продолжуваа летните одмори да ги поминуваат на тамошните плажи, оставајќи илјадници евра. Во време кога избувна катастрофалниот пожар во близината на Атина пред три години, во кој загинаа над 100 луѓе, Македонија беше меѓу првите што несебично понудија техничка и материјална помош.
Слична беше ситуацијата и со Косово, кога земјава во една вечер прими и згрижи речиси половина милион бегалци. Истото тоа сега го прави и со бегалците од Авганистан, нудејќи гостопримство за 750 лица, иако многу поголеми и побогати држави одбиваат да им помогнат на овие луѓе во неволја.
Последниот настан во земјава со отстранувањето на бугарското знаме од конзулатот во Битола и неодамнешното оштетување на споменикот на загинатите бугарски граѓани во бродската несреќа во Охрид со право предизвика остри реакции од страна на официјална Софија, која посочи дека секоја акција, изразување омраза против друга земја или нејзините граѓани, е во спротивност со основните вредности на модерните демократски општества и го попречува воспоставувањето добрососедски односи.
Македонија ги прифати бугарските реакции и треба во најкраток рок да ги најде и да ги казни сторителите, истовремено да укаже дека нема да има никаква толеранција за оние што работат против зближувањето на двата народа. Бугарија своевремено ѝ помогна на земјава во неколку наврати, така што крајно време е двата народа наместо да се отуѓуваат, повеќе да работат на меѓусебно зближување без оглед на моменталните пречки, а тоа несомнено ќе ги намали тензиите во односите и ќе придонесе ваквите вандалски чинови да станат минато.
Едно е јасно, љубовта кон својата земја не се изразува со омаловажување и сквернавење на симболите на туѓа земја, туку со нивно прифаќање и почитување. Токму во тоа се гледа големината на еден народ, да ги почитува сите, нивните обележја, култура, историја, вредности, со што и самиот тој народ уште повеќе се издига на скалата на модерни демократски општества. Македонскиот народ никогаш не бил конфликтен и не покажал омраза кон никого дури и кога не му мислеле добро, туку секогаш се обидувал да живее во хармонија со сите, а тоа се обидува да го прави и сега.
– Вандали имало и ќе има кај секој народ. Тие не може да се идентификуваат со еден цел народ. Имавме проблем со Грците, па пак одевме таму на одмор. Сега сличен проблем имаме и со Бугарите, но повторно Македонците се најбројни на скијање во Банско и Боровец. Па, еве, кај нас истите тие вандали намерно ќе ти дупнат гума, ќе ти изгребат автомобил, гледам и фонтаната на плоштадот во Скопје ја оштетиле, споменици на борците од НОВ, половина летниковци и клупи по парковите се уништени… Обичните луѓе немаат никакви проблеми меѓу себе и се почитуваат, вандалите се тие што ги прават инцидентите, па нема потреба за тоа вината да се префрла кај еден цел народ – вели Методија Величковски, правник.
Социолозите ваквите инциденти ги дефинираат како изолирани случаи, кои не наидуваат на одобрување од никого.
– На македонскиот народ не му е својствено да се однесува лошо кон другите народи. Но во тој народ секогаш има поединци кои што на некој начин, поттикнати од тоа што во овој момент го прави Бугарија кон Македонија, мислат дека со симнувањето на бугарското знаме ќе истераат дел од таа правда. Тоа е индивидуален чин. Ако тоа го направи државна институција, тогаш тоа е веќе нешто друго – вели Илија Ацевски, социолог.
Според него, ваквите индивидуални вандалски чинови постоеле отсекогаш и ќе се случуваат и во иднина.
– Тие чинови постоеле, постојат и ќе постојат. Тоа не говори толку нешто за нас како народ и затоа треба парламентот, Владата и другите институции да ги осудат како нешто несвојствено за македонските граѓани – појаснува Ацевски.
Тој додава дека има поединци што отстапуваат од таа нормална шема на однесување и сметаат дека треба да ја земат правдата во свои раце.
– Овој однос што го наметна Бугарија со блокадата на македонските евроинтеграции сега е предмет на тие поединци, едноставно да го симнат знамето или да земат чекан и да го оштетат споменикот. Нема друго објаснување за овие работи освен како индивидуален вандалски чин зад кој не стојат македонските граѓани – констатира Ацевски.
Негово мислење е дека народите меѓу себе добро соработуваат, а инцидентните ситуации иницирани од поединци се малку.
– Конфликтното однесување не е својствено за нас како народ – заклучува Ацевски.
Но сторителите треба да се лоцираат, што побрзо да се пронајдат и санкционираат. Тоа во најмала рака ќе покаже дека надлежните институции функционираат, правната држава постои и таа не одобрува прекршување на позитивното право, а уште повеќе на вандалски чинови што имаат референции и во меѓусоседските државни политики, на кои може да им наштетат и изолирани инциденти од овој тип, а да предизвикаат катастрофални лавини со кои дополнително ќе се закопа процесот на комуникација на релацијата Скопје -Софија.