Законодавниот дом под граѓанска лупа
Симптоматично е што во време на овој летен собраниски одмор, Македонија беше соочена со неколку општоопштествени и загрозувачко-ескалирачки ситуации и состојби, при што некои од нив се или беа и последица од (не)работењето на Собранието. А со новата собраниска пауза, веднаш по враќањето на пратениците од годишен одмор, само дополнително се засилува перцепцијата во јавноста за неефикасноста и нефункционалноста на највисокиот законодавноправен дом, во кој овој собраниски состав веќе навлезе во втората година од пратеничкиот мандат…
Само што ќе се вратат од одмор, пратениците во македонското собрание веќе можат да почнат да се подготвуваат за нова пауза од својата законодавна работа. Годишниот одмор на пратениците, на кој го потрошија месецот август, завршува и веќе на почетокот на септември треба да започнат со работните активности. Но со почетокот на кампањата за локалните избори, дваесет дена пред терминот на одржување (17 октомври), повторно се ставаат „во лер“ собраниските активности, затоа што, според зборовите на претседателот на Собранието, Талат Џафери, „нема да одржува пленарни и комисиски седници, за да им овозможи на политичките партии и нивните кандидати целосно да се посветат на изборната кампања и на барањата на граѓаните“. Всушност, веќе неколку пратеници се споменуваат како предлози на партиите, кои ќе учествуваат во изборната трка за градоначалници.
Ни ковидот, ни пожарните стихии, ни личните карти не допреа до Собранието
Очекувањето на новата собраниска пауза, само дополнително ја засилува перцепцијата во јавноста за неефикасноста и нефункционалноста на највисокиот законодавноправен дом во овој собраниски состав, кој веќе навлезе во втората година од пратеничкиот мандат. Некои статистики, правени пред летниот одмор на пратениците, укажуваат дека, во изминатава година, работата на Собранието била блокирана речиси три месеци, биле поднесени 2.029 амандмани на Законот за нов клинички центар, 1.314 на Законот за лична карта, 999 на Законот за игри на среќа… И понатаму општата слика за односите во Собранието не отстапува од стандардниот опис: опозицијата бара дијалог, власта обвинува за неконструктивност… Таквиот опис речиси неизбежно се дополнува со уште една хронична слика во работата на македонското собрание – предлагачите на одредени закони (претставници на различни парламентарни партии) меѓусебно се уценуваат со поддршка за предлозите…
Сепак, симптоматично е што за време на овој летен собраниски одмор, Македонија беше соочена со неколку општествени и загрозувачко-ескалирачки ситуации и состојби, при што некои од нив се или беа и последица од (не)работењето на Собранието. Се покажа дека заканата од пожарните стихии на почетокот од август, ниту тоа што Владата прогласи кризна состојба од еден месец, не беше доволно загрижувачки предизвик за да се свика барем вонредна собраниска седница за пратениците, кои веројатно и сѐ уште не беа заминати на одмор. Сериозноста со новиот брзорастечки бран на заразеност од ковид-19, како и големиот број починати, и ургентната потреба за ефикасни мерки за справување со овој предизвик, исто така се чини дека не успеа посилно да допре до пратениците на македонското собрание. Ниту непријатностите со кои беа соочени граѓаните поради незавршената собраниска процедура на усвојување на измените од Законот за лични карти, не ги инспирираше пратениците да преземат некаква иницијативност за побрзо да се вратат на работа. Само последниве неколку примери воопшто не одат во прилог на очекувањата на македонските граѓани за Собранието како (нај)активен политички играч, кој ги предводи и регулира демократските процеси во државата.
Ќе се засукаат ли конечно ракавите
На пратениците како да им е удобно во јавната перцепција (дури и да е неповолна) дека јавноста е со впечаток дека „тие се претворени во гласачка машина, која се активира само да ги задоволи интересите на своите политички партии и желбите на својот дел од електоратот“.
– Ниту овој пратенички состав не остава впечаток дека се труди да ја надмине перцепцијата на Собранието како гласачка машина, која се активира само за интересите на владејачките партии. Речиси и нема некој проблесок со различен став кај пратениците од партиите во власта, во однос на предлозите што доаѓаат од Владата. Тоа само ја зацврстува перцепцијата во јавноста дека Владата го контролира Собранието, наместо Собранието да ја извршува својата уставна улога – да биде контролор на работата на Владата. Кај делот од опозицијата има различни мислења, па дури и гласни несогласувања во неколку ситуации, но кај делот од албанските опозициски партии, забележливо е дека се речиси сосема незаинтересирани за дискусии и закони што не им носат поени кај нивниот дел од гласачкиот електорат. Не се вклучуваат во дебати кога во Собранието се расправа за економски прашања. Незаинтересирани се за теми од општ заеднички интерес за сите граѓани и само настојуваат да угодат на желбите и интересите на нивниот дел од гласачкото тело. Дури и кога е на штета на граѓаните, вклучувајќи ги и нивните гласачи. Тоа беше најизразено во односот спрема мерките за заштита од пандемијата. И покрај брзото и нагло распространување на коронавирусот по масовните собирања на семејни веселби, во градовите од западниот дел на Македонија, пратениците (и политичарите) од овој дел на земјата, настојуваа да не бидат порестриктивни мерките за организирање семејни веселби. Дури и тие самите беа често дел од такви семејни масовни собирања, каде што прогресивно се ширеше заразата – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.
За „добредојде“, по враќањето од летниот одмор, Владата им подготви на пратениците голем пакет од предлог-закони, кои ќе претставуваат сериозен предизвик да бидат сработени во Собранието, со оглед на претстојните најавени паузи. Според владината законодавна програма за 2021 г., едни од најважните закони што ги очекува пратениците за разгледување се предлог-законот за помилување и Законот за вонредна и воена состојба. Според распоредот на владината програма, Собранието треба да усвои предлог-закон за помилување, а со цел да се отстранат недореченостите од членот 11 за „надминување на проблемите во досегашната пракса од оваа област“, односно претседателот на државата да не може по своја волја да ги одбира помилуваните лица. Во ноември, според есенскиот план за работа. треба да следува и Законот за вонредна и воена состојба, кој досега се третираше само во Уставот, а предизвика недоречености со прогласувањето на пандемијата кога Владата не можеше да носи уредби со законска сила.
По враќањето од одмор, пратениците ќе работат по преостанатите незавршени седници, а нова седница ќе биде закажана на средината на септември.
Културата на дебатирање во Собранието и понатаму еродира
Резултатите од извештајот за набљудување што го спроведе Институтот за демократија за периодот од јануари до јуни 2021 година, покажуваат средна оцена на квалитетот на дебатата во Собранието во првото полугодие на 2021 година, која е 5,6, на скала од 1 (најнизок) до 10 (највисок), што споредено со претходниот период на набљудување (август – декември 2020 година 5,5), бележи благо подобрување во нивото на аргументација. Набљудувањето на Институтот за демократија било фокусирано на дискусиите што се однесуваат на точки од собранискиот дневен ред, кои спаѓаат во областите на владеење на правото, човековите права и демократија. Во извештајот се наведува дека поактивни со вклучување во дискусиите биле пратениците од опозицијата, кои учествувале во 63 отсто од набљудуваните дискусии, додека пратениците од власта учествувале во 37 проценти. Најчесто за збор се јавувале и најдолго на пратеничката говорница се задржувале пратениците Панчо Минов и Гордана Сиљановска Давкова. Во овој период на известување, во набљудуваните дискусии не била забележана промена на ставот кај пратениците, ниту поради подобри аргументи кај соговорниците ниту поради други причини. Културата на дебатирање на пратениците во македонското собрание, поткрепена со јасни и цврсти аргументи со кои директно се поддржува застапуваниот став, е на релативно ниско ниво.