Освен за настаните од „27 април“, Работната група за помирување на Интерпартиската парламентарна група за помирување, реформи и интеграција ќе биде во постојано заседание и ќе идентификува и други извори на конфликти кои произведуваат политички кризи, поделби и недоверба, вклучително и на навивачките групи, консензуланоста во развојните владини политики, ЛГБТ, монтирани политички процеси, реформски закони, говорот на омраза, скандалот со прислушкуваните материјали, соработка меѓу локалната и централната власт, кривичниот законик и други форми на конфликти.
Ова денеска го истакна претседателот на Работната група за помирување Зекир Рамчиловиќ по завршувањето на првата седница на оваа подгрупа за која информираше дека учествувале сите членови и дека утврдиле и дека до 5 декември треба да излезат со предлог до Интерпарламентарното тело за реформи, интеграција и помирување.
-Произлегоа многу добри предлози кои сите во пратеничките групи ќе ги продискутираат. Она што е важно ги прецизиравме насоките кон кои ќе се движиме бидејќи е важна оваа политичка одлука. Сите сме за донесување на законско решение со кое ќе започне релаксација на односите во општеството без да се нарушат принципите на владеење на правото. Сметаме дека е потребно сите институции да го стават државниот интерес во дадениот момент, а ги повикуваме и медиумите позитивно да се вклучат во овој процес – нагласи Рамчиловиќ.