Пратеникот од Независни Грци, Танасис Папахристопулос, кој и во минатото јавно изјавуваше дека го поддржува Договорот од Преспа, во интервју за грчката телевизија ЕРТ, го повтори неговиот став дека откако ќе гласа за ратификацијата, ќе го отстапи пратеничкото место.
-Пратеничкото место нема да го отстапам сега, бидејќи партиските линии не се над националните, тоа е мојата проценка. Но, од моментот кога прво ќе биде гласањето доверба, нешто што ми дава комоција, веднаш по Договорот од Преспа ќе го отстапам моето пратеничко место. Не сменив партија – рече Папахристопулос и објасни дека тој не сака да создаде никакви проблеми во пратеничката група на Независни Грци, јави дописничката на МИА од Атина.
Пратеникот од Независни Грци ја оцени како добра и правилна одлуката на грчкиот премиер да побара гласање доверба од грчкиот Парламент.
-Правилен избор е тоа што премиерот бара доверба. Оваа влада треба да заврши со нејзината работа и гласањето доверба, според моето мислење беше неопходен предуслов и секако после е Договорот од Преспа. Мислам дека е правилен чекор што му дава право да оди на избори во октомври – рече Папахристопулос за ЕРТ.
Во изминатиот период, говорејќи за грчките медиуми, тој коментираше дека Договорот од Преспа е историски, треба да биде изгласан од грчкиот Парламент и мора да се затвори долгогодишното прашање меѓу двете земји.