Според извештајот на шведската Агенција за одбранбени истражувања (ФОИ), членките на НАТО не се подготвени во случај на голем воен конфликт. Во извештајот се направени сериозни анализи и процени за воената моќ на Алијансата и на нејзините партнери, наспроти онаа на Русија. Невообичаено отворено, во извештајот од 300 страници, насловен „Западната воена способност во Северна Европа 2020“, се тврди дека Русија би имала предност во случај на конфликт со Алијансата
Дали глобалната корона-криза ја намали функционалноста на Алијансата
Пандемијата внесе дополнителни сомнежи за функционирањето на НАТО, наспроти неодамнешното уверување на Јенс Столтенберг дека коронавирусот не ги загрозува операциите на воениот сојуз, иако генералниот секретар на Алијансата призна дека тие се донекаде изменети. Сега се поставува и прашањето дали пандемиската криза го онеспособи НАТО за тотална војна, што може да се заклучи од новиот извештај на шведската Агенција за одбранбени истражувања (ФОИ) објавен минатата недела. Горливите прашања за НАТО во пандемијата се надоврзуваат на оспорувањето нa Алијансата поврзанo со моделот според кој таа треба да продолжи да функционира, нејзиното финансирање и можноста за справување со надворешните закани. На тој начин повторно се доведува во прашање одржливоста на НАТО.
Алијансата не би имала соодветен одговор во евентуален конфликт со Русија
Членките на НАТО не се подготвени во случај на голем воен конфликт, според извештајот на ФОИ, во кој се проценува воената моќ на Алијансата и на нејзините партнери, наспроти онаа на Русија, пренесува „Еурактив“. Во извештајот од 300 страници, насловен „Западната воена способност во Северна Европа 2020“, се тврди дека Русија би ги совладала балтичките држави за неколку дена, бидејќи одговорот на НАТО би бил премногу бавен. Русија, наводно, би имала предност на теренот и поради големата распространетост на силите на НАТО, како и поради разликите во нивните воени капацитети и недоволната заедничка обука. Истражувањето заклучува дека таков конфликт против членките на НАТО, сојузниците или државите на ЕУ не е веројатен, но оти евентуалната стратегиска закана или пригода за промена на тежата на силите би можело да ја сменат ваквата состојба. Во извештајот се наведува дека безбедносните гаранции од заедничката одбранбена политика во рамките на Лисабонскиот договор на ЕУ „остануваат политичка декларација во која недостигаат соодветно планирање или воени структури за одбрана од оружен напад“. Изнесено е и мислењето дека Русија би ги спречила Финска и Шведска да му се придружат на НАТО со закана за воена акција или за користење нуклеарно оружје.
Кога ние влеговме како полноправна членка, зошто токму сега сомнежи за НАТО?!
Американскиот историчар и аналитичар Ерик Зуес ги оспорува заклучоците во извештајот на ФОИ бидејќи, како што наведува во неговата колумна објавена од „Модерн дипломаси“, во него се анализира само можноста за конвенционална војна, односно целосно е игнорирана можноста за користење на нуклеарното вооружување. Тој затоа го поставува прашањето дали губитничката страна во конвенционалната војна помеѓу НАТО и Русија би го прифатила поразот наспроти можноста за блиц-нуклеарен напад на противникот. Зуес смета дека НАТО по завршувањето на Варшавскиот пакт претставува своевиден механизам за тотална нуклеарна војна, што е во спротивност со националната безбедност на земјите-членки на Алијансата, кои со самото членство неизбежно би биле дел од бојното поле и тоа би ја принудило Русија да цели кон нив во евентуален конфликт. Зуес наведува дека единствениот чекор напред за земјите во НАТО е да се повлечат од Алијансата и да ги охрабрат и другите членки и партнери да го сторат истото тоа, со намера да му се стави крај на НАТО што, според авторот, требало да се случи со крајот на Варшавскиот пакт во 1991 година.
– Конечен крај на Студената војна.
НАТО, американската воена алијанса против Русија, едноставно е механизам за трета светска војна. Ставете му крај. Не е доцна да се стори тоа дури ниту откако изминаа 30 години од 1991 година. Но, можеби, 31 година би било предоцна. Затоа тоа мора да биде сторено сега, без дополнителни одложувања. Или НАТО ќе заврши, или тоа ќе биде крајот на сите нас – заклучува Зуес во неговата колумна насловена „Зошто е особено важно сега да му се стави крај на НАТО“.
Извесно е дека НАТО ќе продолжи да се соочува со сомнежи и со прашања за неговите капацитети, особено додека светот не се избори со пандемијата, а на светските лидери им останува да пронајдат решение за одржливоста на Алијансата, наспроти многубројните предизвици за безбедноста, справувањето со надворешните закани, заедничката соработка на членките и за финансирањето. С.Н.М.