Од Министерството за труд и социјална политика велат дека од направената компаративна анализа на податоците за периодот јануари – јуни 2019 и истиот период годинава, процентот на зголемување на жртвите на семејно насилство во 2020 година е за 7,4 отсто поголем во споредба со истиот период од 2019 година
Отворени 16 специјализирани сервиси за жени жртви на семејно насилство
Од почетокот на пандемијата наваму во земјава се регистрира пораст на бројот на жртвите на семејно насилство. Според регистрираните случаи, и натаму најмногу насилство трпат жените. Тие се жртви на насилство најчесто од своите брачни партнери. Од Министерството за труд и социјална политика велат дека од направената анализа на податоци за периодот јануари – јуни 2019 и 2020 година, процентот за зголемување на жртвите на семејно насилство во 2020 година е за 7,4 отсто поголем во споредба со истиот период од 2019 година. Или годинава во периодот од јануари заклучно со јуни се евидентирани 824 жртви на семејно насилство, од кои 611 се жени, 140 мажи и 73 деца. Од Министерството за внатрешни работи, пак, регистрирале и убиства и обиди за убиства при извршување семејно насилство. Во периодот од 10 март до 31 јули 2020 година се регистрирани три (во споредба со две во 2019 година) кривични дела „убиство при вршење семејно насилство“, за кои се пријавени тројца (во споредба со двајца во 2019 година) сторители. Во кризниот центар „Надеж“, здружение на граѓани за заштита на жртви од семејно насилство, велат дека од април наваму, веднаш по почетокот на пандемијата, во земјава бројот на телефонските пријави за семејно насилство пораснал и, ако во февруари годинава имале по 30 телефонски повици месечно, веќе од април нивниот број се зголемил на 40 повици во еден месец, а бележат и зголемен број онлајн поплаки. Додаваат дека најчесто жртвите се материјално необезбедени жени, кои економски се зависни од сопружниците, од кои некои со години и децении трпат насилство. Таков е примерот на жена жртва што по дваесет години брак го пријавила насилството од сопругот откако тој насилно почнал да се однесува и кон нивната шеснаесетгодишна ќерка.
– По однос на статистичките податоци за новоевидентирани случаи на семејно насилство, Министерството за труд и социјална политика информира дека собира збирни статистички податоци на квартално ниво од 30 центри за социјална работа на територијата на Република Северна Македонија. За да се даде соодветна анализа на податоците, се прави споредба на кварталните податоци од изминатата и оваа година. Од направената анализа на податоци за периодот јануари – јуни 2019 и 2020 година, процентот на зголемување на жртвите на семејно насилство во 2020 година е за 7,4 отсто во споредба со истиот период од 2019 година. Инаку, Центарот за социјална работа е првостепен орган, кој постапува по однос на пријавата, заштитата и постапката за жртви на семејно насилство. По однос на јавувањата, односно пријавувањето за семејно насилство, најмногу барања имаше на територијата на градот Скопје – информираат од Министерството за труд и социјална политика.
Во Центарот за лица жртви на семејно насилство, таканаречените засолништа, жртвата, покрај згрижување, добива заштита, психосоцијална помош и поддршка, третман за надминување на траумата. Но исто така ѝ се дава правен совет, меѓу другото и за нејзино вклучување во активните мерки за нејзино вработување, за вклучување во пазарот на трудот и постигнување финансиска независност и други услуги во зависност од нејзините потреби.
Од Министерството за труд и социјална политика информираат дека имаат отворено 16 специјализирани сервиси за жени жртви на семејно насилство во седум плански региони на територијата на Република Северна Македонија и истите тие функционираат како организациски единици на месно надлежниот центар за социјална работа.
Помош на жени жртви од семејно насилство дава и тимот составен од стручни лица кој функционира во кризниот центар „Надеж“. Тие велат дека за нив било очекувано дека за време на пандемијата ќе има зголемен број пријави, поради физичкото присуство во домот, неодењето на работа и кога насилникот е тука и има зголемена нервоза.
– Можам да кажам дека од април наваму семејното насилство се зголеми за 30 отсто, толкав е процентот и во однос на лани во истиот период и нашите статистики се поклопуваат со оние на СВР-Скопје за зголемено семејно насилство за 30 отсто. Најчесто жртви на семејното насилство се жените, кои трпат физико малтретирање. Имавме случаи кога две мајки беа малтретирани од своите синови, зависници од опојни дроги. Едната жена беше инвалид и се движеше со патерици, а синот пред неа консумирал опојни дроги. Ја чекал нејзината пензија и кога ќе нема пари, ја тепал. Исто така имаме жени жртви на семејно насилство што физички се малтретирани од нивните сопружници. Ние ги згрижуваме жртвите на семејно насилство на 48 часа и од нас ги преземаат центрите за социјална работа и полицијата.
Многу од жените само го напуштаат домот и не поднесуваат пријави или доколку поднеле ги повлекуваат, најчесто исплашени, под притисок и економски зависни од сопрузите. Имавме и мажи што пријавиле семејно насилство, но не од сопруга, најчесто поради имотноправни причини, нерешени имотноправни односи помеѓу брат и сестра и слично – објаснува Маја Дилберова, претседателка на кризниот центар „Надеж“, здружение на граѓани за заштита на жртви од семејно насилство.
Во овој центар може да се сместат седум-осум жени, а понекогаш, ако е потребно, и двојно повеќе. Од здружението велат дека проблемот со семејното насилство е константно присутен и ако нема телефонски јавувања, има СМС, на кои одговараат и им кажуваат кои им се правата за заштита. Информираат дека и по стотина совети и препораки даваат и преку социјалните мрежи.
За зголемување на семејното насилство и пораст на бројот на жртви информираат и од МВР.
– Во периодот од 12 март до 3 август 2020 година се регистрирани 411 кривични дела за кои се пријавени 425 сторители, потоа се регистрирани 186 прекршоци за кои се пријавени 200 сторители. Во истиот период се регистрирани 1.606 поплаки за кои се пријавени 1.665 сторители. Што се однесува до прашањето за регистрирани убиства и обиди за убиства при семејно насилство, во периодот од 10 март до 31 јули 2020 година се регистрирани три (во споредба со две во 2019 година) кривични дела „убиство при вршење семејно насилство“, за кои се пријавени тројца (во споредба со двајца во 2019 година) сторители. Во истиот период е регистрирано едно кривично дело „убиство при вршење семејно насилство во обид“, за кое е пријавен еден сторител. Во истиот период од претходната година не е регистрирано кривично дело „убиство при вршење семејно насилство во обид“ – велат од МВР.